Хардвер од изминатата недела: лаптоп од HP, Nord 20, Vivosmart 5…

во Хардвер

Оваа недела баш и не можевме да видиме премногу нов хардвер. Сепак имаше неколку интересни уреди кои се интересни, иако веројатно никој не ги очекуваше со нетрпение.

HP работи на 17-инчен лаптоп со флексибилен екран

Иако засега нема официјална потврда, се појавија гласини за нов флексибилен лаптоп од HP. Новиот лаптоп компјутер ќе биде 2 во 1 уред. За разлика од поголем дел од хибридните уреди овој лаптоп ќе доаѓа во еден дел. Кога ќе биде отворен лаптопот ќе работи како таблет компјутер. Како и останатите уреди и овој ќе доаѓа со можност за превиткување на екранот. Кога екранот ќе биде подигнат, долната половина ќе работи како виртуелна тастатура, а горната половина ќе биде помал екран.

Ако HP го издаде својот прв ваков лаптоп, ќе биде само трет производител кој го направил ова. Досега лаптопи со флексибилен екран претставиле единствено Lenovo и Asus. Што ќе значи влегувањето на трет голем производител на пазарот за поголема прифатеност на технологијата, ќе мора да почекаме и да видиме.

OnePlus го најави Nord N20

OnePlus го претстави новиот паметен телефон во својата најпопуларна серија. Телефоните во Nord-серијата се едни од најдобро продаваните и најпопуларни уреди на OnePlus. Ова веројатно не треба ни да биде изненадување со оглед на цената и хардверот на телефонот. За помалку од 300 долари (282 точно) купувачот ќе добие 6,43-инчен “FHD+” OLED дисплеј; 6GB RAM; 128GB простор; 4,500 mAh батерија. Телефонот доаѓа со Qualcomm Snapdragon 695 процесор.

Процесорот е 8 јадрен со две Cortex-A78 јадра на 2.2GHz ARM и шест Cortex-A55 на 1.7GHz. Графичкиот процесор на Snapdragon 695 e Adreno 619 GPU. Веќе вообичаено телефоните доаѓаат со читач на отпечатоци „скриен“ во екранот. На Nord N20 има простор и за microSD картичка.

OnePlus Nord N20 5G

Засега нема детални спецификации на телефонот, но знаеме дека доаѓа со 64MP камера, монохроматска и макро леќа.

Телефонот од 28 април ќе биде достапен во САД, по што веројатно ќе може да го очекуваме и на другите пазари.

По четири години Garmin претстави нов Vívosmart

По четири години пауза оваа недела Garmin претстави надградба на својот фитнес тракер Vivosmart 5. Новиот модел не отстапува премногу од претходната серија, иако доаѓа со нешто поголем екран. Најважно што фитнес додатокот има програмирани 14 различни типови на вежби, од јога, до интензивни тренинзи.

Vivosmart 5 е едноставен додаток од кој не може да се очекува премногу. За разлика од куп нови часовници кои доаѓаат со различни сензори за следење на здравствената состојба, тука нема премногу дополнителни функционалности. Сопствениците ќе можат да ги следат нивото на активност, менструалните циклуси, кислород во крвта и стрес.

Со цена од 150 долари уредот е дел од најевтините додатоци од Garmin.

Ryzen Pro 6000 Series

AMD ги најави новите мобилни процесори со Zen 3+ јадра. Ryzen Pro 6000 доаѓа и со интегрирани RDNA 2 графички картички. Новата серија процесори ќе биде наменета за деловните корисници и треба да ги замени постоечките Ryzen Pro 5000 чипови, вели Tom’s Hardware.

Најавени се 6 Ryzen 6000 Pro H-Series чипови и 2 Ryzen 6000 Pro U-Series чипови. Ryzen 5 Pro 6650HS и Ryzen 5 Pro 6650H доаѓаат со 6 физички и 12 виртуелни јадра и работна фреквенција од 3,3 до 4,5 GHz. На „врвот“ се Ryzen 9 Pro 6950HS Ryzen 5 Pro 6950HS кои доаѓаат со 8 физички и 16 виртуелни јадра. Процесорите од U-серијата доаѓаат со 6 односно со 8 физички и 12/16 виртуелни јадра.

Процесорите од U-серијата доаѓаат во две верзии. Ryzen 5 Pro 6650U и Ryzen 7 Pro 6850U. Кај овие процесори може и да се направи споредба со претходната генерација. Потрошувачката на енергија е нешто повисока во однос на Ryzen Pro 5000, но и работната фреквенција на новите процесори е повисокa. На пример Ryzen 5 Pro 6650U работи на 4,5/2,9GHz, а неговиот претходник Ryzen 5 Pro 5675U на 4,3/2,3 GHz. Според AMD перформансите на процесорот се 1,1 пати подобри. Подобрување има и кај графичката картичка која значително ги подобрува перформансите на новиот процесор.

Првите лаптоп компјутери со новите процесори на AMD ќе бидат достапни во второто тримесечје на 2022.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk