Некои игри не се плашат да експериментираат. Комбинирање неколку механики кои се карактеристични за одредени жанрови знае да биде ризично, но и да вроди многу позитивни резултати. Играта на развојното студио Sunny Syrup Studio – Spirit Mancer – е една таква игра. Доколку и пружите шанса, ќе навлезете во еден преубав свет полн со интересни можности за hack-and-slash акција преку користење бројни оружја и карти од кои скокаат импресивни демони, духови и змејови!

Шпил од карти суштества
Има многу дух и невообичаена смисла за хумор во Spirit Mancer, нешто што е очигледно уште во самиот почеток кога, откако вашата мисија ќе појде наопаку, пиштолот ќе ви биде голтнат од прасе, а вие ќе се најдете гол во непознато место. Вакви откачени сценарија се чести низ приказната и ве поставуваат во еден прекрасен, невообичаен, но крајно уникатен и забавен наратив.
Како и да е, откако ќе бидете зашамарани неколку пати од непријателот, ќе решите да посегнете по светото оружје кое се вика Spirit Mancer. Spirit Mancer-от ви дозволува да ослободувате зелена енергија од раката. Оваа енергија се фокусира во еден вид енергетско сечило. Секојпат кога ќе го избегнете ударот на непријателот во последен момент, ќе можете да нападнете со сечилото за да нанесете поголема штета.

Покрај сечилото, ќе можете да користите и огнено оружје, како и напад преку духовна карта. Доколку зашеметите некој непријател ќе можете истиот да го вовлечете во духовна карта која е со еднократна употреба. Штом соверете неколку карти на овој начин, можете за време на битките да листате и да ги користите додека, во паралела, напаѓате со енергерскиот меч или некое од бројните огнени оружја. можете таа карта еднаш да ја искористите за подеструктивен напад.
Spirit Mancer знае да биде предизвикувачка игра и да го казни вашето невнимание или послаби рефлекси. За среќа, секоја мисија ја започнувате со неколку животи. Се додека имате животи, ќе можете да се вратите на последната автоматски-сочувана локација и да продолжите од тука. Изгубете ги сите животи, меѓутоа, и ќе мора мисијата да ја почнете од почеток.

Местата на кои играта автоматски се сочувува се резервирани и за менување на вашиот шпил од духовни карти, односно за додавање или одстранување карти од вашиот шпил кој го носите низ битките. Имајте во предвид дека секоја карта има одредени поени. Во шпилот внесувате карти се додека имате поени за користење. На овој начин, играта се погрижува да не одите само со екстра моќните карти, туку да бидете ок со различни карти и мала доза експериментирање.
Ни се допаѓа разноликоста на духовните карти. Некои карти ви дозволуваат да повикувате моќни воини или суштества (како змејови или демони) привремено да се борат за вас и да користат серија од нивни уникатни спсобности. Со други карти можете да се штитите или лечите, а со трети да активирате разорни магии. Користењето на картите е секогаш забавно искуство и со големо задоволство шалтавме помеѓу картите, правевме некаква си математика за да видиме што се можеме да понесеме во битките и апсолутно уживавме во нивната изведба.

Враќајќи се на кратко на местата за автоматско сочувување на напредокот, ова е место и каде, за одредена цена, можете да го наполните вашето здравје, како и да го смените елементот кој моментно го користите. Елементот е, всушност, зеленото енергетско сечило кое претходно го споменавме. Како напредувате низ играта, така ќе можете и да менувате најразлични елементи, а, со тоа, и да користите различни форми за напад.
Непријателите се одликуваат со штит кој полесно се уништува или со оружето или со мечот – таквото нешто се прикажува според соодветната боја во која е самиот штит. На овој начин се принудува константно да менувате и да напаѓате де на еден де на друг начин. Имајте во предвид дека се додека не го скршите штитот, нема да можете да ги зашеметите непријателите и да ја извлечете нивната духовна карта.

Како додатно олеснување за време на динамичните битки, ќе можете и да потпишете договор преку кој, доколку бидете смртно повредени, ќе можете да се вратите назад. Ова, како што претпоставувате, чини пари. Договорот кој го потишувате може да ви ги целосно исцеди резервите со злато, особено ако често умирате. На крајот од мисиите, ќе добиете детални увиди за собраните награди и какви цели сте успејале да остварите, како дали сте нашле скриени ковчези, колку непријатели сте убиле, дали вие сте умреле, и слично.
За брзо време ќе се најдете во константна серија од скокање, тркалање, пукање, сечење или повикување најразлични духовни карти за да ви помогнат. Во моментот кога ќе научите како се функционира, ќе се најдете во една исклучително уникатна и забавна игра. Голем дел на забавата се должи и на преубаво осмислените дводимензионални околини. Секоја од мисиите се одликува на различни, крајно преубави места. Сите овие места се полни со ситни детали и суптилни анимации, допринесувајќи до незаборавно искуство. За пофалба е и музичката подлога која е полна со брзи песни. Овие песни се својствени за областа која ја посетувате и не се повруваат на други места, со што дополнително се зголемува впечатокот дека се наоѓате во посебни места.

Кога ќе ги земете сите овие работи во предвид, Spirit Mancer се чини како повеќе од одлична игра. Топло ја препорачуваме на сите оние што се по side-scrolling, hack and slash акција. Со оглед на тоа дека играте со два ликови, Себастијан или Мери, играта се одликува со одличен систем за ко-оп, така да, не ја пропуштајте можноста да ја искусите играта со пријател! Развојното студио Sunny Syrup Studio има исфрлено прекрасна и уникатна игра која препорачуваме да ја проверите. Ако ништо друго – барем демото!
Повеќе детали за играта
- Произведува: Sunny Syrup Studio
- Издава: Dear Villagers, OKJOY
- Жанр: акција
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 22 ноември 2024







