Напредокот и развојот на вештачката интелигенција значително влијае на развојот и трансформацијата на сите индустрии. Технологијата ќе влијае на сите сектори, вклучувајќи ги програмерите и целиот ИТ-сектор. Со помош на вештачката интелигенција се автоматизираат некои рутински задачи, се подобрува анализата на податоци, што придонесува за подобро и поинформирано носење на одлуки.
Оваа трансформација ќе помогне во оптимизирањето на работата и создавањето нови можности за раст и иновација. За жал, барем во прво време ова значи и намалување на бројот на вработени. Добра вест е дека во најголем дел позициите нема да исчезнат, но ќе претрпат значителна трансформација.
Ова беше заклучок и коментар кој го оставија неколку директори на големи компании. Техничкиот директор во оставка од OpenAI, Мира Мурати, во јуни за време на говорот во Колеџот Дармаут кажа дека вештачката интелигенција може да ги замени луѓето во некои креативни работи.
„Некои креативни работни позиции можеби ќе престанат да постојат, но можеби и не треба да постојат ако содржината која ја произведуваат не е исклучително квалитетна.“, вели Мурати.
Мурати не е единствената која излезе со вакви предупредувања, a креативните позиции не се единствените на удар на вештачката интелигенција. Потребата од трансформација за време на интерен разговор со своите вработени, во јуни 2024 година ја истакна и Мат Гарман, извршен директор на Amazon Web Services (AWS). Гарман даде увид во тоа како AI ќе ја промени индустријата за програмери и кои нови вештини ќе бидат потребни за да успеат во оваа нова ера.
„За 24 месеци од сега, или за некое време – не можам точно до предвидам кога – можно е најголем дел од програмерите да не програмираат. Програмирањето е еден вид на јазик кој го зборуваме со компјутерите. Само по себе не е вештина. Вештина која е неопходна е: Како да иновирам? Како да создадам нешто интересно за крајните корисници?“, вели Гарман.
Неколку месеци порано основачот на Nvidia Џенсен Хуанг понуди совет до идните студенти: Да не учат да кодираат, туку да одберат поинаква кариера. Благодарение на напредокот на вештачката интелигенција сите ќе бидат програмери.
„Во минатите 10, 15 години, речиси секој во својот говор ќе ви кажеше дека од клучно значење е вашите деца да учат компјутерски науки. Дека, секој треба да научи да програмира. Всушност речиси е токму спротивното.
Наша задача е да креираме технологија така што никој не ќе мора да програмира, а програмскиот јазик ќе биде човечки.
Тоа е чудото на вештачката интелигенција.“, вели Џенсен Хуанг, основач и извршен директор на Nvidia.
Проценките McKinsley Global Institute се дека до 2030 година поради генеративната вештачка интелигенција над 12 милиони вработени во САД ќе треба да пронајдат нова работа, пренесе CNBC.
Иднината на програмерите во ерата на вештачката интелигенција
Улогата на програмерите е на праг на значителна трансформација. Оваа промена ја истакна и Мат Гарман. Неговите забелешки го отсликуваат поширокиот тренд во технолошката индустрија за време на преминот од сегашните програмерски позиции кон нови, иновативни позиции. Ова значи дека иднината на развојот на софтвер можеби ќе биде помалку поврзана со техничките аспекти на кодирањето, а многу повеќе со разбирање на потребите на корисниците, дизајнирање креативни решенија и користење AI алатки за нивно реализирање.
Во иднина, вештачката интелигенција ќе ги преземе рутинските задачи за кодирање. Програмерите ќе треба да се фокусираат на решавање на покомплексните проблеми и на иновација.
Потенцијални клучни вештини за програмерите во ерата на AI
Како што се развива улогата на програмерите, така ќе се менуваат и вештините потребни за успех во оваа AI ера. Тешко и неблагодарно да се предвиди кои ќе бидат неопходни вештини. Еве неколку кој може да бидат значајни во иднина:
Една од вештините која е важна и сега, а несомнено ќе остане клучна и во иднина е разбирањето на потребите на крајните корисници. Ова ќе овозможи создавање на решенија кои директно ги решаваат потребите на корисниците. Програмерите ќе треба да може да го усогласат корисничкото искуство и крајните цели на своите проекти со потребите на клиентите.
Како што вештачката интелигенција станува поинтегрирана во процесот на развој, познавањето на AI алатките и технологиите ќе биде од суштинско значење. Програмерите ќе треба да научат како најдобро да ја користат вештачката интелигенција за автоматизирање на рутинските задачи. Оваа вештина ќе им овозможи да се фокусираат на посложени и креативни предизвици. Ако вештачката интелигенција преземе поголем дел од програмирањето, програмерите ќе имаат повеќе слобода за иновации. Ова ќе остави повеќе време за развивање на вештини за креативно решавање на проблеми и простор за создавање уникатни решенија.
Уште една вештина која беше неопходна и досега е прилагодливоста. Брзината на промените во технологијата е голема. Програмерите ќе треба да бидат флексибилни и прилагодливи. Континуирано учење и надградување на вештините ќе бидат од суштинско значење со појавата на нови AI алатки и технологии. Ова секако е случај и сега со постојаното излегување на нови технологии.
Способноста за соработка и комуникација е уште една вештина која е важна и без вештачката интелигенција. Програмерите ќе треба да имаат подобри комуникациски вештини за ефикасно работење во мулти-функционални тимови.
Нови можности за програмерите
Сепак иднината не е толку лоша за програмерите. Она што е важно да се забележи е дека иако да се биде програмер во 2030 година не е исто како во 2000 година, тоа не значи дека новите програмери нема да имаат поинтересна и покреативна работа.
Дополнително, Гарман потенцираше дека вештачката интелигенција нема да ги замени програмерите, туку ќе овозможи да прават повеќе со своите вештини и креативност.
За да обезбедат полесна транзиција програмерите може да започнат да се подготвуваат веднаш. Добра вест е дека за најголем дел од програмерите ова не е ништо различно од тоа што веќе го прават.
Еве неколку совети за подобрување на вештините кои ги сподели Гарман:
- Инвестирајте во надградување;
- Вежбајте креирање на иновативни решенија;
- Работете со корисниците за да ги разберете најдобро што може;
- Подобрете ги своите комуникациски вештини.
Во моментов ситуацијата со програмерите изгледа предизвикувачка. Сепак, иднината на програмерите не е мрачна, туку исполнета со нови можности за иновации и креативност во светот на вештачката интелигенција.