Immortals of Aveum e милитаристичка FPS во магично опкружување

Call of Duty непредизвикано пали и жари на сите фронтови и тешко дека некој ќе се осмели да го турне од врвот на милитаристички FPS остварувања. Но, COD фановите кои се целосно импресионирани од single player кампањите, a бараат алтернатива во магичен свет на епска фантазија, би можеле да ги насочат нишаните кон Immortals of Aveum. Ова е игра која ќе се потруди да ве вовлече во политички интриги, бројни филмски меѓу-секвенци и уникатен гејмплеј кој се простира низ релативно долга кампања.

Immortals of Aveum е игра која ги дели критичарите со хирушка прецизност и, или сте одушевени од играта или ја сметате за промашена можност. Секоја категорија, независно дали приказната, гејмплејот или дизајнот на мапите, или се величат до небо од едни, или пак се критикувани до бесвест од други.

Што мисли светот за Immortals of Aveum?

Добра за едни….

Impulsegamer ѝ дава на играта максимум од 100 поени и ја величи играта како „забавен и преубав спектакл“ и топла препорака на сите FPS гејмери кои сакаат свеж наслов. За 10 поени подолу, Noisy Pixel ја наградува Immortals of Aveum со 90 поени и вели дека играта се истакнува со одлична приказна, контроли и аудио дизајн, се со цел да понуди епска авантура, а PlayStation Universe ѝ дава 80 поени и смета дека е забавен магичен шутер кој го зема одличното аркадно пукање од DOOM и го комбинира со забавно истражување и решавање загатки. На иста бранова должина е и Game Informer и смета дека овој модерен шутер одлично комбинира елементи на фантазија, впечатлива нарација и забавно истражување.

… но, лоша за други

Не е се така сјајно и PCMag ѝ дава само 60 поени и иако не негира дека Immortals of Aveum има одлична графика и гејмплеј, смета дека приказната и загатките не се на доволно високо ниво. Со ист број поени, VG247 сметаат дека играта не може да ја достигне величината која беше препознатлива со култните хитови како Bullestorm и Wolfenstein. Gamespot, од друга страна, одбиваат да ѝ дадат повеќе од 50 поени и се на мислење дека приказната е полу-печена, а биткити и системот со боите станува исклучително здодевен во втората половина од играта. Eurogamer дава само 40 поени и смета дека мешањето репетитивен, непрецизен систем со битки со здодевни ликови и неинспиративен лор е лоша комбинација.

Што мислиме ние за Immortals of Aveum?

Ние дефинитивно припаѓаме на првата категорија. Од првите до последните минути уживавме во приказната, одличната глума и забавните гејмплеј механики. На PS5, Immortals of Aveum е флуиден продукт на брза, импресивна и имерзивна филмска акција. Преубавите графички раскоши и впечатливи епски битки заедно со динамичната музичка подлога допринесоа целосно да се потопиме во имерзивниот свет кој не се плаши да понуди на гејмерите нешто поразлично!

Вечната битка на боите!

Во Immortals of Aveum, пет кралства се борат за контрола над магичната сила која го обликува светот. Вие играте со Џек, сирак за кој, по низа трагични настани, се открива дека може да ги контролира сите три форми на магијата. Поставувајќи се во редовите на елитните војни волшебници кои се викаат Immortals, Џек учи како да ја користи магичната сила, но и го бира моментот за неговата освета. Осветата не е единствената двигателна сила во Immortals of Aveum, и личната драма на едно лице мајсторски се испреплетува со политички настани кои директно влијаат на вечното траење на војната.

Immortals of Aveum е линеарна игра. Како таква, сведоци сте на настани кои значително го менуваат правецот на приказната и ги прикажуваат ликовите во светла кои не би можеле да ви се допаднат. Но, добрата глума, во комбинација со одличната музичка подлога константно го охрабруваат играчот да продолжи со играњето и да види како се одмотува заплетот, дури и кога не го одобрувате она што се случува (од страв да не ви го расипеме искуството, не кажуваме ништо повеќе!).

Immortals of Aveum супериорно ја прикажува богатата историја на светот и неуморно ве опсипува со дополнителен лор. Ни се допаѓа и тоа што константната закана од војната и бројните мрачни настани вкусно се разбиваат со релативно-успешни шеги и паметни дијалози. На овој начин, приказната добива посветла и, на моменти, хумористична димензија каде не е се така црно. Ова, меѓутоа, е меч со две оштрици и одредени критичари не беа импресионирани од бројните досетки и дофрлувања на Џек.

Immortals of Aveum е изненадувачки долга игра

Доколку сакате да поминете низ сите аспекти на Immortals of Aveum потребна е временска инвестиција од дваесеттина часа и впуштање во забавна комбинација од битки, загатки и истражување.

Во поглед на битките, Immortals of Aveum се однесува како милитаристички шутер кој ги има заменето огнените оружја со магични ракавици. Плавата ракавица игра улога на пиштол или пушка и ви дозволува да ја концентрирате магијата во прецизни магични напади од подалеку, додека црвената ракавица исфрла магични проектили на сличен начин како сачмарката, или фрлач на гранати. Третата, зелена ракавица е комбинација од SMG и митралез.

Уште на самиот почеток забележувате дека непријателите диктрираат каква ракавица да се користи и едни непријатели можат да се уништат само со плава магија, други само со црвена, а трети со зелена. Поради тоа, потребно е постојано да скокате од ракавица до ракавица, да избегнувате напади и да користите дополнителни моќи како магичен камшик, штит или камено разбранување на сѐ што е пред вас!

Во потрагата по ефикасна деструктивност, можете да користите и дополнително надградувате нараквици и прстени. Паралелно со ова, имате и детално дрво со пасивни вештини кои, со понатамошна инвестиција, знаат да ве направат значително посилни и поиздржливи.

Приказната во Immortals of Aveum се одвива низ огромен и детален свет поделен во неколку различни зони. Непријателите се разнолики и предизвикувачки. Константно бараат од вас да сте во движење, да скокате од една до друга страна, да лебдите или да се залетувате на страна, да имплементирате штитови, да гледате кој каде се наоѓа и да ги менувате ракавиците. На почетокот, кога бројот на непријателите не е премногу голем и разнолик, предизвиците се забавни, а шансите за исфрустрираност исклучително ниски. Вториот дел од играта меѓутоа, често ве фрла во поотворени области и со значително повеќе непријатели. Во вакви ситуации, битките стануваат значително хаотични, поставувајќи ве во избезумена потреба за флуидно движење и прецизно, правилно користење на ракавиците. Бидете малко деконцентрирани и лесно можете да ја изгубите битката, особено при соочување со некој од босовите.

Откако ќе поминете низ некоја област, тоа не значи дека и сте завршиле со неа. Низ играта, постојано отклучувате нови способности и се охрабрува навраќање низ претходни места за да видите дали со штотуку-стекнатата способност ќе можете да отидете во претходно недостижно место, да откриете некоја тајна или пак да исчистите предизвикувачка соба. Загатките не се премногу предизвикувачки и се тука првенствено да ја разбијат динамиката од битките и да понудат малку поразлична функција на магичните ракавици и способности.

Кога ќе се земе се во предвид, Immortals of Aveum е импресивно и впечатливо остварување кое од срце го препорачуваме на сите што сакаат да поминат низ свежа и забавна FPS авантура. Доколку одсекогаш сте сакале милитаристички игри, но од значително поразлична перспектива, ова е игра која ќе знае како да го награди вашето внимание.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Ascendant Studios
  • Издава: Electronic Arts
  • Жанр: FPS, акциона авантура, еден играч
  • Платформа: Microsoft Windows, конзоли
  • Излезена на: 22 август 2023

Оценка

  • Вкупна оценка: 9.5
  • Приказна: 9
  • Гејмплеј: 9
  • Графика: 10
  • Звук и музика: 10

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk