Хардвер од минатата недела: Windows 365 Link, Android 16, Echo Show 21

Avatar img-thumbnail img-circle

во Хардвер

Како што се приближуваат новогодишните празници се намалува бројот на официјални хардвер вести од производителите. За среќа сѐ уште има по некое ново „парче“ хардвер како Windows 365 Link или Echo Show 21 на Amazon. Покрај ова имаше уште некоја вест од хардвер светот, а iFixit го расклопи новиот MacBook.

Windows 365 Link Microsoft компјутер за 349 американски долари

Microsoft го претстави „Windows 365 Link“, десктоп компјутер од само 349 американски долари кој функционира исклучиво преку облак. Дел од новата класа „Boot to Cloud“ уреди, овој мини компјутер нуди минимални локални функционалности, но овозможува пристап до комплетен Windows 11 оперативен систем преку „Windows 365“.

Со димензии од само 12 x 12 cm и дебелина од 30 mm, „Windows 365 Link“ е помал и потенок дури и од Apple Mac Mini. Во него има Intel процесор, 8GB RAM и 64GB меморија. Поддржува  Wi-Fi 6E, Bluetooth 5.3 и има доволно портови за деловна употреба, вклучувајќи USB-A, USB-C, DisplayPort и HDMI.

Најголемиот „мозок“ не е внатре. Уредот се потпира на „Windows 365“, кој обезбедува целосен Windows 11 оперативен систем преку облак. За старт, уредот ќе биде достапен за деловни корисници во април 2025 година, но Microsoft веќе планира верзии за поширок пазар. За сега, деловните корисници се прва „таргет“ група на Microsoft.

„Windows 365 Link“ ќе користи минимален локален  оперативен систем, наречен „Small Windows“, за основни задачи како конфигурирање и поврзување. Уредот не складира податоци локалнo, а целосната функционалност зависи од претплатата на „Windows 365“.

Главната предност на уредот е неговата мобилност. Со „cloud PC“, корисниците можат да се најават на нивниот Windows профил од било кој уред и да продолжат со работа. Ова е идеално за училишта, канцеларии или луѓе кои користат повеќе компјутери во текот на денот.

Сепак, ова не е замена за класичниот десктоп. Традиционалните компјутери остануваат незаменливи за задачи што бараат помоќен хардвер. Но, за оние кои живеат и работат во екосистемот на облак, „Windows 365 Link“ може да биде вистинска револуција.

Достапен првиот преглед за девелопери на Android 16: Што е ново?

Малку порано од очекувањата Google го објави првиот преглед за развивачи (developer preview) за Android. Според она што може да го видиме новиот оперативен систем доаѓа со значајни подобрувања, меѓу кои се вградена алатка за избор на фотографии, поддршка за медицински досиеја, надградена платформа за приватност и нови програмерски алатки.

Една од најинтересните функционалности е новата вградена алатка за избор на фотографии. Досегашната верзија на алатката се појавуваше како посебен прозорец. Со Android 16, програмерите ќе можат да ја интегрираат директно во корисничкиот интерфејс на апликациите. Ова треба да го подобри корисничкото искуство, задржувајќи ги истовремено придобивките од приватноста, бидејќи корисниците ќе продолжат да имаат можност да одберат кои фотографии ќе ги споделат без да дозволуваат пристап до целата библиотека.

Платформата Health Connect сега вклучува поддршка за медицински досиеја. Ова е исчекор во интеграцијата на здравствени податоци од различни апликации и уреди, создавајќи единствена локација за следење на здравствените информации.

Логото на Android 16

Надградената Privacy Sandbox платформа продолжува да ја подобрува приватноста, а истовремено тестира нови методи за рекламирање што не ги компромитираат податоците на корисниците.

Google го забрза својот распоред за издавање на Android. Со ова темпо, Android 16 ќе биде подготвен за финално издание следната година, најверојатно во јуни. Оваа дата не е потврдена од компанијата, но официјално Google планира да го издаде Android 16 во второто тримесечје на 2025 година.

Amazon Echo Show 21

Додека најголем дел од производителите на хардвер се подготвуваат за CES 2025, Amazon го претстави својот паметен екран. Amazon Echo Show 21 како што навестува и името доаѓа со голем 21-инчен екран со резолуција од 1080p. Ова е значителна надградба во однос на претходникот Echo Show 15. Очекувано, Echo Show 21 нуди зголемена видливост и поудобно гледање на содржини. Ова го прави идеален за користење како помошен телевизор во кујната, на пример за следење на рецепти за готвење.

Уредот доаѓа со подобар звук и со подобрена камера за видео повици. Камерата има автоматско врамување, пошироко видно поле и зголемена можност за зумирање. Со овие функционалности, камерата значително го подобрува квалитетот на видеоповиците, правејќи ги појасни и пореални. Дополнително, микрофонот на камерата има и функција за намалување на шумот, со цел подобро аудио искуство при видео комуникација.

Echo Show 21 не е единствено паметен екран – уредот може да се користи и како Fire TV уред. Ова значи дека корисниците можат да гледаат телевизиски содржини преку вградениот Fire TV, а поддржува и Alexa Voice Remote за поголема контрола врз содржината.

Еден од најинтересните аспекти на Echo Show 21 е неговата интеграција како хаб за паметен дом. Со вградена поддршка за Wi-Fi, Thread и Zigbee, како и Matter-контролер, уредот може да ги контролира сите паметни уреди во домот, вклучувајќи светилки, прекинувачи и приклучоци. Она што е интересно е дека за некои од нив не е потребна ниту интернет конекција. Echo Show 21 доаѓа со поддршка за Wi-Fi 6E, која овозможува побрз пренос на музика и видеа, како и можност за интегрирање со повеќе звучници преку новиот аудио виџет. Уредот доаѓа со разни прилагодливи виџети како календар, контроли за паметен дом, листи за купување и распоред.

Amazon Echo Show 21 е достапен за нарачка преку Amazon, заедно со Alexa Voice Remote.

Tesla и Rivian се спогодија

Минатата недела бевме сведоци на крај на правниот спор помеѓу Tesla и Rivian. Спорот, кој започна во 2020 година, вклучуваше обвинувања дека Rivian ангажирал работници од Tesla со цел да добие пристап до компаниските тајни. Tesla обвини дека тројца нивни вработени ја напуштиле компанијата носејќи со себе „исклучително вредни, доверливи информации“.

Tesla и Rivian постигнале „условен“ договор, кој може да резултира со повлекување на случајот до 24 декември, тврди Bloomberg. Првично, Rivian ги отфрли обвинувањата  и побара случајот да биде отфрлен. Сепак, судија во Калифорнија одлучи дека компанијата ќе треба да се соочи со судење, кое требаше да започне во 2025 година.

Rivian Mediaroom

Новиот договор, има потенцијал да го затвори овој долгогодишен спор уште пред да започне. Со тоа се отвора можност за нормализирање на односите помеѓу двете компании, кои се конкуренти во секторот за електрични возила.

Neuralink започнува клинички испитувања во Канада

Neuralink доби одобрение од Health Canada за почеток на клинички испитувања на луѓе во Канада.  За компанијата ова ќе бидат први вакви испитувања надвор од САД. Испитувањата ќе се спроведуваат во Торонто, во  Western Hospital. Neuralink во март годинава го отвори својот регистар за пациенти во Канада, а сега активно бара потенцијални учесници за студијата под името CAN-PRIME.

Како и со претходните пациенти, компанијата планира да вгради имплант во мозокот на учесниците, кој ќе може да ја интерпретира нивната мозочна активност. Овој имплант ќе им овозможи на пациентите со квадриплегија да ги контролираат надворешните уреди со нивните мисли, без потреба од физичка интеракција или жици.

Иако технологијата сè уште се соочува со предизвици, како што е случајот со првиот пациент на Neuralink чиј имплант се помести од оригиналната позиција, најновите мерки за безбедност кај вториот пациент покажуваат ветувачки резултати. Пациентот почнал да користи и CAD софтвер само неколку недели по операцијата.

Neuralink -„робот хируг“

Во моментов, Neuralink бара пациенти кои имаат ограничена или целосно изгубена способност за користење на двете раце, како последица на повреда на грбниот мозок или амиотрофична латерална склероза (ALS). Ова одобрение и активност во Канада го означуваат почетокот на нова ера за Neuralink, со потенцијал да го револуционизира начинот на кој луѓето со тешки повреди или невролошки заболувања комуницираат со светот.

За крај, што откри iFixit вo MacBook Pro M4

Нет толку одамна Apple го претстави новиот M4 MackBook Pro компјутер, а минатата недела iFixit го расклопи. Новиот M4 лаптоп, е речиси идентичен со претходниот модел. Новиот модел има неколку подобрувања, на пример дополнителната Thunderbolt порта, но однадвор речиси да нема разлика.

Ова беше и коментарот на iFixit кој забележаа дека новиот модел има малку поголем радијатор, но кога куќиштето е во прашање нема преголема разлика. Сепак во најголем дел дизајнот на новиот модел е ист со претходникот. MacBook Pro M4 доаѓа со истите два кулери и батерија.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments