Сервисот за текст пораки на Apple, iMessage наскоро би можел да постане уште еден од „кор“ сервисите во Европа. Google и дел од европските оператори притискаат iMessage да биде додаден на листата со што текст пораките (chat) би биле комплетно компатибилни помеѓу конкурентските платформи.
Петицијата до Европската комисија покрај неименуван заменик претседател на Google ја потпишаа и извршните директори на Vodafone, Deutsche Telekom, Telefónica и Orange.
Европската комисија веќе разгледуваше дали iMessages да бидат дел од големите сервиси за кои ќе важат построги правила. Заедно со Bing, сервисот за текст пораки на Apple не беше додаден на листата „gatekeeper“-и во првиот бран во септември. Заклучокот тогаш беше дека двете платформи не ги исполнуваат сите услови за да бидат „gatekeeper“. Apple во преговорите со Унијата објасни дека иако iMessages има огромен удел на iOS оперативниот систем, сепак е значително мал дел од пазарот. Компанијата тврди дека iMessage нема доволно корисници за да го исполни основниот услов за „gatekeeper“. Ова тврдење не го поткрепија со бројки. Производителот нема објавена бројка за бројот на корисници на iMessage многу долг период. Речиси е неверојатно и да се помисли дека голем дел од корисниците на iPhone користат друг софтвер за текст комуникација. iMessages може да има и милијарда корисници, тврди Financial Times.
Google и телеком операторите откако не успеаја да го натераат Apple да додаде поддршка за RCS сега се надеваат дека Унијата ќе успее да ја убеди компанијата да се усогласи со конкурентите.
Што е Rich Communication Services (RCS)
Rich Communication Services (RCS) е протокол кој се користи за апликациите за пораки за паметни телефони. Дизајниран е да го следи напредокот на телефоните и да биде замена за SMS пораките. Протоколот нуди понапредно искуство со повеќе додадени функционалности. Дел од нив овозможуваат испраќање и добивање текстуални пораки и споделување фајлови со големина до 100 мегабајти (како што се слики, видеа и видео фајлови, vCards и локации). Динамички преглед на тоа дали некој од соговорниците пишува порака и кога пораката е испратена, пристигната (за сите пораки) и прочитана (за RCS chat пораките). Групите за разговор може да имаат до 100 учесници.Апликацијата на Apple за испраќање на пораки овозможува испраќање на пораки помеѓу различни платформи, но исклучиво преку SMS. Дел од функционалностите како подобра слика и криптирани разговори се заклучени во iMessage екосистемот. Праќањето на слики и видеа се прави преку MMS што значи дека треба да се компресираат и толку да се намалат што супер јасно видео по праќањето не лични на ништо. Дополнително, стандардните реакции како „допаѓање“ или „смеење“ пристигнуваат како текст пораки. На пример: „На Х му се допадна твојата порака…“. Apple кој има целосна доминација на пазарот во САД ја користи апликацијата како дополнителен ѕид околу својот екосистем.
iMessages ги исполнува условите за кор (core) сервис
Во обраќањето до Европската комисија потписниците одбраа да се фокусираат на 10 000-и активни деловни корисници во Унијата. iMessages исполнува дел од условите за да биде прогласен за „gatekeeper“. Apple има годишна заработка од 7,5 милијарди долари и 10 000-и активни деловни корисници. Во писмото до Комисијата, Google и телекомите велат дека суштинската природа на iMessages како важен „прозорец“ помеѓу деловните корисници и нивните клиенти е без сомневање доволно Apple да биде „gatekeeper“ за iMessages.
„Исклучително важно е бизнисите да можат да ги контактираат своите клиенти користејќи ги предностите на модерните комуникациски услуги со збогатени функции за пораки. Преку iMessage, деловните корисници можат да испраќаат само збогатени пораки до корисниците на iOS и мора да се користат SMS за сите други корисници“.
Ако iMessage биде додаден на листата ќе мора да ги исполни условите за интероперабилност со останатите апликации за текст пораки. Ова е еден од првите и основни услови кои овие сервиси мора да го исполнат според правилникот кој го објави Европската комисија.
Нови „гејткипери“ во февруари
Проширување на листата на клучни сервиси е најавено за февруари. Засега нема официјална потврда за сервисите и платформите кои би можеле да бидат додадени. Од првите шпекулации кои ги слушнавме досега, на листата би можеле да се најдат Bing, iMessages, ChatGPT и Dall-E.
Ова е листата на gatekeeper компании досега:
Друштвени мрежи: TikTok, Facebook, Instagram, LinkedIn
N-IICS (услуги за пораки): WhatsApp, Messenger
Посредување: Google Maps, Google Play, Google Shopping, Amazon Marketplace, Apple App Store, Meta Marketplace
Споделување видео: YouTube
Рекламни услуги: Google, Amazon, Meta
Веб-прелистувачи: Chrome, Safari
Пребарување: Пребарување на Google
Оперативни системи: Android, iOS, Windows