По неколку години нагаѓање и шпекулации, Intel конечно објави кога ќе им се приклучи на AMD и Nvidia во продажбата на графички картички. Во следниот период очекуваме многу повеќе информации за перформансите и цената на првите дискретни графички картички на Intel.
Веќе од поодамна знаевме дека дискретните графички картички од Intel ќе доаѓаат под името ARC. Први излегуваат картичките за лаптоп компјутери и тоа веќе од ова тримесечје. Тие што чекаат графички за десктоп компјутер ќе мораа да продолжат да бидат трпеливи; Intel ги најави десктоп графичките картички за следното тримесечје. За третото тримесечје на 2022 е најавено излегувањето на Intel ARC графички картички за работни станици. Податоците се потврда на информацијата дека продажбата започнува на почетокот на 2022 година, која Intel ја сподели на Intel Architecture Day.
Компанијата во своето обраќање до инвеститорите објави и дека е започната работа на архитектурата Celestial наменета за ултра-ентузијастите. Celestial ќе биде трета генерација на графички картички од Intel. Alchemist е првата и актуелна генерација на графички картички кои ќе бидат достапни од оваа година. Втората генерација на која веќе се работи, доаѓа под името Battlemage.
Очекувањата на производителот се дека во 2022 година ќе продаде над 4 милиони дискретни графички картички. Ова е вкупна бројка за сите сегменти, лаптоп, десктоп и работни станици.
Од претходно необјавените, и непознати вести, Intel го откри Project Endgame. Станува збор за „графичка картичка како сервис“, услуга кој треба на корисниците да им овозможи врвно искуство. Иако најавата е дека сервисот ќе биде достапен од оваа година, досега не знаевме ниту дека постои. Очекуваме повеќе информации за ова во идина, а секако ќе биде интересна споредбата со сличниот сервис од Nvidia – GeForce Now.
Со излегувањето на графичките картички кои може да го очекуваме следниот месец, стануваат поинтересни и перформансите на картичките. За жал ѝ натаму нема официјални информации за можностите на картичките. Најголем дел од вестите кои се појавија досега се протечени бенчмарк тестови или пронајдени слајдови од презентации за кои нема никаква потврда дека се веродостојни. Исцрпна и актуелна листа протечени информации за перформансите на графичките од Intel може да погледнете на Gpumag.
Доколку се точни, дел од тестовите оставаат простор за оптимизам. Видеоиграта Ashes of Singularity од 2016 година, се користи и како бенчмарк тест. Тестови на неидентификувана Intel Xe графичка картичка покажуваат дека на „medium“-нагодувања сo 12-та генерација Core i9-12900K процесор постигнува 126FPS. Перформансите се доволни за оценка 12600.
Тест на SiSoftware открива нешто повеќе детали. Ако податоците кои се споделени се точни, графичката доаѓа со 512 Xe-јадра и фреквенција 2,1GHz. Вкупната оценка на тестот е 9,017 MPix/s. Ова е побрзо од Nvidia RTX 3070 Ti.
Ако судиме по протечените тестови, хардвер ентузијастите имаат причина за оптимизам. Сепак остануваат отворени повеќе прашања: Колку Xe-јадра ќе имаат картичките? Колку видеомеморија? Колкаво напојување ќе биде потребно? Веројатно она што сите со нетрпение го очекуваме е да ги видиме перформансите на картичката во видеоигрите и какви можности ќе нудат таму. За среќа нема да мора да чекаме долго.