Кога станува збор за продажба електронската пошта е најкорисната алатка за маркетинг, покорисна и од друштвените мрежи. Бројот на корисници кои компаниите ги придобиваат преку електронска пошта е четирикратно зголемен во последниве четири години и сега достигнува околу 7 отсто, покажува анализата на Custora.
Друштвените мрежи засега се без значителен резултат кога станува збор за продажба, а сè уште најголем успех имаат соодветни резултати од пребарувањата од каде доаѓаат речиси 16 отсто од корисниците. Веднаш зад пребарувањето се CPC (cost per click) рекламите со околу 10 отсто раст.
Корисниците кои пристигаат преку пребарувањето имаат најмногу шанси (над 54 отсто од просекот) да останат подолго на сајтот на компанијата и да се заинтересираат за нејзините услуги. Над просекот се и корисниците кои доаѓаат од CPC, 37 отсто, и од електронска пошта, 12 отсто. Корисниците пак кои доаѓаат од Twitter имаат дури 23 отсто „помала вредност“ од просекот, што може да се должи на пристап кон услугите или производите кога има поволности при купувањето, објаснува Custora.
Анализата на Custora е направена врз основа на 72 милиони корисници кои посетиле 86 различни електронски продавници. Следени се корисници кои пристапувале од електронска пошта, Twitter, Facebook, Google и слично, и нивните шопинг навики во период од две години. Анализата го покажува единствено последното место од кое се пристапува до продавниците, ова значи дека анализата на местото од каде првпат е заинтересиран корисникот може да покаже значително поразлични резултати.









