Иако минатата недела немаше премногу нов хардвер сепак имаше интересен хардвер и вести, без разлика дали станува збор за автономни роботи кои ги следат луѓето или најавата на соработка помеѓу САД и Јапонија на 2nm чип.
Два пати побрз флеш диск од Samsung
Samsung најави дека во третото тримесечје на 2022 ќе започне со масовно производство на Universal Flash Storage 4.0. Новиот Universal Flash Storage флеш диск е два пати побрз од претходната UFS 3.1 генерација. Компанијата ќе ги користи дисковите првенствено во следните 5G паметни телефони.
Universal Flash Storage 4.0 според спецификациите од Samsung достигнува брзина при читање до 4,200MB/s, а запишува со 2,800MB/s. Подобрувањето доаѓа и кај ефикасноста на уредот кој сега е дури 46% поштедлив. Samsung сподели повеќе информации за дискот, па веќе знаеме и дека просторот кој ќе го зафаќа е 11mm x 13mm x 1mm. Што се однесува до капацитетот тука нема премногу промени со денешните дискови, дискот доаѓа со неколку различни големини, а максималната е 1TB.
Компанијата најави дека со производство на Universal Flash Storage започнуваат во третото тримесечје на годината, а во периодот кој следи Samsung ќе соработува со останатите производители на паметни телефони на креирање на екосистем за USF 4.0.
AMD најави нов процесор за гејминг лаптопи
AMD најави дека наскоро ќе претстави нова серија на процесори наменети за гејминг лаптопи. Ryzen 7000 Zen 4 ќе биде процесорот кој е наменет за „екстремни“ гејминг лаптопи. Кодното име на процесорот во оваа фаза е „Dragon Range“. AMD за оваа серија ветува дека ќе ги сруши сите рекорди за бројот на физички, виртуелни јадра и кеш меморија за лаптоп процесори.
Можеби очекувано процесорот не е наменет за најтенките и лесно преносливи компјутери. Според спецификациите процесорот е со моќност од 55W и ќе биде наменет за лаптопи кои се подебели од 2 сантиметри. Вообичаено овие конфигурации иако во теорија се преносливи сепак се претешки за да се користат како лаптоп. Дополнително кога на нив се играат видеоигри лаптопот троши многу енергија, па работата на батерија речиси и не доаѓа предвид.
Ryzen 7000 е замена за Ryzen 5000 и најпрво процесорите ќе бидат достапни за десктоп компјутерите. Сите кои сакаат да купат лаптоп со „Dragon Range“ процесор ќе мора да бидат трпеливи. Првите лаптопи со процесорот ќе излезат во 2023 година.
САД и Јапонија објавија соработка на 2nm чипови
САД и Јапонија објавија дека ќе соработуваат на развој на следната генерација на чипови. Двете држави се договорија за поблиска соработка за развој на 2nm чипови и нивно масовно производство, јави Tom’s Hardware.
Идејата за соработката е протокот на информации помеѓу сите ентитети кои ќе работат на овие проекти да биде исклучително безбеден. Со ова ќе треба да се спречи, или барем да се намали опасноста од кинеска шпионажа и крадење на технологијата. Дополнително Јапонија има напредна технологија за производство полуспроводници.
Технологијата секако ќе биде развиена на компаниско ниво. Непотврдени информации велат дека од јапонска страна ќе учествуваат Tokyo Electron, Canon и Националниот институт за напредни индустриска наука и технологија. Од американска страна веројатно ќе учествуваат Intel и IBM.
Рој роботи следи луѓе
Група истражувачи од Универзитетот во Жеџијанг претстави технологија која на рој на дронови им овозможува да надлетуваат низ густ бамбус без притоа да се судираат. Она што технологијата го овозможува е комуникација меѓу дроновите. Па ако некој од дроновите наиде на препрека, останатите веднаш ја добиваат оваа информација и пресметуваат нова траекторија на движење.
Дроновите кои ја користат технологијата може да следат и луѓе, и тоа ако некој од дроновите изгуби контакт може да добие информација од другите летала. Идејата е технологијата на крајот да се користи во случај на катастрофи, а дроновите да се користат за преглед на теренот, пронаоѓање, следење и водење на луѓето надвор од опасната зона. Втора потенцијална примена на роботите се еколошки надгледувања.
Snap претстави свој дрон – Pixy
Друштвената мрежа на која се споделуваат куси видеа – Snap, претстави мини дрон кој доаѓа како „фотограф помошник“. Snap со очилата за фотографирање веќе претходно претстави хардвер, па додавањето на Pixy дронот не е преголемо изненадување.
Pixy е едноставен за користење, не доаѓа со контролер и нема премногу команди. Корисникот може да одбере од три различни патеки на летање околу корисникот. Може да лета во место, да лета околу корисникот или да го следи додека трча или се движи. Дронот има неколку интересни решенија, а можноста да препознава кога корисникот ќе ја постави раката под него и да слета секако е едно од нив. Дронот доаѓа без можност за картичка и сите фотографии и видеа се испраќаат веднаш до Snap апликацијата. Фотографиите се со резолуција 12МР, а видеата се 2,7К.
Pixy чини 230 долари, произведен е во ограничен број, и ќе биде достапен единствено во Франција и САД.