ThiefScry e хрватски стартап и е своевиден паметен катанец за заклучување на
велосипед. Уредот може да се искористи за 90 отсто од постоечките велосипеди, а поставувањето е едноставно на задното тркало на велосипедот. Стартапот успеа да влезе во бугарскиот акселератор Eleven кој ќе инвестира 25.000 евра во него.
ThiefScry доаѓа со GPS поддршка, но катанецот е и директно поврзан со паметниот телефон на корисникот. Во случај на кражба корисникот веднаш добива известување на телефонот, започнува GPS следење на телефонот и се огласува звучен аларм, кој ќе го слушнат сите во околината.
Уредот за сега е во фаза на бета тестирање, а наскоро треба да биде достапен во ограничена претпродажба по цена од 100 евра. По ова ThiefScry ќе чини 150 евра. Со оглед на тоа дека само во 2012 година во Македонија се регистрирани 948 пријавени кражби на велосипеди, инвестиција во паметен катанец можеби е навистина потребна, иако цената на уредот најверојатно е превисока.







