HYPERVIOLENT 1.0: Брутално враќање во златната ера на шутерите

во гејминг

Особено ни е мило што во последниве неколку години, гејминг индустријата доживува нешто слично на ренесанса на ретро FPS игри. Нема крај на таканаречените бумер шутери, што ни е особено мило. HYPERVIOLENT е еден од таквите наслови, носејќи со себе не само носталгија, туку и модернизиран пристап кон класичната формула. По одреден период во Early Access, играта конечно ја достигна својата целосна верзија 1.0, заокружувајќи ја приказната и нудејќи ви комплетно и исполирано искуство. Доколку никогаш не сте ја провериле играва, сега е одлично време за интензивен, хорор-инспириран и неверојатно насилен FPS кој покажува силно почитување на корените.

Приказната ве фрла во улога на оперативец кој одговара на повик за помош од далечната рударска колонија на астероидот Commodus 27-C. Наместо спасувачка мисија, ве пречекува апсолутен хаос. Жителите на станицата се претворени во крволочни чудовишта, а вие останувате заробени и отсечени од секаква комуникација. Вашата задача е да преживеете низ лавиринтските ходници на рударскиот комплекс и да ја откриете мистеријата зад ова лудило. Античко зло, разбудено од човечката алчност за ресурси, демне длабоко во рудниците, а неговото влијание се шири како зараза. Играта успешно ја гради атмосферата на изолација и безнадежност, каде што секој нов документ или запис од компјутерските терминали ви открива дел од сложувалката за ужасните настани што се случиле пред вашето пристигнување.

Онаму каде што HYPERVIOLENT навистина сјае е во начинот на кој се игра. Борбата е брутална и динамична, но не се бара од вас само трчање како без глава и решетање на сите страни. Имено, ресурсите како муниција и здравје се ограничени и мора внимателно да се менаџираат. Арсеналот вклучува над 20 уникатни оружја, од огнени до сечила, кои можат да се комбинираат на безброј начини благодарение на системот за носење две оружја истовремена. Покрај пукањето, играта вклучува и лесни RPG елементи, како, на пример, менаџирање на инвентар, надградба на оружја и интеракција со малиот број преживеани NPC ликови. Истражувањето е клучно, бидејќи навигацијата низ комплексот бара употреба на картички, активирање на прекинувачи и решавање на едноставни загатки поврзани со околината.

Визуелниот стил на играта е уникатен хибрид помеѓу 3D и пиксел-арт. Околината е изработена во ниско-полигонален 3D стил, кој потсетува на игрите од средината на 90-тите, додека непријателите и оружјата се претставени со рачно цртани 2D спрајтови. Спојот создава автентично ретро чувство, но со модерна флуидност и детали. Графичкиот приказ е надополнет со маестрален дизајн на звук кој ја засилува хорор атмосферата, а мрачните и клаустрофобични ходници се исполнети со морничави звуци, ехо од далечни крици и индустриска бучава. Интересна изведба, особено доколку сакате подлабоко негување на чувствата на напнатост и страв. :)

HYPERVIOLENT нуди повеќеслојно искуство кое не се потпира исклучиво на носталгија. Играта го зема најдоброто од класиците како Doom, Quake и System Shock и го комбинира во еден кохерентен пакет кој е истовремено предизвикувачки и наградувачки. Балансот помеѓу брзата акција, хорор атмосферата на преживување и RPG елементите ја прави да се издвојува од толпата. Целосната верзија 1.0 нуди над 10 часа содржина, 14 детални нивоа, разновидни непријатели и пет предизвикувачки босови, со што претставува комплетен производ кој ќе ги задоволи како ветераните на жанрот, така и новите играчи кои бараат вистински предизвик. Особено ни е мило што и понатаму се појавуваат докази дека ретро формулата, кога е изведена со внимание и креативност, може да биде исто толку релевантна и возбудлива денес, како што беше и пред три децении.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments