Indika е експериментална игра со несекојдневни механики и трогателна приказна

Патот до пеколот…

Indika e експериментална игра со силни наративни елементи. Надреално истражување на преубавите руски околини од дваесетиот век е мајсторски испреплетено со предизвикувачки загатки, впечатливи дијалози и бизарна интерактивна приказна. Играта на Odd Meter, го следи патешествието на младата калуѓерка Индика.

Подложна на длабоко психолошко растројство, угнетувачки внатрешни битки и мазохистичка грижа на совест, Индика е девојка која никако не може да се вклопи во монотониот манастирски живот. Серија од настани, меѓутоа, ќе ја вовлечат калуѓерката во трансформативно патување кое се заканува да ги сруши сите нејзини вредности и да ја принуди дополнително да ја преиспитува не само нејзината егзистенција, туку и егзенстенцијата на целиот човечки род.

… е поплочан со најдобри намери

Indika не е добра игра. Indika е одлична игра; едно од најпријатните изненадувања за 2024 година. Се работи за преубава и трогателна приказна која не остави скршени и емоционално истрошени на самиот крај. Пораката која Indika ја остава на само моменти пред крајот е бизарна, брутална и до тој степен шокантна да нема да можете ниту лесно да се соземете, ниту пак исто да гледате на целиот концепт поврзан со длабоки лични и религиозни убедувања.

Кога ќе се постават вака работите, едноставно не знаеме од што да бидеме повеќе импресионирани: дали од графиката која ги прикажува локациите, анимациите и осветлувањето крајно реалистично? Или пак од феноменалната глума која целосно ни ги провлече под кожа главните ликови? Или пак од паметно осмислените загатки кои не беа тука вештачки да ја развлечат должината на играта, туку беа инструментални во засилување на бизарниот наратив? Indika е чедо на огромен талент, љубов и разбирање за реткиот талент кој е потребен да се раскаже приказна од уникатен карактер.

Доколку отсекогаш сте сакале приказни кои имаат силни филмски моменти и невообичаени начини за раскажување приказна, тогаш дефинитивно би требало да го проверите чедото на издавачот 11 bit studios.

И покрај сите позитивни работи, би сакале повеќе време да се дружевме со Indika. Навистина е штета што толку многу време и енергија е посветено на градење еден феноменален свет кој ви „удира клоца“ по само неполни четири часа.

На почетокот дознавате дека никој не ја сака Индика во манастирот. Но зошто и како? Освен една лична ситуација и кратко, срамежливо прераскажување на две дополнителни, играчите нема да бидат способни точно да разберат како е можно една слатка, културна и повлечена девојка како Индика да биде целосно и максимално отфрлена од сите останати.

Сметаме дека на одредени работи требало многу повеќе време да им се посвети, да се прошират и надополнат одредени клучни сцени во играта, особено односот помеѓу ѓаволот, девојката и Илија. Крајот особено делува избрзан, особено начинот на кој се третираат двата главни ликови.

Тука и таму, ќе навлегувате и во мини игри – ретро-инспирирани ситуации кои даваат важни детали за Индика и за тоа како одредени одлуки ја имаат доведено во манастирот. Иако ни се допадна ваквото неозбилно и бизарно разбивање на главната тема, се најдовме во ситуација да сакаме побргу да поминеме низ одредени делови само за да можеме да го продолжиме патувањето на Индика. Но, би сакале да потенцираме дека никако не се ни тие за потценување, особено кога ќе се земе во предвид наративната моќ на последната таква мини игра.

Нашата последна, ситна забелешка се однесува на оптимизација на играта. Првите 90% од играта, чија перспектива е во трето лице, се одлични оптимизирани и без проблем се „давевме“ во преубавата графика со стабилни 60 фрејмови во секунда. Последните 10% се играат во прво лице, но „играње“ е многу јак збор. Заземајќи форма на целосен Walking Simulator, во тие последни моменти, фрејмовите паѓаа на 20, што само уште еднаш ни потврди дека се брзало со играта и не се посветило доволно време на правилна оптимизација. Разбираме дека да се смени перспективата е паметна креативна одлука, но имерзијата значително се крши кога движењето низ играта станува едвај функционално.

Несовршено совршенство!

И покрај сите овие забелешки, Indika и понатаму останува за нас како една од најдобрите, ако не и најдобрите, наративни остварувања. Независно од причината поради која би започнале да ја играте Indika, ќе останете во неа поради преубавите сурови околини, харизматичните ликови, паметно-осмислените загатки… и, најсветката точка од сите нив – приказната!

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments