Американскиот апелационен суд ја потврди својата претходна одлука со која процени дека „скрапирањето“ (scraping) на јавно достапни податоци не е илегално.
Судот ја донесе одлуката по тужба на LinkedIn. Друштвената мрежа во судски спор го обвини ривалот HiQ Labs, за неовластено собирање на податоци од корисничките профили. Спорот е започнат уште во 2017 година, кога LinkedIn побарал од HiQ Labs веднаш да престане да собира податоци од профилите. Во барањето LinkedIn објасни дека станува збор за илегална практика која е закана за приватноста на корисниците.
Оваа недела судот ја потврди својата претходна одлука дека собирањето на јавно достапни податоци не прекршок под Законот за компјутерска измама и злоупотреба. Под овој закон е сместено хакирање и друг компјутерски криминал. LinkedIn e незадоволен оваа одлука и веќе најави нова жалба.
„Разочарани сме од одлуката на судот. Ова е прелиминарна пресуда и случајот не е завршен“, вели портпаролот на LinkedIn, Грег Снапер. „Ќе продолжиме да се бориме за да ја заштитиме способноста на нашите членови да ги контролираат информациите што ги оставаат достапни на LinkedIn. Ако ваши податоци се земаат без дозвола; се користат на начин на кој не сте се согласиле; тоа не е во ред. На LinkedIn, нашите членови ни ги доверуваат своите информации. Поради ова забрануваме неовластено скрапирање на нашата платформа“.
Под „Web scraping“ се подразбира најчесто автоматизирано пробирање на податоци од веб-страници, иако овој процес може да се прави и рачно. Ова значи дека софтверот има пристап до интернет преку HTTP или преку прелистувач. Потоа автоматски собира податоци од страниците и ги копира истите во база на податоци или табела. Често овие податоци се безбедни за користење и собирање. Сепак во минатото имаше и примери во кои собирањето не беше безопасно. На пример стартапот за препознавање на ликови Clearview AI со години собира слики од најголемите друштвени мрежи. Овие слики ги користи за да изгради база на лица. Потоа овие податоци преку својата технологија ги нуди на полицијата и слични агенции. Facebook, Instagram, Parler и Venmo поради ова неовластено собирање на профилните слики имаат поднесени тужби против стартапот, вели TechCrunch.
Од друга страна, одлуката на судот е добредојдена за сите архивисти, академици и истражувачи, кои постојано прибираат податоци кои се јавно достапни на интернет. Одлуката ќе помогне и за легитимните сервиси кои архивираат веб-страници, а до одлуката беа во правен вакуум, додава TechCrunch.
И да не се заборави дека Microsoft е сопственик на LinkedIn…