По се изгледа, крајот на survival игрите сѐ уште не се гледа и овој жанр продолжува да пали и жари на сите страни. Најновиот хит нѝ доаѓа од заедничкиот труд на талентираните хрватски студија Gamepires и Croteam (тимот најдобро познат по Serious Sam игрите).
SCUM е дел од раниот пристап на Steam. Сѐ уште незавршена, SCUM ужива 68% позитивни рецензии на Steam. Башка, се давеше во контроверзна прашина со внесување нацистичка иконографија, која подоцна беше отстранета од играта. Тоа не ги спречи издавачите Devolver Digital да ја продадат играта во над 700 000 примероци и да ја прогласат како нивна игра со најуспешен почеток. Само во првите 24 часа, SCUM се продаде во над 250 000 примероци. На играта изгледа ѝ било судено да биде популарна затоа што дури и на денот пред и да излезе, SCUM успеа да собере над 230 000 гледачи на Twitch. Моментно, SCUM има скоро 200 000 следбеници на Twitch и 5000 гледачи низ бројните канали.
На што се должи ваквиот успех?
„Првенствено, на работата и трудот на целиот тим, постојаната комуникација со играчите и транспарентност. И, секако, на малку среќа“, објаснува менаџерот на заедницата, Јосип Баришиќ. Додека играта сѐ уште e во развој, играчите ја купија за пониска цена. Таквите корисници ќе ни помогнат да ја оформиме играта според нивните забелешки.“
Играта на која работеа само дваесетина талентирани девелопери беше проверена од 700 000 играчи, и тоа само во првата недела од нејзиното излегување. Но, какви механики имплементира SCUM за предизвикувачки престој во отворен свет? На територија од 144 километри квадратни, ќе истражувате густи шуми, пространи плажи, релаксирачки долини, напуштени градови или разрушени аеродроми. Некои од пределите црпат инспирација од убавините во Хрватска. SCUM бара да преживеете и да побегнете од островот. Таквото нешто, меѓутоа, воопшто нема да биде лесно затоа што ќе треба да се ослободите од имплантите кои ве држат во заробеништво, а потоа и да излезете на крај со останатите жители на островот. Во играта можете да создавате основни работи кои ви се потребни за преживување, но студиото ветува имплементација на значително покомплексни системи, како и возење најразлични автомобили. Издржете доволно или пак учествувајте во најразлични настани и ќе добиете таканаречени Fame поени. Со овие поени можете да се клонирате во случај да бидете убиени или пак купувате најразлични работи во безбедните зони.

За функционирањето на SCUM е задолжен Unreal Engine 4 и, иако играта изгледа преубаво, забележителна е неоптимизираност која знае да бара посилна конфигурација од препорачаната. Во случај да сакате и вие да ја проверите SCUM, играта се продава по цена од 16,79€, цена која значително ќе се зголеми како се наближува излегувањето на играта од раниот пристап. Конечната верзија на SCUM се очекува да излезе во 2019 година, а за да ја играте се препорачува Intel Core i5-6600K процесор, со NVIDIA GeForce GTX 1060 3GB, и 8 GB RAM.
Пред некој ден, SCUM го доживеа првото бришење на серверите, со што над 700 000 играчи беа принудени да почнат сè од почеток. Devolver Digital објасни дека ваквото нешто е потребно, но побрза да вети дека вакви несакани случки ќе бидат поретки во иднина.







