Хардвер од минатата недела нов M4 чип, iPad Pro, Google I/O

Најмногу благодарение на презентацијата на Apple и претставувањето на новиот iPad и M4 чипот и оваа недела имаме интересен хардвер. Пред десетина дена Google и официјално го најави Google I/O, па веројатно и оваа недела ќе има куп интересен хардвер и вештачка интелигенција кои ќе ги видиме.

Google I/O 2024

„Време е за I/O“ е кратка порака со која Google нè потсети дека наскоро ќе се одржи нивниот настан. Официјално знаеме дека ќе има простор за нови иновации, претставувања на функционалности на кои работи Google и куп вести поврзани со вештачката интелигенција. Настанот ќе се одржи на14 мај со почеток од 19:00 часот.

Овие настани вообичаено започнуваат со главната презентација. Tука се главните презентации на уреди, нова технологија и нови интересни функционалности. Во вториот дел од Google I/O се поместени презентациите фокусирани на девелоперите кои се поинтересни за нив.

Со оглед на тоа дека Google веќе го претстави Google Pixel 8a, оваа недела веројатно нема да видиме нов Pixel телефон. Можеби ќе има најава за некој нов Fold телефон со флексибилен екран, иако досега немаше никаков показател за ова. Можно е оваа година и да не видиме хардвер на Google I/O.

Она што може да биде супер импресивно е некаква комерцијална верзија на импресивниот холограм за видео повици Project Starline. Ова може да биде и хит на конференцијата ако Google се реши да ја презентира технологијата. Изгледа дека дури и да видиме некаков хардвер поверојатно е дека тоа ќе биде некој концепт уред, наместо уред наменет за пазарот.

Она што е речиси сигурно е дека ќе слушнеме повеќе за вештачка интелигенција и можностите кои ќе ги отворат новите алатки. Во некој дел може да очекуваме и надградби на Android и WearOS оперативните системи, но и Android TV и Android Auto.

Tesla отпушти голем дел од Supercharger тимот

Речиси 500 вработени во Tesla кои беа дел од Supercharger тимот останаа без работа. Намалувањето на тимот ќе влијае и на Supercharger полначите. Компанијата и натаму планира да ја развива мрежата, но додавањето на нови станици ќе биде значително побавно. Дел од отпуштените се директорката за електрични возила Ребека Тинучи и директорот за програма за возила Даниел Хо.

Отпуштањата се дел од предвидените мерки за штедење откако Tesla во првото тримесечје оваа година забележа пад на заработката од 9 отсто.

Кратењето во Supercharger тимот доаѓа скоро по објавата за партнерство со GM, Ford, Rivian и повеќе други производители за користење на Tesla NACS (North American Charging Standard) за полнењето. Ова ќе им овозможи на возилата кои ги произведуваат овие компании да ги користат станиците за полнење на Tesla.

Кои последици ќе се јават од овие отпуштања, ќе дознаеме во иднина.

Збогум М3 добредојде М4

Главната „ѕвезда“ на презентациите на Apple на 7 мај беа iPad таблет компјутерите, а покрај нив производителот го претстави и новиот M4 чип. M4 е SoC изработен со втората генерација на 3-нанометарска технологија. Доаѓа со 10 јадра и 10 графички јадра. Како и претходникот чипот ќе овозможи Dynamic Caching, hardware-accelerated ray tracing, и hardware-accelerated mesh shading кои за прв пат ќе бидат достапни на iPad.

Претставувањето на M4 беше изненадување, а 9to5mac објаснува дека причината се проблеми со 3-нанометарскиот процес кој се користел за производство на M3. Процесорот доаѓа со 28 милијарди транзистори, 8 милијарди повеќе од M2 процесорот кој досега се користеше во iPad.

Image courtesy of Apple

Новиот чип ќе доаѓа со неколку варијанти. Она што го слушнавме досега е дека чипот ќе има најмногу 4 „брзи“ јадра и 6 ефикасни јадра. И брзите и ефикасните јадра доаѓаат со надградени акцелератори за машинско учење. Покрај ова, M4 доаѓа и со 16-јадрен Neural Engine способен за 38TOPS.

Во споредба со M2 процесорите кои се користеа во претходните модели на iPad Pro, М4 нуди 1,5 пати подобри перформанси. М4-процесорот кој е искористен во iPad Pro е и до 25% побрз на бенчмарк тестовите од последниот М3 процесор. Дел од првите бенчмарк тестови на Geekbench покажуваат дека M4 на едно јадро има подобри резултати од моментално најбрзиот десктоп процесор Core i9-14900KS од Intel, пишува Tom’s Hardware. Прашање е колку се веродостојни овие резултати и колку соодветствуваат на реалноста. Дел од корисниците на форумот коментираат дека  Geekbench не може да  се користи за споредба на различни видови на чипови. Она што е сигурно е дека процесорот на Apple сепак е значително поштедлив кога електричната енергија е во прашање.

Image courtesy of Apple

iPadPro

Овој настан на Apple беше наменет за претставување на новата серија на iPad таблет компјутери. Ова секако не е изненадување со оглед на навистина долгиот период кој помина од последната надградба на таблетот. Компанијата претстави повеќе различни модели, но „главна ѕвезда“ на настанот беше iPad Pro.

Пред Pro моделот, компанијата претстави и iPad Air модели, и тоа 2 нови уреди. За првпат во оваа серија корисниците може да купат и поголем модел. Покрај 11-инчниот модел, Apple претстави и нов 13-инчен iPad Air.

iPad Air / Image by Apple

 Една од работите кои може да ги забележите е дека овие таблет компјутери барем по спецификациите се прилично слични со минатите модели на iPad Pro. На пример наместо M1 чип сега доаѓаат со M2 чип; основниот модел доаѓа со 128 гигабајти простор, и камерата е преместена на рамката на подолгата страна. Има и побрз Wi-Fi и повеќе бои, но новиот iPad Air е во суштина копија на стариот iPad Pro. Цената на уредите е 599 за помалиот модел, и 799 американски долари за поголемиот модел. Новитет е новиот Retina екран, но и компатибилност со новото пенкало.

iPad Air секако не е некој уред кој ќе импресионира било кого. Компанијата најголемиот напредок кај таблет компјутерот го претстави со iPad Pro. Уредите доаѓаат во две големини 11 и 13 инчи. Помалиот е со дебелина од само 5,3 mm, а поголемиот е уште и потенок и е дебел само 5,1mm. Ова е најтенкиот таблет на Apple досега, но уште поимпресивно, ова е најтенок уред на Apple, вклучувајќи ги тука и iPhone и iPod.

iPad Pro / Image by Apple

Новиот iPad Pro доаѓа со најмоќниот чип од Apple досега. Производителот го искористи настанот да го претстави и M4. Има замена и во екранот кој сега e OLED. Дури и овде има иновација која за првпат е присутна на iPad. Компанијата претстави нова технологија – Tandem OLED. Најлесен начин да се објасни технологијата е на неа да гледате како на два слоја/екрани поставени еден врз друг кој се управувани од новиот графички процесор во M4. Благодарение на користењето на два слоја овозможено е локалната осветленост да биде максимални 1000 nits или 1600 nits максимална осветленост со HDR.

За двата нови iPad модели сe достапни и нови електронски пенкала. Пенкалото е надградба на постоечкото и за жал може да се користи единствено со новиот iPad Air и iPad Pro. Надградбата доаѓа со нови функционалности, од нови сензори кои овозможуваат активирање на различни алатки во софтверот кој ги поддржува, до жироскоп кој овозможува следење и користење на ротација на пенкалото. Цената на пенкалото e 129 долари.

Заедно со пенкалото има и нова тастатура која е полесна од претходните модели, а овозможува и побрзо полнење на таблетот.

Веројатно вистинската надградба на овие модели може да ја очекуваме за еден месец на WWDC. Apple тогаш ќе ни ги претстави новите оперативни системи, вклучувајќи го и iPad OS. Компанијата веќе неколку години се обидува да нѐ убеди дека iPad може да биде примарен компјутер. Дали од оваа година ова ќе биде вистина ќе дознаеме по конференцијата која е закажана од 10 до 14 јуни.

ARM најави чипови за вештачка интелигенција

ARM пред пролетта 2025 година ќе го претстави првиот чип за вештачка интелигенција. Softbank инвестира 64 милијарди долари за да помогне во трансформацијата на ARM во гигант за вештачка интелигенција, јави Nikkei Asia.

Производството на првите чипови е предвидено да започне есента 2025. Компанијата е во преговори со повеќе производители, помеѓу кои и тајванскиот гигант за производство на полуспроводници и чипови TSMC.

Инвестицијата од 64 милијарди долари е предвидена за поголема конкурентност во повеќе сектори, помеѓу кои се и центрите за податоци и роботика.

„Вештачката интелигенција која ги надминува човечките интелектуални способности може да реши проблеми – како кристална топка која ја кажува иднината. Јапонија треба да ја направи најсјајната кристална топка во центарот.“, вели Масајоши Сон, извршен директор на SoftBank Group.

Уште незавршен Aurora е најбрз компјутер за вештачка интелигенција

Aurora суперкомпјутерот, кој користи хардвер од Intel не успеа да му го одземе првото место на Frontier кој и натаму е на првото место на листата 500 најбрзи суперкомпјутери. Сепак, Aurora суперкомпјутерот сѐ уште не е целосно оперативен

Она што е поимпресивно е дека и незавршен Aurora успеа да го преземе приматот на HPL-MxP mixed-precision benchmark тестот чии фокус е вештачката интелигенција. Тестовите покажаа дека компјутерот има перформанси од 10.6 AI Exaflops. Aurora има проблем со грешки во хардверот, прегревање и оперативни грешки, вели Tom’s Hardware.

Aurora доаѓа со 21 248 процесори и 63 744 графички процесори или вкупно 9 264 128 јадра. Во тестот учествуваше 87% од системот или 9234 од 10624 нода. Дури и ова беше доволно за Aurora да ја пробие границата од 1 Exaflop. Перформансите на тестот беа 1.012 Exaflops, a според првите прогнози нема да успее да ги надмине перформансите на Frontier.

До сега нема податоци за периодот во кој Aurora ќе биде целосно оперативен, иако очекуваме тоа да биде пред крајот на годината.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments