Ова е гостински текст на организаторите на иницијативата за продолжување на образобанието во време на пандемија на Ковид-19.
Ненадејното доаѓање на коронавирусот изврши прекин во образовниот систем како превентивна мерка за спречување на понатамошното ширење на истиот. Иницијално прекинот е од времетраење од две недели, но ништо чудно истиот да биде продолжен на неодредено време, што може и да се поклопи со летните одмори. Поради големиот временски период кој треба да се надокнади ќе биде тешко часовите да се одржуваат во периодот на летните одмори од јуни до први септември.
Со цен да се минимизираат загубите на часови, група ентузијасти се собраа и направија предлог решенија кои Владата може да ги употреби да се продолжи со часовите, со користење на информациски комуникациски технологии (ИКТ) за одржување на истите.
Предлозите се состојат во одржување на часовите електронски, преку интернет, со користење на уреди кои голем дел од населението ги имаат, како на пример лаптопи, компјутери и секако, мобилни телефони.
Решението предлага користење софтвер за групен текст разговор или групни повици кои може да се модерираат; каде наставниот кадар би презентирал наставни содржини и би давал домашни задачи и потоа со користење на софтвер за тестови би можел да го проверува стекнатото знаење.
Досега вклучените предлози се бесплатни за користење и можат многу лесно да се конфигурираат за онлајн образование, иако не се наменети за таа цел и имаат свои недостатоци. Алтернативата е примена на специјализиран софтвер, што би траело доста време во имплементација и обука за едукација на наставниот кадар – време кое во моментов истекува.
Предлогот идентификува и дополнителни ризици како што се немање никаква реакција од министерството, немање уреди и интернет на одреден процент од населението и други ризици.
Во продолжение е линк до документот со предлози.
Ги покануваме граѓаните и компаниите да го прочитаат текстот и се вклучат со свои предлог решенија или да понудат помош во опрема, финансии и ангажман. Овие предлози и понуди ќе станат дел од документот. Упатства како да се додадат овие предлози се опишани во самиот документ.
Ги повикуваме сите граѓани, МОН, општините и Владата да ги разгледаат овие предлози во интерес на образовниот систем.
Очајни времиња бараат очајни мерки – Хипокрит.
Времињата во кои се наоѓаме дефинитивно се квалификуваат како очајни, но предложените мерки за продолжување на образованието воопшто не се очајни. Со малку напор и тренинг образовниот процес во државава не мора да запре, туку напротив може да дојде во нова ера.
Ова е гостински текст на организаторите на иницијативата