Хардвер новости од минатата недела: SSD, HoloLens 3, Canon EOS R3, роботи граничари…

во Хардвер

И оваа недела имаме можност да погледнеме куп најави за интересен хардвер. Неколку производители најавија нови SSD; System76 најави нов лаптоп; Microsoft сепак нема намера да престане да го развива HoloLens…

Silicon Motion најави PCIe 5.0 SSD со брзина до 14GB/s

Производителот на дискови Silicon Motion најави дека во 2024 година може да очекуваме PCIe 5.0 SSD кои ќе можат да достигнат брзини на читање од 14 GB/s и брзини на запишување од 12GB/s. Ова е огромен скок во брзината, со оглед на тоа дека моменталните брзини се некаде на половина од ова. Клучен за новите брзини ќе биде новиот PCIe 5.0 контролер.

Дел од конкурентите на Silicon Motion ги најавија своите први PCIe 5.0 дискови за оваа година. Сепак кога овој производител е во прашање 2022 и 2023 година остануваат со PCIe 4.0 SSD. Дури и ако оваа година ги видиме првите PCI3 5.0 SSD, веројатно ќе бидат прескапи и подолго време нема да има буџет варијанти на дисковите.

TeamGroup го претстави првиот PCIe 5.0 SSD

Производителот на дискови TeamGroup го претстави T-Force Cardea PCIe Gen5 SSD, еден од првите PCIe 5.0 SSD за домашни корисници. Дискот е наменет за десктоп компјутери. Вообичаено фокус на овие уреди кои нудат перформанси по супер висока цена се гејмерите. Брзината на читање на T-Force Cardea PCIe Gen5 е 13000MB/s, а брзината на запишување 12000MB/s. Со овие перформанси дискот ќе биде еден од најдобрите кога ќе биде достапен.

Дискот е наменет за сопствениците на AM5 процесори од AMD и Alder Lake процесори од Intel. Максималниот капацитет на дискот ќе биде 4TB.

System76 го претстави новиот Linux лаптоп

System76 го претстави својот нов Linux лаптоп. Доаѓа со најмоќниот AMD Ryzen 5000 процесор и Nvidia RTX 3060 графичка картичка. На конфигураторот на Kudu  може да се креираат конфигурации кои чинат и над 3400 долари, а со додавање на дополнителни додатоци, како екстра полнач, екстерен USB DVD-режач, торба за лаптоп, цената може да оди и погоре.

Лаптопот доаѓа со 15,6-инчен дисплеј; Ryzen 9 5900HX (3,3 до 4,6Ghz) со 8 физички јадра и 16 виртуелни јадра; максимум од 64 GB DDR4-3200 RAM; и 2TB PCIe Gen3 SSD. Процесорот засега нема алтернатива, па сите кои се надеваат на подобар процесор ќе мора да почекаат до серијата 6000 на AMD и AMD Ryzen 9 6900HX.

За сите Linux корисници кои сакаат да изиграат некоја игра, добра вест е дека дисплејот е со резолуција 1920×1080 и рефреш 144Hz. Па со Nvidia RTX 3060 ќе овозможи солиден изглед и перформанси.

Голем недостаток на лаптопот е цената, основниот модел доаѓа со 8GB RAM и 240 GB SSD, и чини 1800 долари.

Microsoft сепак не размислува да го прекине развојот на HoloLens 3

Дел од извештаите откако Microsoft ги купи Activision-Blizzard беа во насока дека компанијата ја подобрува својата положба за развој на метаверзумот. Без сомневање компанијата е заинтересирана за метаверзумот, но извештај на Business Insider вели дека Microsoft не е сигурен дека сака да развива хардвер за платформата.

Компанијата последниве месеци се откажала или барем размислува во целост да се откаже од понатамошен развој на HoloLens 3. Наместо ова склучиле договор со Samsung кој ќе биде производител на следната генерација на очила за проширена реалност која во Microsoft ја викаат „mixed reality“.

Добра вест за сите кои се сомневаат во можностите на развојниот тим на Samsung е дека Microsoft веднаш ја демантираше веста додавајќи дека „HoloLens е клучен дел од плановите на компанијата за идните технологии, како проширената реалност и метаверзумот. Остануваме посветени на HoloLens и на иднината на развојот на HoloLens“.

Microsoft сепак не ја коментираше веста за партнерството со Samsung.

Canon EOS R3

Canon ја претстави EOS R3 камерата со која компанијата повторно е во врвот, барем кога автоматското фокусирање е во прашање. Технологијата која е искористена во камерата му овозможува на фотографот да ја користи функцијата за автоматско фокусирање со едноставно „гледање“ во посакуваниот објект.

Ова е прва камера од Canon која доаѓа со повеќеслоен сензор со позадинско осветлување (backside illuminated, stacked sensor). Новиот сензор овозможува фотографирање во „burst“ со автоматски фокус и експозиција до 30 fps, вели Engadget. Сензорот доаѓа со подобрена осетливост на светлина што го прави подобар за фотографирање во услови кога нема доволно светлина.

https://in.canon/en/consumer/eos-r3-body/product

EOS R3 е скап фотоапарат кој чини 6000 долари; со не премногу импресивна 24,1 MP резолуција на фотографиите. Сепак перформансите се доволни за камерата да биде прогласена за најдобра од Canon. Камерата е одлична и во услови со помалку светлина. Дури и на ISO 3200 речиси и не се забележува изместување на боите, а дури и при ISO 12800 и ISO 25600 фотографиите се употребливи. EOS R3 е исклучително добар и за снимање на видео. Камерата овозможува full-frame 4К снимање при 120 fps со All-I capture и DCI 6K RAW видео со максимални 60 fps.

https://in.canon/en/consumer/eos-r3-body/product

За повеќе детали и споредби погледнете го видеото на Engadget.

САД тестираат роботи граничари

Од пострашните вести, САД започнаа со тестови во кој чувари на границата се роботи кучиња.

Одделот за домашна безбедност на САД објави детали од тестовите на роботи кои ја чуваат јужната граница на САД. Засега станува збор единствено за тест програма и нема најава дали во иднина би можеле роботите да ги видиме и како вистински граничари. Роботите на Boston Dynamics и Ghost Robotics и досега премногу потсетуваа на роботите од Metalhead епизодата на Black Mirror, па дополнителна сличност никако не беше потребна.

Кучињата-роботи кои патролираат на границата може да се доопремат со дополнителна помошна опрема како термални камери или камери за ноќно гледање. Не толку одамна кучето на Ghost Robotics имаше презентација во која беше опремено и со огнено оружје.

https://www.dhs.gov/science-and-technology/news/02/01/feature-article-robot-dogs-take-another-step-towards-deployment
https://www.dhs.gov/science-and-technology/news/02/01/feature-article-robot-dogs-take-another-step-towards-deployment

Роботите во патролирањето може да се движат автономно или да бидат управувани од луѓе, а со едно полнење на батеријата може да поминат 12 километри за три часа. Главните забелешки на робот кучето е што батеријата е ограничена, па не овозможува доволно слобода ако кучињата патролираат како помош на луѓето.

GoPro најави нови камери

Веројатно најпопуларниот производител на преносни акциски-камери GoPro, најави дека наскоро на Hero и Max моделите ќе им се приклучат два нови модели. Засега нема објаснување што ќе бидат и за кого се наменети новите камери. Ник Вудман кој е основач и директор на GoPro,  вели дека размислуваат за специјализирани камери. Можеби моделите кои се најавени воопшто и нема да бидат модели за корисници со различен буџет, туку камери за корисници со различни потреби.

https://gopro.com/en/us/

Во презентацијата Вудман објасни дека како компанија не размислувале да креираат една камера која е добра за сите, туку повеќе различни модели кои ќе бидат совршени во полето во кое се употребуваат. Ова во иднина можеби би значело, еден „entry“ модел кој би бил соодветен за пошироката публика, и серија други модели со специфична примена. Секако за ова ќе добиеме повеќе детали во иднина.

Нови слики од графичката картичка на Intel Arc Alchemist

Пред неколку години дознавме дека Intel ќе се приклучи на Nvidia и AMD со дизајн и производство на сопствени графички картички. Можеби се надевавме дека ова ќе се случи побрзо, но еве конечно имаме можност барем да видиме како ќе изгледа. Ова се првите графички картички од Intel кои доаѓаат со Xe-HPG архитектура. Според најавите Intel Arc Alchemist картичките треба да бидат достапни во март оваа година.

Од она што може да го видиме на сликата не може да извлечеме премногу информации. Картичката има 3 дисплеј порти и 1 HDMI порта. Од претходно Intel објави дека излезите ќе бидат Display Port 2.0. Videocardz забележа дека на картичката има осум мемориски модули што значи дека или е флегшип модел 16 GB RAM или ослабен модел со 12 GB RAM.

Она на што се надеваме е дека со уште еден производител барем ќе има повеќе графички картички на пазарот, па можеби ќе може да најдеме некоја.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments