Благодарение на настанот на Microsoft, минатата недела можевме да видиме куп лаптоп компјутери. Microsoft го искористи настанот да ни го покаже и првиот Surface кој доаѓа со новиот Snapdragon X процесор на Qualcomm. И Google оваа недела ни претстави куп нови Chromеbook Plus лаптопи кои доаѓаат со поддршка за вештачка интелигенција. Интересно за прв пат производителите ја користат интеграцијата со вештачката интелигенција за да ги привлечат купувачите.
Surface Pro
Новиот Surface Pro на Microsoft е најмоќниот досега и ќе биде првиот кој доаѓа со новите Snapdragon X Elite и Plus процесори. Новиот лаптоп не само што е помоќен од претходниците, туку и ќе може да работи 14 часа пред да треба да го ставите да се полни.
Основниот модел доаѓа со избор помеѓу LCD и OLED екран; Snapdragon X Plus процесор; 16 GB RAM меморија; 256 GB диск. Цената на овој уред е 999 долари. Новиот Surface Pro доаѓа со Wi-Fi 7 поддршка и има две USB-C порти.
За оние корисници на кои им се потребни подобри перформанси Microsoft ќе понуди и помоќен модел. Најмоќниот модел доаѓа со OLED екран; Snapdragon X Elite; 32 GB RAM меморија; 1TB диск и чини 2100 американски долари. Ова е најмоќниот модел, а компанијата има и некои уреди кои се на средина. На пример првиот компјутер кој доаѓа сo Snapdragon X Elite чини 1500 долари. Овој уред доаѓа и со 16 GB RAM и 512 GB SSD.
Заедно со новите таблет компјутери Microsoft претстави и нова тастатура. Flex Keyboard доаѓа заедно со електронско пенкало; поиздржлива е од претходникот и има поголем тачпад. За разлика од претходните модели овој може да се користи преку Bluetooth, дури и кога екранот не е приклучен на тастатурата. Цената на Flex Keyboard е 450 долари што некако делува прескапо.
Она што е најголема разлика е дека Surface Pro 11 е првиот Surface Pro Copilot+ PC. Ова значи дека уредот има поддршка за сите функционалности овозможени од вештачката интелигенција кои Microsoft ќе ги додаде во иднина.
Surface Laptop
Покрај Surface Pro, Microsoft на својот настан го претстави и Surface Laptop моделот. Лаптопот доаѓа во две верзии; со 13,8-инчен екран и 15-инчен екран. Двете доаѓаат со ARM чипови. Како и претходниот модел и овде корисниците ќе имаат избор помеѓу Plus и Elite верзијата на Snapdragon X.
Основниот модел доаѓа со 16 GB RAM; 256 GB SSD и Snapdragon X Plus процесор, но може да се надгради до 32 или 64 GB RAM или 1 TB SSD. Помалку чудно, моделот со 64 GB RAM барем засега е достапен единствено во претпродажба. Во зависност од големината на екранот 13,8-инчниот модел има резолуција 2304х1536, а екранот на поголемиот, 15-инчен модел е со резолуција 2496×1664.
Лаптопите доаѓаат со две USB-C порти и една USB-A 3.1 порта. Веројатно поимпресивно од ова е дека новиот модел на Surface Laptop е до 80 отсто побрз од претходникот, а истовремено е поштедлив со батеријата. На тестот со плејбек на видео, уредот издржува 22 часа со едно полнење на батеријата.
За Microsoft новите лаптопи се првите од серијата „Copilot Plus PC“. Ова ќе бидат уреди кои ќе имаат поддршка за вештачка интелигенција и за сите функционалности со кои ќе доаѓа новиот оперативен систем.
Основната верзија на помалиот, 13,8-инчен модел чини 999 американски долари, а почетната верзија на поголемиот модел е 1199 долари. Двата уреди се веќе достапни во претпродажба, а испораката и продажбата започнуваат на 18 јуни.
Copilot на куп компјутери
Традиционално овие презентации на Microsoft имаа простор за куп уреди од партнер-компании. Оваа година оваа бројка е на ново ниво. Речиси секој производител претстави барем еден Snapdragon X уред co Copilot.
HP Omnibook X
Новиот Omnibook доаѓа со помоќниот модел на чипот на Qualcomm – Snapdragon X Elite. Лаптопот доаѓа со 14-инчен дисплеј, а слично како Surface има поддршка за Wi-Fi 7. Корисниците ќе може да одберат уред со најмногу 32GB RAM и SSD од 2 TB.
Цената на Omnibook X е 1200 долари, а продажбата започнува на 18 јуни.
HP EliteBook Ultra G1q
Покрај Omnibook, HP го претстави и EliteBook Ultra G1q моделот. Лаптопот доаѓа со Snapdragon X Elite процесор, и како и сите останати лаптопи кои беа претставени ќе доаѓа со поддршка за вештачка интелигенција.
EliteBook Ultra G1q доаѓа со 14-инчен 2240×1400 WLED екран на допир; 16 GB LPDDR5x меморија; 512 или 1TB SSD. За жал меморијата е залемена на плочата и нема можност за надградба.
Продажбата започнува на 18 јуни, а уредот ќе чини 1700 долари.
Acer Swift 14 AI
Acer го претстави Swift 14 AI. Лаптопот доаѓа со 14,5-инчен екран, до 32 GB RAM меморија; и 1 TB SSD. Интересно ова се слични спецификации со сите други лаптопи кои ги видовме, па ќе треба да почекаме да ја видиме разликата помеѓу сите уреди.
Новиот 14-инчен лаптоп ќе доаѓа со поддршка за најавените функционалности на Windows 11 како Recall и Cocreator.
Цената на основниот модел е 1100 американски долари, а испораката започнува во јули.
Dell XPS 13 9345
XPS 13 на Dell веројатно е еден од најдобрите и најубавите Windows лаптоп компјутери. Компанијата го претстави новиот модел кој сега доаѓа со Snapdragon процесор и ќе биде алтернатива на актуелниот Intel Core Ultra модел.
Dell XPS 13 9345 доаѓа со 13,4-инчен дисплеј со избор на резолуција од (2560×1600, 120Hz; 2880×1800, 60Hz; или 1920×1200, 120Hz). Ова не е изненадување, бидејќи производителот веќе ги користи истите екрани и за лаптопот со Intel процесор.
Што се однесува до меморијата и дискот за овој модел, Dell овозможи од 512 GB до 2TB диск и 8, 16, 32 или 64 GB LLDDR5X меморија. Лаптопот доаѓа со 1080р камера и Wi-Fi 7 поддршка. Цената на основниот модел ќе биде 1300 долари.
Претпродажбата за лаптопот е веќе започната, но за испораката нема информации.
Samsung Galaxy Book4 Edge
И Samsung претстави свој лаптоп, и тоа неколку верзии. Новата Book4 Edge серија ќе доаѓа со различни димензии на екранот од 14 или 16 инчи со резолуција од 3К. Екранот е чувствителен на допир.
Уредите доаѓаат со 16GB RAM; максимум 1TB SSD и Wi-Fi 7. Батеријата на помалиот лаптоп е 55,9 Wh, а на поголемиот 61,8 Wh.
Цената на 14-инчниот модел е 1349 долари, а основниот 16-инчен модел чини 1450 долари.
Honor телефоните во иднина ќе доаѓаат со Google AI
За среќа ќе може да ја разбиеме монотонијата од лаптоп компјутерите. Honor најави дека во иднина нивните телефони ќе доаѓаат со вештачка интелигенција од Google, Gemini AI.
Портпаролот на Honor објави дека Gemini AI ќе биде само дел од вештачката интелигенција која ќе доаѓа на нивните уреди. Imagen 2 вештачката интелигенција која генерира слики од текст е уште една, пренесе CNBC.
Honor е еден од првите производители на паметни телефони кои најавија дека ќе ја интегрираат вештачката интелигенција од Google на својот хардвер. Honor се надева дека додавањето на вештачка интелигенција во уредите ќе ги заинтересира корисниците за потенцијална надградба на уредите.
SpatialLabs Eyes Stereo Camera
SpatialLabs Eyes Stereo Camera е нов уред од Acer наменет за оние корисници кои се заинтересирани за 3Д видео и фотографии. Камерата е наменета за снимање и фотографирање на 3Д содржина, но може да се користи и за стрим на видеа во живо. Веројатно она што е најимпресивно е дека е доволно малечка да може да се носи во џеб.
Камерата е со 8MP резолуција по око и доаѓа со електронска стабилизација на слика (EIS). Дел од функционалностите се и автоматско фокусирање и избор на точка за фокус.
Камерата ќе излезе некаде на почетокот на летото и ќе се продава за 549 евра.
Нов Chromebook Plus
Повторно се враќаме на лаптопи, овој пат Chromebook. Google објави дека Gemini и останатите функционалности овозможени од вештачката интелигенција ќе бидат достапни и на Chromebook Plus. Заедно со најавата ги дознавме и првите уреди кои ќе доаѓаат со функционалностите.
„Help me write“ е една од функционалностите кои доаѓаат со вештачката интелигенција. Со помош на оваа функционалност корисниците ќе добиваат сугестии за подобрување на својот текст. Тие ќе може да генерираат текст од промпт или да го сменат тонот, да го скратат текстот или во целост да го променат.
Со „Magic Editor on Google Photos“ корисниците со помош на вештачка интелигенција ќе можат да ги уредат своите фотографии од Google Photos.
Заедно со најавата можевме да видиме нови Chromebook уреди.
Acer Chromebook Plus Spin 714
Еден од уредите кои Google ги претстави на својата страница е Acer Chromebook Plus Spin 714. Станува збор за хибриден уред кој може да се користи како Chromebook, а благодарение на флексибилноста и тоа што тастатурата може да се „заврти“ 360° може да се користи и како таблет компјутер.
Уредот има неколку модели. Корисниците може да одберат помеѓу два Intel Core i5 процесори и еден помоќен Intel Core i7. Уредите доаѓаат со 16GB RAM и 512 GB диск. Екранот е 14-инчен QHD со резолуција 1440р. Вештачката интелигенција доаѓа интегрирана во лаптопот и ја подобрува сликата од камерата и звукот.
Цената на основниот модел е 700 долари.
Acer Chromebook Plus 514
Acer Chromebook Plus 514 е веројатно најдостапниот Chromebook на листата, барем кога цената е во прашање. Chromebook Plus 514 доаѓа со 14-инчен екран; Intel Core i3 процесор; 8GB RAM и 512 GB диск. Цената на уредот е 349 американски долари.
Acer – Chromebook Plus 516 GE
Третиот Chromebook Plus модел кој го престави Acer можеби е и најинтересен. Chromebook Plus 516 GE е единствениот кој беше претставен како дел од новата гејминг серија. Уредот доаѓа со 16-инчен WQXGA екран со резолуција 2560х1600; Intel Core i5 процесор; 8GB LPDDR4X меморија; и 256 GB SSD. Цената на овој уред е 649 долари.
Chromebook Plus x360 од HP
Четиринаесет инчниот Chromebook Plus x360 доаѓа со Intel Core i3 процесор; 8GB меморија и 256 GB диск. Како и Plus Spin 714 и овој уред е 2-во-1 таблет и Chromebook. Тастатурата може да се заврти 360° и уредот ќе работи како таблет. Со едно полнење на батеријата Chromebook Plus x360 може да работи 10 часа и 15 минути.
ASUS Chromebook Plus CX34
Уредот се продава за 429 американски долари.
ASUS Chromebook Plus CX34 е уште еден 14-инчен лаптоп чии корисници ќе може да ја користат вештачката интелигенција. Оваа надградба доаѓа со 13-генерација на Intel Core i5 процесор; 8GB меморија; и 128GB SSD. Уредот доаѓа со Wi-Fi 6E и има модели со, и без екран на допир.
Цената на Chromebook Plus CX34 е 499 американски долари.