Хардвер од минатата недела нов iPhone и Sony PlayStation 5 Pro!

Avatar img-thumbnail img-circle

во Хардвер

Image courtesy of Apple

Некои недели се навистина здодевни кога хардверот е во прашање, но минатата надополни за неколку. Не само што Apple ни претстави нови телефони и часовници, туку и Sony ја најави новата надградба за PlayStation 5 конзолата.

PS5 Pro подобри спецификации, превисока цена

Без премногу изненадувања Sony го најави новиот модел на PlayStation 5 – PlayStation 5 Pro. За жал најголемото изненадување кое производителот им го приреди на љубителите е непријатно. Новата конзола доаѓа за 700 долари и ќе доаѓа без диск. Претпродажбата започнува на 26 септември, а конзолата официјално излегува на 7 ноември.

За жал иако и цената од 700 долари е превисока, во Европа е и повисока. PS5 Pro во Европа се продава за 800 евра. Сите кои сакаат физички копии на игрите ќе треба да доплатат уште 100 евра. Додајте го на ова и постољето за конзолата од 30 долари и можеби ќе помислите дека по грешка сте се префрлиле на презентацијата на Apple. Во исто време цената на Xbox Series X со диск и 2TB хард-диск е 600 долари.

Претходниот модел на конзолата излезе пред четири години во 2020 година, па можеби и беше време за надградба. Pro моделот ќе доаѓа со надградба пред сѐ во графичкиот дел. Новата графичка картичка ќе биде поголема, ќе овозможува напреден ray-tracing и upscale со помош на вештачка интелигенција. Графичката картичка ќе има 67 отсто повеќе јадра и 28 отсто побрза меморија во споредба со актуелниот модел.

Надградбата ќе овозможи 45 отсто побрзо рендерирање и три пати побрз ray-tracing отколку кај PlayStation 5. Значително е зголемувањето на дискот кој сега ќе биде 2TB.  За сите кои се заинтересирани за физички копии на игрите лоша вест е дека за диск ќе треба да платат дополнително.

За жал не може да кажеме дека видовме нови импресивни игри. Компанијата откри дека работат на надградби на некои од постоечките наслови, но без разлика колку се подобри реизданијата, тешко е да се претпостави дека ќе нѐ возбудат премногу.

Два екрани се добри, три мора да се подобри?!

На Huawei не му се доволни 2 дисплеи за телефоните со флексибилен екран. Компанијата претстави нов уред кои се превиткува три пати. Ако мислевте дека другите „flagship“ телефони се скапи, The Mate XT доаѓа со цена која ќе го засрами и најскапиот iPhone. Уредот ќе се продава за 2800 американски долари.

Телефонот е во развој пет години, а Huawei додека работел на новиот телефон развил нова технологија за флексибилниот екран и за шарките кои ги држат споени трите дела од телефонот. Според претставникот на компанијата Mate XT е првиот триделен телефон и најголем и најтенок флексибилен телефон во светот.

Кога е отворен Mate XT е со големина на 10,2 инчен таблет со 3К резолуција. Дополнително, уредот може да работи целосно отворен или со отворени 2 панели. Вообичаено, сите нови телефони доаѓаат со куп вештачка интелигенција, а ниту овој не е исклучок. Сопствениците ќе може да користат вештачка интелигенција за уредување фотографии, за креирање на текст од аудио, за уредување и превод на текст и куп други можности.

Високата цена не спречи уште во претпродажба да бидат продадени над 3,7 милиони нарачки.

Apple Watch Series 10

Часовниците не беа во фокусот на Apple на презентацијата оваа година. Тоа најдобро може да се забележи од недостатокот на Ultra моделот кој вообичаено е најмоќен и најинтересен за ентузијастите.

Наместо ова ќе мора да се задоволиме со поголем дисплеј на стандардниот модел. Екранот е најголем досега, иако со 46mm и 42mm моделите имаат екран кој е само 1 mm поголем од претходно. Сепак, она што е поважно е дека екранот сега е посветол и се гледа подобро од различни агли. Благодарение на заоблувањето на аглите, новиот часовник не изгледа преголем. Површината на екранот на 46mm часовникот е поголема и од актуелниот Ultra модел.

Часовникот не само што е поголем, туку ќе биде и до 10 отсто потенок и 20 отсто полесен. Според ветувањата на Apple часовникот е поудобен од било кога досега. Добра вест е и дека жртва на поголемиот екран не е батеријата. Часовникот е поштедлив, и дополнително се полни побрзо од претходниците. За само половина час батеријата може да се наполни до 80 отсто од капацитетот.

