Интервју со Божидар Димовски, маркетинг менаџер во Рептил маркети

Купувањето и доставата на производите до дома не е новитет. Дури постојат и куп сервиси кои доставуваат производи од продавници. Еден од најпопуларните стартапи Uber, заедно со куп продавници има заеднички сервис за достава на храна до дома. Сепак кај нас ова не е воспоставена пракса, а Reptilmarketi се едни од ретките кои на своите купувачи им овозможуваат достава на производите. Поради ова зборувавме со Божидар Димовски, дел од тимот на овој ланец маркети.

Од каде идејата и потребата вашите физички маркети да ги надополните и со онлајн дестинација? Проект базиран на желба за иновација или реална потреба?

Рептил маркети се присутни повеќе од 20 години на пазарот и со тоа имаме стекнато големо искуство за потребите и побарувања на купувачите. Покрај 13–те маркети, Рептил не застанува тука… Ја пратиме динамиката на брзиот живот и недостатокот на време па затоа отворивме нова можност за купување. Он-лајн купувањето на reptilmarketi.mk е прекрасна можност за сите кои сакаат повеќе време да поминат со семејството, пријателите. Овој тип на услуга е наменет и за постарите лица на кој излегувањето од домот им е се потешко. Едноставно додека сте на Вашето работно место или во домот можете да ги нарачате сите потребни производи кој ќе Ви бидат доставени на адреса и тоа време кое Вие ќе го одберете.

Колку долго постои можноста за онлајн плаќање и достава до дома, какo поточно функционира истата?

Он-лајн сервисот на ланецот маркети „Рептил“ reptilmarketi.mk, започна да фунционира активно пред неколку месеци и веќе е вистински хит! Прво што треба да направи купувачот е креирање на личен кориснички профил на нашата он-лајн продавница. Целата процедура на регистрирање и вршење на нарачка е едноставна и се одвива во неколку чекори. Откако купувачот се регистрирал треба да се логира на веб страната користејќи го корисничкото име и лозинка која ја одбрал при креирање на личниот профил. Упатството може да го погледнете на следниов линк.

Во reptilmarketi.mk има над 4.000 артикли. Откако ќе ја наполни дигиталната кошничка, купувачот сам си одбира временски период кога посакува да му биде доставена нарачката. Најбрзата испорака е максимум до два часа. Освен што можат да се достават купените производи, купувачите имаат уште една можност, нарачката и плаќањето да ги завршат он-лајн, а потоа сами да си ja подигнат нарачката со спакувани производи, а со тоа го избегнуваат трошокот за достава. И во овој случај повторно се заштедува на време затоа што купувачот не мора да оди низ маркетот и да одбира производи. Сакаме да напоменеме дека купувачот може да ги користи сите акциски понуди со намалени цени и со он-лајн купувањето. Во овој случај паралелно купувачот штеди и време и пари.

Зошто купувачите може да имаат доверба во системот? Како е решен проблемот со нарачката и доставата?

Стандардите на Рептил маркетите се секогаш задоволни купувачи и најдобра услуга во градот. Истите принципи се применети и во работењето на он-лајн маркетот reptilmarketi.mk. Целиот систем и процедура на работење е подолг период тестиран за да се надминат сите технички недостатоци. Платформата која се користи е изработена на највисоко ниво и по функционалност и капацитет може слободно да се спореди со најголемите светски он-лајн продажни сервиси. По завршување на електронското купување листата на купени производи производи автоматски пристига до одговорното лице кое нарачката ја процесира до централниот магацин на Рептил. Откако сите производи ќе се спакуваат пратката со производи ја подига Post Express www.postexpress.mk специјализирана фирма за дистрибуција и ја доставува на точна адреса и точно време кое го одбрал купувачот. Самите купувачи кои веќе ја искористиле услугата и стануваат нејзини задоволни корисници и продолжуваат да не препорачуваат.

Кое е досегашното искуство? Имавте ли проблеми кои не ги предвидовте на почетокот?

Бидејќи се работи за специфичен проект, долго време се спремавме и користевме консултации и едукација од реномирани стручни лица и затоа генерално немавме проблеми. Знаејќи за предностите на reptilmarketi.mk голем број купувачи кои прв пат пристапуваат на веб страната се плашат да не постапиле погрешно и се јавуваат и прашуваат дали правилно постапиле, меѓутоа тука е техничко лице кое им стои на располагање за регистрација и прво купување. Откако купувачите ќе видат дека се работи за едноставно и лесно функционирање на системот, за неколку дена повторно реализираат нови он-лајн купувања. И истите тие купувачи кои на почетокот ни се јавуваат, стануваат наши најверни купувачи и редовно не препорачуваат кај своите пријатели.

