Минатата недела можевме да видиме некои интересни најави за хардвер. Веројатно најинтересно за љубителите на графички картички се новите картички на Intel кои конечно се достапни во продажба. Освен ова, за „десктопџиите“ има одлични вести и од AMD кој пред крајот на август ќе ги претстават Ryzen 7000 процесорите.
Покрај ова можевме да видиме и ново безжично глувче од Logitech, одличен, иако прескап гејминг монитор од Samsung.
Intel Arc Alchemist A380 достапна во продажба
Мината недела за првпат во продажба се појави дискретна графичка картичка од Intel. Intel Arc A380 е буџет графичка картичка која треба да биде конкуренција на поевтините модели како GTX 1650 или Radeon RX 6400.

Интересно, првата картичка која е достапна во продажба не доаѓа од Intel. Производител е ASRock, a моделот се продава за 140 долари. Она што може да заклучиме по цената е дека Intel ќе се обиде да конкурира во прв чекор на поевтините модели на Nvidia и AMD.
Најголем дел од деталите беа достапни и од претходно. Arc A380 доаѓа со ACM-G11 графички процесор, 6GB меморија на 96-битен бас. Графичката доаѓа со 3x DisplayPort 2.0 и 1x HDMI 2.0b порти. Потрошувачката на енергија е значително помала од конкурентните графички картички, и за Arc A380 е потребно 75W напојување.
Секако кога графички картички се во прашање секогаш постои прашањето „Можам ли да ја играм Crysis?“. Одговорот е „Да“, иако има проблеми со драјверите Crysis на Arc А380 достигнува 60FPS на 1080р резолуција. Нагодувањата на играта беа „very high settings“ и „anti-aliasing“ 4x MSAA. Со овие нагодувања беа постигнати стабилни 60FPS и максимум е 80FPS.
Logitech G705
Веројатно кога компјутерските глувчиња се во прашање, штом човек пронајде кое е она што „му лежи во рака“, тешко е да се навикне на друго во целост. Logitech G705 е ново безжично глувче кое ќе се обиде да нѐ убеди дека е најдобриот избор за нас. Овој пат Logitech претстави малечко компјутерско глувче, меѓу другото наменето и за гејминг.
Глувчето се поврзува безжично. За ова во пакувањето доаѓа со 2.4 GHz USB-A „dongle“, или ако сака, корисникот може да се поврзе и со Bluetooth LE. Кога е поврзано преку „dongle“ глувчето ја испраќа својата положба 1000 пати во секунда. Ако се користи со Bluetooth позицијата се испраќа 133 пати во секунда. Сепак вака глувчето е многу поштедливо, иако и помалку прецизно.

G705 е лесно и удобно глувче со повеќе функционалности кои не ги очекуваме во малечок уред: Програмабилни копчиња; променливa чувствителност (DPI), па дури и RGB светилки.
Уредот има и три RGB зони по краевите. За целосно користење на функционалностите е потребно да се инсталира софтверот на Logitech, G Hub. За жал ако имате искуство со последната верзија, веројатно немате пофални зборови. Софтверот со новата верзија е непотребно комплициран, а дел од функционалностите се променети. Дополнително е прашање колку навистина е практично поставување на RGB, на уред кој доаѓа со батерии.
Конечно, Logitech G705 не е ниту евтино глувче. За 100 долари колку што чини, веројатно може да одберете и подобро.
Ryzen 7000 доаѓа на 29 август
Пред крајот на август ќе дочекаме и официјално да ги видиме првите Ryzen 7000 процесори. AMD го закажа преставувањето за 29 август. Заедно со процесорите компанијата ќе објави и детали за АМ5 сокетите, пишува ArsTechninca.
Во споредба со Zen 3 процесорите може да очекуваме барем 15% подобри перформанси. Ако им веруваме на гласините, покрај перформансите ќе расте и бројот на јадра. За оваа серија очекуваме 6-јадрен Ryzen 5 7600X, 8-јадрен Ryzen 7 7700X, 12-јадрен Ryzen 9 7900X и 16-јадрен Ryzen 9 7950X. Во последно време видовме повеќе нови процесори со повеќе јадра од Intel и Apple. Најголема разлика е што оваа серија нема штедливи јадра, туку сите јадра се со исти перформанси. Ова секако значи дека за процесорот ќе биде потребно поголемо напојување, но и самиот процесор ќе биде помоќен. Ако им веруваме на последните вести, процесорите можеби нема да доаѓаат со повисока цена.

Она што е сигурно е дека за новите процесори ќе биде потребен и нов сокет. По 5 години компанијата ќе го „пензионира“ AM4 сокетот. Ова за жал значи дека за новата генерација покрај процесор ќе биде потребна и нова плоча. Покрај ова, новата плоча нема поддршка ниту за DDR4 RAM, што ќе значи дека е потребна и нова меморија. Тоа практично би значело дека купуваме речиси цел нов компјутер.
Повеќе вести ќе дознаеме за точно една недела, па ќе биде интересно да видиме кои се релевантни информации, а што од вестите кои протекоа досега се шпекулации.
55-инчен Samsung Odyssey Ark монитор
Јужнокорејскиот производител Samsung во септември започнува со продажба на нов и супер атрактивен гејминг монитор. Odyssey Ark е 55-инчен монитор со заоблен екран. Дисплејот е miniLED со закривување 1000R. Ако му веруваме на Samsung ова е прв 55-инчен, 4К-монитор со 165Hz рефреш и 1ms „response“. Мониторот доаѓа со HDR 10+ поддршка. Ако квалитетот на дисплејот не е доволен да ве убеди, Samsung сериозно поработи и на звукот. Мониторот доаѓа со 6 звучници, по еден во аглите, и 2 сабвуфери на задната страна.
Odyssey Ark доаѓа со софтвер кој овозможува промена на големината на различните отворени апликации. Ова креира своевидно чувство на повеќе активни монитори. Со оглед на димензиите на Odyssey Ark 55, тоа што овие монитори се виртуелни воопшто и не пречи. Дополнително мониторот овозможува намалување на прозорецот и кога е отворена само една апликација, но ова не изгледа претерано корисно.
Веројатно очекувате дека станува збор за поскап уред и сосем сте во право. Odyssey Ark чини 3500 долари. Најголем дел од прегледите досега го прогласија за врвен гејминг монитор, но оваа цена секако нема да го направи достапен за сите.