Минатата недела баш и немаше премногу нов хардвер. Веројатно најинтересната вест беше дека Intel конечно излезе со повеќе детали за датата на излегување на ARC графичките картички. Втора голема вест е дека вредноста на AMD за првпат ја надмина вредноста на Intel.
AMD е повредна компанија од Intel
На 15-ти февруари, за првпат во историјата вредноста на AMD ја надмина вредноста на Intel. Вредноста на AMD според акциите на берза беше 197,75 милијарди долари, а на Intel 197,24 милијарди долари. Растот на вредноста на AMD доаѓа по купувањето на компанијата Xilinx.
Пред една недела AMD ја финализира аквизицијата на Xilinx. Aкциите на Xilinx се претворија во акции на AMD. По ова бројот на акции на AMD се зголеми за 428 милиони акции кои се додадени на постоечките 1,2 милијарди. Ова беше доволно вредноста на AMD да ја надмине вредноста на Intel за 52 милиони долари. Разликата е минимална, но e интересно достигнување за компанијата, чија вредност за првпат во историјата ја надмина вредноста на најголемиот конкурент.
Вистинската вредност на компаниите е сепак нешто поразлична. Во 2021 приходите на Intel беа 79 милијарди долари, a заработката 19,9 милијарди долари. За AMD во истиот период, приходите беа 16,4 милијарди долари, а заработката 3,16 милијарди долари.
Пад на цената на графичките картички
Одлична вест за сите кои планираат да се подноват со нова графичка картичка. Неколку месеци по ред паѓа цената на графички картички. За жал цената за која можат да се пронајдат во продажба сè уште е далеку од препорачаната цена на производителите. Сепак, новите графички картички од AMD и Nvidia, Radeon RX 6500 XT и GeForce RTX 3050 може да се пронајдат за под 500 долари, јави Techspot. Ова секако не беше случај до неодамна, кога цените на картичките во продажба беа значително повисоки од препорачаните од производителот.
Покрај новите картички, паѓа цената и на постарите модели, па покрај можноста за евтини модели, за првпат по подолго време купувачот ќе може да се одлучи помеѓу економичен модел и избор помеѓу квалитет/цена. На пример цената на RTX 3070 Ti е падната од 1300 на 880 долари, a RTX 3060 од 880 долари на 670 долари.
Основна причина за падот на цената на графичките картички е намалената заработка од копањето на криптовалути. Од октомври 2021 заработката од копање криптовалути е намалена 50 отсто.
Новиот албум на Канје „Donda 2“ ќе биде достапен единствено на Stem Player
Stem Player е музички плеер кој на корисниците им овозможува да преслушаат или да направат ремикс на популарни песни на Канје Вест. Уредот е излезен од ноември 2021, но благодарение на новиот албум на Канје – „Donda 2“, уредот за првпат е релевантен (или не е зависи колкави зависници сте од музиката на Канје).
Албумот ќе биде достапен единствено на Stem Player. Ова значи дека ако нешто не се промени, ќе биде достапен единствено за 67000 слушатели колку што го поседуваат уредот.
„Donda 2 ќе биде единствено достапен на мојата платформа Stem Player. Не на Apple, Amazon, Spotify или YouTube. Денес артистите земаат само 12% од парите кои индустријата ги заработува. Време е да ја ослободиме музиката од овој угнетувачки систем…“, вели Канје Вест во објава на Instagram.
Stem Player е едноставен уред за репродукција на музика кој има дополнителна функционалност и на корисниците им овозможува да прават ремикси. За новиот албум Donda 2 траките на вокалите, басот, тапаните и семпловите ќе бидат разделени, па корисниците ќе можат да пуштаат различни комбинации од нив. Donda 2 ќе има 22 песни.
Канје тврди дека Apple му понудил 100 милиони долари за албумот да биде достапен на нивната платформа, но тој ги одбил.
AMD ги претстави Ryzen 6000 процесорите
Мината недела AMD и официјално ги претстави новите Ryzen 6000 процесори за лаптоп компјутери. Надградбите на Zen 3+ јадрата, управувањето со енергијата, и 6nm процес, овозможуваат новите процесори да имаат 17% подобри перформанси во однос на претходната генерација. Ова според ветувањата е доволно и за дополнителни 3 часа работа со едно полнење на батеријата.
Новата 6000 серија е 24% побрза од 11-тата серија на Intel, но Intel и самите имаат нов процесор за лаптоп.
Овие процесори за лаптоп компјутери од AMD од 17 февруари се достапни и на компјутерите во продажба. Asus ROG Zephyrus G14 е првиот уред со Ryzen 6000H процесор. Новиот 14-инчен лаптоп доаѓа со Ryzen 9 6900HS процесор и со Radeon RX 6800S графичка картичка.
Лаптопот на повеќе видеоигри има 15% подобри перформанси од Ryzer Blade 14 компјутерот кој доаѓа со AMD Ryzen 9 5900HX и Nvidia RTX 3080 графичка картичка.
Процесори од Ryzen 6000 серијата на AMD наскоро ќе бидат достапни на повеќе компјутери, па ќе може да видиме и подетални резултати од тестовите.