За љубителите на техника и технологијата не е потребно никакво дополнително претставување на CES. Consumer Electronics Show се одржува секоја година на почетокот на годината во Лас Вегас. Саемот на техника и технологија се одржува од крајот на 60-тите години на минатиот век и уште од тогаш ги претставува трендовите за следните години.
За жал последните неколку години поради пандемијата саемот не беше на нивото на кое навикнавме. Оваа година се чини дека CES се враќа во полн сјај и можеме да видиме куп иновативна технологија. Саемот од 5-ти до 8-ми јануари го посетија над 100 000 посетители.
Некои од уредите и технологијата нема да ги видиме наскоро, но секако ќе бидат поставени супер интересни трендови.
LG M3 Series 97-инчен безжичен OLED телевизор
Кога телевизорите се во прашање една од ѕвездите на саемот е новиот LG M3 Series безжичен телевизор. По димензијата 97-инчен екран веднаш е јасно дека станува збор за огромен уред. Телевизорот е со 4К OLED екран и 120Hz рефреш, но она што го прави најинтересен оваа година е безжичната технологија.
Екранот доаѓа со „zero connect box“, кутија налик на некои од првите конзоли која е предавател. Во предавателот се приклучуваат сите уреди, од антени, до гејминг конзоли, Blu-ray плеери и стикчиња. Единствен кабел кој влегува во телевизорот е за напојување, но и тој е скриен и тешко се забележува. Предавателот може да се постави на најмногу 10 метри од телевизорот. За сигналот се користи слична технологија како кај Wi-Fi рутерите, но за среќа нема да си прават пречки.
Ова не е прв телевизор со безжичен пренос на сигнал. Сепак, за прв пат е овозможен безжичен пренос на 4К сигнал со 120Hz.
Што се однесува до цената и почетокот на продажба засега нема официјална, ниту неофицијална најава. Стандардниот модел со 97-инчен екран чини 25 000 американски долари и ќе биде достапен во 2023 година. Безжичниот модел засега нема цена, но веројатно ќе биде, многу поскап.
Matter
И оваа година на саемот можевме да видиме куп интересни уреди од паметниот дом. Она што овој пат беше најинтересно за дел од медиумите е Matter. Matter е протокол за паметен дом кој треба да ја олесни интероперабилноста на различни паметни уреди. За купувачите тоа ќе значи дека не треба да се консултираат со експерти за секоја паметна сијалица или звучник.
Стандардот беше најавен 2019 година и на него работат најголемите компании, Apple, Google, Samsung, Amazon. На саемот беа претставени куп уреди кои го користат Matter, но за вистински да продолжи развојот на интернет на нештата, сите компании заедно мора да продолжат да го развиваат и одржуваат стандардот.
Оваа година за првпат гледаме повеќе уреди поддржани од Matter и ова го прави протоколот едно од најинтересните претставувања на CES.
BMW i Vision Dee
Од интернет на нештата на иднината на возила. BMW iVision Dee не е нов концепт, и веќе го имаме видено. За разлика од претходниот модел кој можеше да менува сива, црна или бела боја, Dee сега менува многу повеќе бои. Поточно, новиот концепт автомобил менува 32 бои на својата e-ink каросерија. Каросеријата е изработена од делови/сегменти и секој дел може да биде различно обоен.
Колку навистина ова ќе биде технологија на иднината не е лесно да се претпостави. Она што веројатно ќе биде дел од возилата на иднината е проширена реалност на шофершајбната и гласовен асистент во возилото. Единственото прашање на кое ќе чекаме одговор е колку е далеку иднината кога овие функционалности ќе бидат дел од возилата.
Sony Afeela
BMW не е единствениот производител со кул концепт автомобил на CES 2023. Мало изненадување речиси за сите е концепт возилото на Sony и Honda – Afeela. Електричното концепт возило на Sony и Honda доаѓа со многу кул технологија.
Afeela има 45 сензори. Oд ултразвучни, до радар и камера кои ќе доаѓаат како поддршка за автономно возење. Ако се чудите што може да правите наместо да возите, Sony има предлози. Дел од технологијата овозможува слушање на музика, а ако ова не ви се допаѓа може да играте некои од најпопуларните видеоигри од конзолата. Во презентацијата можевме да ја видиме Horizon Forbidden West на куп екрани во возилото.
HTC Vive XR Elite
За љубителите на проширена и виртуелна реалност едно од најпријатните изненадувања на CES доаѓа од HTC. Производителот го претстави новиот сет за виртуелна/проширена реалност HTC Vive XR Elite.
За разлика од претходните модели од HTC овој пат фокусот е на повеќе од видеоигри. Во најавата стана збор за учење на нови вештини, музички инструменти, и секако видеоигри, кои ќе може да се играат во околината во која се движиме…
Станува збор за многу помал и полесен уред од она што беше достапно досега. Лоша вест е дека цената е 1100 долари, што е превисоко, освен за најизгорените ентузијасти. Сетот ќе биде достапен во продажба од 15-ти февруари.
Withings U-Scan
Последниве неколку години во фокус на CES се и дел од уредите за подобро здравје. Withings U-Scan е сензор кој се поставува во тоалетната школка, ја анализира урината и ги испраќа резултатите на апликацијата на паметните телефони. Засега има два модули кои може да се користат за различни тестови, но производителот најави дека во иднина ќе има уште повеќе кои ќе донесат нови функционалности.
Уредот може да се користи за следење на дневното ниво на кетони и витамин Ц, за следење на здравјето на бубрезите, или за следење на менструалните циклуси. Преку апликацијата корисникот ќе добива низа различни корисни совети за исхраната, потсетници за пиење повеќе вода, и на крај ќе може да види како следењето на овие совети влијаат на неговото здравје.
U-Scan најпрво ќе биде достапен во Европа, а првите уреди ќе се појават во продажба оваа година.
Aqara SP2
Aqara SP2 е логична надградба на сензорите за движење. За разлика од стандардните сензори за движење кои можеа единствено да запалат светилка кога ќе забележат дека некој има во близина, Aqara SP2 има многу поширока функционалност.
Уредот овозможува следење и на најмало движење и може да лоцира движење во различни делови на собата. Корисникот може да креира различна автоматизација за светлината во различни делови од домот. Aqara SP2 може да детектира и дишење,и нема да ја изгаси светилката ако корисникот подолго време мирно седи.
Како и најголем дел од паметните уреди може да разликува различни луѓе и да креира различни профили за нив. Дополнително, може да детектира и пад, па може да биде одлична дополнителна безбедност за собите со повозрасни личности.
Засега уредот нема поддршка за Matter, но ова е најавено за некоја следна надградба.