Има ли интерес од страна на купувачите бидејќи сепак имате активна маркетинг кампања?

Интересот од ден на ден се повеќе се зголемува. Нашата цел е да информираме и да поттикнеме што поголем број на корисници. Брзото темпо на живот и многубројните обврски оставаат се помалку време за купување, тоа е и поентата, времето за купување во маркет да го искористите за уживање со фамилијата или пријателите затоа и лого типот на кампањата е “Рептил до дома”, а слоганот е “Заштедете време и уживајте”. Купувачите кои ќе се регистрираат и ќе ја направат првата нарачка добиваат гратис ваучер од 100 денари за достава.
Интересот за он-лајн продавницата reptilmarketi.mk расте и поради фактот што “Рептил“ врши достава низ цела Македонија.

Кој повеќе купува од дома, постарите или помладите генерации?

Он-лајн маркетот reptilmarketi.mk е едноставна и лесна платформа за користење и без проблем може да ја користат сите возрасти. Компаниите беа првична таргет група на „Рептил“, а сега подеднакво застапени корисници се и физичките лица. Повозраните лица и пензионерите ни се една од главните целни групи купувачи, сакаме да им го олесниме купувањето и да им помогнеме да не ги напуштаат домовите кога времето е многу топло или температурите се под нулата. За жал поради непознавањето на работа со компјутери или андроид телефоните, тие не ги оправдаа нашите очекувања. Меѓутоа има многу интересни ситуации кога синовите и ќерките купуваат за нивните повозрасни родители и бараат да се испорача на нивната адреса.

Може ли да ни кажете нешто повеќе за технологиите искористени на сајтот? Како е интегриран сајтот со вашиот интерен систем со цел да се осигура достапност на производите?

За креирање на целокупното OmniChannel решение (кое вклучува интегрирани e-commerce веб страница, mobile commerce, B2B опции, ЦРМ и лојалност за редовните клиенти, контрола на залихи, промоции и акции, интеграција со НЛБ банка, интеграции со социјалните мрежи и многу други опции) користени се последни модерни технологии и продукти од фамилијата на Microsoft Dynamics и други продукти на Microsoft како што се SQL Server, Net & Visual Studio, script јазици итн. Целата платформа што ја користиме е базирана на SaaS моделот, каде партнерот со кој соработуваме со грижи за хостирањето, сигурноста на податоците и пристапот на нашите он-лајн клиенти, а воедно имаме и 24/7 поддршка од фабрикантот. Во стандардните модули на решението постојат опции за импортирање на мастер-податоците и нивното константо ажурирање, специфични за работата на сајтот како посебен канал на продажба. Додатно, имаме модули за дополнителна манипулација на податоците (нивелации на цени, акции, понуди, попусти и слично, промени на статичните информации на продуктите како описи, декларации, класификација, итн.), специфична за retail индустријата, посебно за присутноста на нашите производи он-лајн. Постирањето на нов производ он-лајн е со само еден клик, секако со претходна припрема на продуктот (слики и илустрации, кодификација и класификација, цени и слично). Како повратна информација спрема интерниот систем, постојан голем број на вградени извештаи за он-лајн продажбите, кои можеме да ги добиеме во неколку различни формати компатибилни со Microsoft Office / Windows платформата.

Што очекувате и кои се вашите планови во иднина?

Веќе имаме одредени идеи и се спремаме за апликација за андроид телефон. Целта ни е да направиме апликација која ќе биде едноставна за користење, за да стане уште подостапна за повозрасните корисниците или за корисници кои немаат искуство со он-лајн купување. Сакаме апликацијата да функционира со што помало инволвирање на човечки фактор и автоматски да го информира купувачот за неговата нарачка, кога ја превзема возачот, за колку време ќе пристигне и пратката е пред Вашата врата. Сакаме да ја надополниме апликацијата со рецепти за приготвување јадења и кога на корисникот ќе му се допадне некој рецепт, тој може да избере да ги купи производите кои му се потребни за приготвување и да ги купи за потоа да му бидат доставени до дома. Нашето мото “Компанија со најдобра услуга во градот” за сигурно станува императив и во новата он-лајн услуга.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk