Иако бројот на хорор игрите е значително зголемен, споредено со претходните години, овој жанр и понатаму не се конзумира од поголемиот број гејмери. Резервиран за мала публиката која сака да биде исплашена од ваквата форма на дигитална забава, хоророт низ игрите доживува одредени суптилни промени, сè со цел да се избегнат дежа-ву ситуациите и невпечатливите jump-scare-ови.
Hello Puppets: Midnight Show е една таква игра, или, барем, би требало да биде. Планирана да излезе оваа година, играта ветува хорор авантура со прикрадување, еден вид надградена криенка, каде потребно е да извлечете жива глава од морничави локации и свиреп психопат со кукли.
Hello Puppets: Midnight Show е сместена во осумдесетите години и таквото нешто нѝ стана повеќе од очигледно уште во самиот почеток кога започнавме со демото и се најдовме во првата локација. Огромен труд е вложен за да се изгради веродостојно место со предмети кои беа својствени за тој период. Но, целта на играта не е да пливате во носталгични води и да се присетувате на она што било. Наместо тоа, потребно е постојано да избегнувате еден од четири босови кои ве бараат. За да пробате да го развлечете неизбежното, можете да се криете на најразлични места.
Во случај да почувствувате дека опасноста е блиску, не е доволно само да се сокриете, туку е потребно да играте предизвикувачки мини игри за да останете незабележани. Нема да лажеме, ваквото нешто е интересно направено и знае да биде тензично, особено при првите неколку преигрувања. Паралелно со ова, уникатните босови се навистина уникатни и користат динамични механики за ловење. Секој од нив има уникатно однесување, но и исклучително богата личност врзана со комплексен наратив. По одредено време, лесно би можеле да се најдете растргнати помеѓу желбата да ги мразите, но и сакате.
Сега за сега, достапно е само демото за Hello Puppets: Midnight Show и доколку сакате да проверите дали е ова игра за вас, (а е доколку сте фанови на Hello Neighbor), линкот е тука, ќе се охрабрите ли да го кликнете? :)