Додека индустријата со недвижнини е една од најголемите светски индустрии, истовремено со неа се развива и се поголемата станбена криза, присутна во многу земји ширум светот. Стартапите од оваа индустрија, односно т.н. protech (кованица од property и tech) стартапи во последните години пак излегуваат со нови решенија околу тоа како да се изборат со оваа криза.
Еден од нив е грчкиот стартап Protio, кој работи на иновативна платформа за инвестирање во станови и нуди услуги кои има за цел да ја промени индустријата за недвижнини во Грција. Основана во 2021 година, Protio има за цел да овозможи достапно домување и да го реши овој растечки проблем во Европа и светот, објаснува извршниот директор на компанијата, Антониос Фиоракис.
“На секои десет семејства кои бараат пристојно место за изнајмување, има само еден дом на располагање. По децениската урбанизација, нашите градови се претворија во бетонски џунгли од стари и енергетски неефикасни станови, кои остануваат потполно исти како и пред 40-50 години. Така што ние бевме инспирирани од потребата да се помогне во подобрување на нашиот живот, и изнаоѓањето на едно одржливо и технолошко решение за домувањето стана приоритет,“ вели Фиоракис.
Пазарите на недвижности во Југоисточна Европа имаат некои заеднички карактеристики, бидејќи екстремно високата сопственост на домови создаде многу фрагментирани пазар, додава тој.
Истовремено, многубројните стари згради не се реконструирани ниту реновирани и се енергетски неефикасни, потенцира Фиоракис, додавајќи дека процесот на транзиција е сложен и одзема многу време, што им отежнува на поединците или да го продадат својот имот или пак да инвестираат во купување станови.
Инвестициите во домови за изнајмување во Атина се проценуваат на околу 2,6 милијарди евра за 2021 година, додека вкупниот еквивалент за другите европски престолнини се проценува на 150 милијарди евра.
Преку својата инвестициска платформа пак, Protio им помага на сопствениците да го продадат својот имот на лесен начин.
За сопствениците на имот, процесот е едноставен и не вклучува никакви бирократски процедури. Преку платформата тие можат да побараат понуди за својот стан, и како резултат на технологијата на Protio, алгоритамот ги проценува сите информации и го информира сопственикот во рок од 24 часа за продажната вредност. По овој чекор, доволна е една посета на имотот, а Protio е потоа одговорен за остатокот од процесот.
„Квалификуваните инвеститори преку нашата платформа ја избираат онаа зделка за која што се заинтересирани и Protio е одговорен за координирање на процесот. Почнувајќи од купувањето на имотот, организирањето на реновирањето и координирањето на управувањето со имотот, Protio подготвува сè во име на инвеститорот,“ вели Фиоракис.
Додека главниот фокус на Protio во моментов е на Атина, грчкиот стартап исто така верува дека има одлична можност да биде присутен во градови со слични карактеристики низ Европа.
„Сакаме да го направиме инвестирањето во недвижен имот беспрекорно искуство за сите вклучени. За инвеститорите, продавачите, станарите и агентите. На пазарите им недостасува транспарентност на информациите, а процесот на продажба е полн со најразлични предизвици,“ објаснува Фиоракис.
Поседувањето на втор дом станува достапно за сите
Уште еден грчки стартап пак, се обидува да реши поинаков проблем во поглед на сопственоста на недвижнините – односно поседувањето на втор дом.
Основан од претприемачите Никос Драндакис и Сања Илиќ, стартапот Flyway кој доби 10 милиони долари инвестиција нуди решение за целосно управувана ко-сопственост на втор дом.
„Нашата визија е да го демократизираме пристапот до втори домови во градовите ширум светот. Ние веруваме дека постои огромна можност да им помогнеме на луѓето да живеат во различни градови додека ја задржуваат вредноста на нивната инвестиција и во исто време да добијат пристап до начин на живот што досега го имаа само ултра богатите,“ објаснува извршниот директор на Flyway, Никос Драндакис.
Со седиште во Лондон и Атина, Flyway е насочен кон меѓународниот пазар на втори домови во големите градови, познат како pied-à-terre. Решението на стартапот нуди иновативен начин за купување и поседување втор дом во глобалните метрополи, и ја модернизира генерациската практика на ко-сопственик на втор дом, создавајќи пазар што го олеснува купувањето и продавањето акции од овие домови.
„Наш врвен приоритет е да им понудиме неспоредливо искуство на првите клиенти кои ќе купат акции во домовите што ги нудиме. Паралелно, ние дополнително ја градиме нашата оперативна платформа која им овозможува на нашите клиенти беспрекорно искуство од продажба па се до до престој во нивниот дом преку Flyway“, додава Драндакис.
Решението на Flyway вклучува и професионално управување со имотот. Купувачите кои размислуваат за втор дом во одреден град може да ги разгледаат достапни огласи и да согледаат кои се најдобрите можности врз основа на нивната претпочитана локација, тип на дом и буџет.
Потоа, купувачот го купува саканиот дел од имотот, на пример, четвртина од домот, што му гарантира пристап до домот за една четвртина од годината, а Flyway продолжува да ги продава преостанатите акции на имотот на други купувачи.
Откако ќе го купат својот удел, сопствениците можат да ја користат мобилната апликација на Flyway за да го закажат својот престој и да имаат целосна транспарентност за трошоците на нивниот втор дом. Купувачите потоа можат да му плаќаат месечна претплата на Flyway за да се грижи за целото управување со имотот, вклучително и уредување на одржување, поправки, надградби, чистење итн.
Според Драндакис, бизнис моделот на Flyway може да даде и важен придонес во решавањето на станбената криза бидејќи неговата мисија е целосно да ги искористи претходно недоволно искористените недвижнини.
„Во моментов во градовите како Лондон можете да видите цели населби како остануваат темни бидејќи повеќето од нивните домови се во сопственост на сопственици кои ги посетуваат само 10 или 20 проценти од времето. Со нашата платформа за ко-сопственост, овие втори домови ќе бидат целосно искористени и во исто време ќе придонесат за локалната економија во текот на целата година,“ заклучува Драндакис.