За жал ниту минатата недела немаше премногу вести поврзани со хардвер. Понекоја гласина за производи кои ќе бидат достапни во иднина; откривање на идни планови, и Samsung кој ги претстави телефоните со флексибилен екран Galaxy Z Flip 5 и Galaxy Z Fold 5, но и часовник и нови таблет компјутери.
Nintendo ќе планира нова конзола за следната година
Неофицијално во втората половина на 2024 година Nintendo ќе претстави нова гејминг конзола. Засега нема премногу податоци за спецификациите, но ако им веруваме на Video Games Chronicle компанијата повторно ќе претстави рачна конзола, веројатно наследник на Switch.
Од оние малку податоци кои се споделени се чини дека производителот ќе се обиде да ги балансира перформансите и цената на конзолата. Новата конзола ќе доаѓа со LCD екран наместо OLED, но сегашните 32GB простор ќе бидат зголемени. Причина за ова секако се и видеоигрите кои одамна земаат поголем простор на нашите дискови.
Ако не сте сопственик на Switch, и веста за новиот хардвер не ве импресионира, тоа не гo загрижува Nintendo. Потенцијални купувачи на новата конзола треба да бидат сопствениците на актуелните Switch конзоли. Интересно и новата конзола ќе користи кетриџи, но изворот на VSG не откри дали игрите од Switch ќе бидат компатибилни со следната конзола. Ако ова не е случај 100 милиони актуелни корисници нема да бидат пресреќни.
До 2024-та очекуваме повеќе информации, како за хардверот така и за првите игри кои ќе бидат достапни на конзолата.
Samsung и LG со најави за 4К 32-инчни OLED монитори
Добра вест за сите кои чекаат следна генерација на гејминг монитор. LG и Samsung најавија нови 32-инчни OLED монитори. За жал за тоа ќе треба да почекаме околу 18 месеци, што значи дека ќе бидат достапни во 2024 година. За дел од деталите ќе биде потребно повеќе време, но она што споделено е дека од Samsung доаѓа QD-OLED, а од LG WOLED. Двата екрани се со рефреш од 240Hz, и нема да бидат евтини. Претпоставките се дека цената ќе биде од 1000 до 1500 долари.
За следната година се најавени и 34 и 39-инчни WQHD монитори од LG, а Samsung ќе претстави 34-инчен WQHD QD-OLED, пренесе PC Gamer.
Нови шпекулации за iPhone 15
Се чини дека нема недела која може да помине без да ги споменеме Apple. Име уште неколку недели пред компанијата да ги претстави новите телефони и часовници, а веќе започнаа шпекулациите што ќе видиме на настанот.
Производителот ќе продолжи со еволуцијата на својот екран, поточно со обидите да креира екран со минијатурна рамка. Благодарение на новиот LIPO производен процес екранот сега ќе биде само 1,5 милиметри „одлепен“ од работ.
Минималниот раб е само една од промените. Новите iPhone 15 и iPhone 15 Pro ќе доаѓаат со нов А16 чип и ќе изгледаат речиси идентично со iPhone 14. Можеби најинтересна промена на новиот телефон сепак е замената на Lightning портата со USB-C, пишува Bloomberg.
Една од замислите кои не се имплементирани на новите уреди се хептик фидбек (haptic feedback) копчиња. Новитетот требаше да искористен на контролите за звук, исклучување на ѕвонењето, и копчето за вклучување на телефонот. Ова значително ќе го намалеше бројот на елементи за кои постои опасност од механичко оштетување, но и ќе ја покачеше цената на телефоните, па Apple се одлучил надградбата да почека подобри времиња.
Samsung Galaxy Tab S9
Минатата недела Samsung имаше настан на кој ги претстави своите Galaxy Fold и Galaxy Flip телефони. Покрај овие уреди компанијата претстави и нови таблет компјутери и паметни часовници.
Galaxy Tab S9 доаѓа со два нови таблет компјутери во серијата кои се поголеми, а и поскапи од основниот модел – Galaxy Tab S9 Plus и Galaxy Tab S9 Ultra. Ова не е преголемо изненадување и ја следи и претходната S8 генерација на таблетот. Сите уреди се веќе достапни во претпродажба, а официјално излегуваат на 11 август.
Galaxy Tab S9 доаѓа во неколку модели. Основниот модел е достапен со 8GB RAM и 128GB простор, но компанијата издаде и модел со 12GB RAM и 256GB простор. Двата уреди доаѓаат со електронско пенкало кое е бесплатно достапно со уредот.
Хардверот е спакуван во 254,3 x 165,8 x 5,9 mm „рамка“ и целиот уред тежи 498 грама. Екранот е 11-инчен AMOLED и има динамички рефреш од 60 до 120Hz. Ова овозможува подобро искуство, а истовремено не ја оптоварува батеријата премногу. Резолуцијата на екранот е 1600 х 2560 со 274 ppi, а заштитата е Corning Gorilla Glass.
S9+ моделот доаѓа со 12-инчен екран, со резолуција 1752 x 2800. Самиот таблет е поголем и потежок, па димензиите се 285,4 x 185,4 x 5,7 mm, а тежи 586 грама. Ultra моделот доаѓа со голем, 14,6-инчен екран со резолуција 1848 х 2960. Димензиите на овој модел се 326,4 x 208,6 x 5,5 mm, а таблетот тежи 732 грама.
Сите модели доаѓаат со 4nm Snapdragon 8 Gen 2 процесор. Plus моделот доаѓа во две варијанти, 256GB и 12GB RAM или 512GB и 12GB RAM, а кај Ultra се достапни 256GB и 12GB RAM; 512GB и 12GB RAM; 1TB и 16GB RAM. Разлика има и кај батериите. Основниот модел доаѓа со батерија со капацитет 8400 mAh; Plus моделот 10090 mAh; а Ultra моделот 11200mAh. Полнењето е 45W за сите уреди.
Според спецификациите Galaxy Tab S9 изгледаат одлично. Најголем недостаток e цената. Сите се поскапи од 800 евра. Plus моделот чини околу 1000 евра, а Ultra 1200 евра. За споредба најмоќниот iPad, Pro 12.9 чини 1450 евра.
Samsung Galaxy Watch 6
Часовникот е последниот уред кој Samsung го претстави неодамна. Производителот претстави два уреди Galaxy Watch 6. Покрај стандардниот модел, по пауза од две години се враќа Galaxy Watch 6 Classic. Како и сѐ останато што видовме минатата недела, часовниците се веќе достапни во претпродажба, а официјално излегуваат на 11 август.
Стандардниот модел доаѓа во две големини 40mm која чини 300 долари, и 44mm која е достапна за 330 долари. Големините на Classic моделот се 43 и 47 mm и ќе чинат 400 и 430 американски долари. Различните димензии на стандардниот и Classic сепак не значат дека големините на екранот се различни. Екраните се со иста димензија, помалиот часовник доаѓа со 1,3-инчен 432 x 432 Super AMOLED, Always-On-екран, поголемиот со 1,5-инчен 480 x 480 Super AMOLED, Always-On-екран.
Часовниците доаѓаат со истиот Exynos W930 Dual-Core 1,4GHz процесор; 2GB RAM; 16GB простор. Во зависност од големината батеријата е 300mAh или 425mAh. Ова е доволно за 24 часа работа.
Разлика има кај сензорите, иако не е премногу голема. Двата модели доаѓаат со: Samsung BioActive сензор, сензор за температура, акцелерометар, барометар, жироскоп, геомагнетен сензор, сензор за светлина. Classic моделот покрај овие сензори има и 3D Hall Sensor.
Она што веднаш се забележува е дека и новите часовници на Samsung изгледаат одлично. Компанијата успева да го погоди изгледот, а овој пат помага и новата надградба на Wear OS 4, која според раните прегледи функционира одлично. Телефоните тежат од 28 до 52 грама.
Стандардно кога часовниците се во прашање, станува збор за фитнес додатоци, но сега може да се користат и за следење на здравствената состојба. Најголем дел од фитнес функционалностите се достапни од претходните модели на часовникот. Има куп различни вежби, од обична прошетка до трчање и пливање.
Samsung започнува со додавање на подобрено следење на работата на срцето, а часовникот ќе може да испрати и нотификации за неправилна работа на срцето. Покрај ова, овозможено е правење на електрокардиограм (ЕКГ) во итни случаи. Часовникот го следи и крвниот притисок, телесниот состав, а достапно и детектирање на пад, следење на менструалниот циклус, и спиењето.