Доколку размислувате или сте во процес на вадење возачка дозвола, тогаш една од процедурите кои треба да ги поминете е да ги положите електронските тестови. Ова е првото полагање по слушање теоретска настава и, доколку положите, се префрлувате на полагање на полигон, па потоа возење низ град.
Како и да е, за електронскиот тест има 31 прашања, но тие прашања се извлекуваат од колекција од над 600 прашања! Иако поголемиот дел се лесни прашања, некои бараат на памет учење бројки или логичко размислување. За среќа, можат да се најдат бројни веб сајтови кои ем ќе ве тестираат ем ќе ве научат, за да кога ќе дојде момент, ќе успеете да положите со што е можно помалку негативни поени.
Веб сајтови за електронскo полагање на теоретскиот дел од возачкиот испит
Веб сајт број 1 – Министерство за внатрешни работи ги нуди сите прашања од еднаш, со или без точните одговори. Паралелно со ова, нудат и можност за онлајн тестирање преку Тестирај се онлајн опцијата. Дефинитивно ви препорачуваме да го проверите ова, затоа што точно ќе видите како изгледа онлајн тестот и како се избираат и заклучуваат одговори.

Веб сајт број 2 – Авто Школа Онлајн е одличен веб сајт кој ви нуди 40 тестови со најразлични прашања. Решавањето е доста слично со тоа како изгледа вистинскиот тест и по завршување на тестот добивате информација за тоа дали сте положиле или не, колку негативни поени имате и дали сакате да се завратите за да видите кои прашања сте ги погрешно одговориле. Во ситуации на грешки, ви се прикажува вашиот одговор со црвено, а точниот со зелено.

Веб сајт број 3 – Тест за возачка дозвола е уште еден корисен веб сајт кој го прилагодувате според ваши потреби. Имено, по избирање на соодветната категорија за која полагате, можете да наместите да ви се сервира тест од најразличен број прашања, почнувајќи со 10, завршувајќи со 100 или пак сите 600 прашања.

Кој веб сајт да користите?
Сите три веб сајта се интересни, но, во поглед на дизајн и организација, нам ни се највеќе допаѓа вториот веб сајт. Кој и да одберете, шансите се дека нема да погрешите, особено доколку решавате по тест-два секој ден.
Среќно!