Уредот и натаму останува додаток за следење на здравјето и фитнес додаток. Apple Watch Series 10 доаѓа со нови функции, како што е детекција на апнеја при спиење, која користи акцелерометар за да го следи движењето во текот на ноќта и дава месечен извештај. Оваа функција чека одобрување од Федералната агенција за здравство.

Часовникот доаѓа и со мерач на длабочина и сензори за температура на вода, корисни за пливачи и нуркачи, како и апликацијата Tides за оние кои шетаат по плажи. Апликацијата нуди прогноза за клима и осека, зајдисонце и изгрејсонце и локални податоци за сурфање.

Новата апликација Vitals помага да се следи интензитетот на тренингот и дозволува денови за одмор без да се нарушат фитнес сериите.

iPhone 16 и 16 Plus

Без сомневање најинтересна вест од хардвер светот покрај новиот PlayStation 5 Pro се новите телефони на Apple. Компанијата ги претстави новите уреди и имаше интересни и добредојдени изненадувања.

Најпријатното изненадување поврзано со новите iPhone телефони е дека ќе доаѓаат со нови чипови A18 и A18 Pro. Ова е добредојдена вест за сите кои не беа воодушевени од праксата на компанијата стандардниот модел на телефоните да го „испорачуваат“ со процесорот од претходната генерација. Новите чипови доаѓаат со повеќе меморија, 16-јадрен Neural Engine, и секако подобри перформанси. Чипот доаѓа со 6 помоќни јадра со подобри перформанси, 4 ефикасни јадра и 5-јадрен графички процесор. Според она што го сподели Apple новиот процесор е 15 отсто побрз и е 20 отсто поштедлив од претходникот. Ова ќе овозможи подобри перформанси за гејминг, а чипот доаѓа и со hardware-accelerated ray tracing.

За сите на кои им се допадна идејата за враќање на физичко копче на минатите Pro модели, добра вест е дека оваа година „Action“-копчето е присутно на сите модели.

Новиот iPhone 16 доаѓа со 6,1-инчен дисплеј, а Plus моделот е со 6,7-инчен екран. Најзабележителните промени се направени кај камерата. Телефонот доаѓа со 48MP главна камера и широкоаголна камера.

Apple заедно со новиот телефон додаде и интересна функционалност која ја нарекоа Visual Intelligence. Функцијата со помош на вештачка интелигенција овозможува едноставно насочување на камерата и добивање на одговори за она што го гледа корисникот или ако на пример ја насочите кон плакат за концерт, може да го додаде настанот во календар.

Телефонот се продава за 799 американски долари за iPhone 16 so 128GB, а цената на iPhone 16 Plus започнува од 899 американски долари. Претпродажбата започнува на 13 септември.

iPhone 16 Pro и iPhone 16 Pro Max

Покрај стандардните модели, Apple и овој пат претстави и помоќни Pro модели. Разликата во големината е минимална. Кај овие модели екраните се 6,3 и 6,9-инчи ProMotion, а телото на телефонот е изработено од титаниум. iPhone 16 Pro и 16 Pro Max се дизајнирани специјално за Apple Intelligence и целосно ги користат новите функции на iOS 18. Овие уреди работат на чипот A18 Pro со 3nm транзистори, кој е побрз и поефикасен од стандардниот A18 чип.

Двата модели имаат 48MP Fusion камера, 48MP широко-објективна камера и 12MP телеобјектив. Камерите поддржуваат снимање на 4K-видео со 120fps и забавено снимање. Вклучуваат ново копче за контрола на камерата и четири студиски микрофони за снимање на Spatial Audio.

Овие телефони поддржуваат Qi2 безжично полнење и цената започнува од 999 и 1199 американски долари. Продажбата започнува од 20 септември.

AirPods 4

Едни од уредите кои вообичаено се незабележани на презентациите на Apple се AirPods слушалките. Новите слушалки имаат H2 чип, редизајниран изглед и кутивчето за полнење е најмало досега. Благодарение на новиот чип звукот е подобар од било кога.

Покрај стандардните слушалки Apple претстави и уште еден модел кој доаѓа со активно поништување на шум и режим на транспарентност. Функции како Conversation Awareness го стишуваат звукот кога корисникот зборува со некој. Цената на стандардниот модел е 129 долари, а на ANC слушалките 179 долари.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk