Google најави дека оваа есен излегуваат два нови телефони Pixel 6 и Pixel 6 Pro. За разлика од претходните Pixel телефони во оваа серија чипот е дизајниран од Google. Tensor е првиот чип (SoC) дизајниран за Pixel телефоните од Google.
Pixel 6 и Pixel 6 Pro се два големи телефони. Pixel 6 доаѓа со 6,4-инчен FHD+ екран со 90Hz рефреш. Поголемиот Pixel 6 Pro доаѓа со 6,7-инчен QHD+ дисплеј со рефреш 120Hz. Екранот на двата уреди е заоблен на рабовите и завршува со тенка алуминиумска рамка. Од задната страна лесно се забележува црната лента во која се „скриени“ камерите.
Pro моделот ќе доаѓа со три леќи. Покрај главната леќа, доаѓаат и широко-аголна леќа и 4Х оптички зум телефото леќа. Помалиот и веројатно поевтин модел, доаѓа со две леќи, а нема простор за телефото леќата.
Предната камера е сместена во мало дупче на екранот. За разлика од претходниот модел кај кој камерата беше во левиот агол, овој пат е на средина од екранот. Pixel уредите секако и досега доаѓаа со најновата верзија на Android оперативниот систем, па ова нема да биде изненадување.
Заеднички за двата телефони покрај Tensor чипот се и Titan M2 безбедносниот чип и читачот на отпечатоци од прст со кој се отклучува телефонот скриен под екранот. Google во најавата вели дека Pixel 6 ќе бидат телефоните со најмногу слоеви хардверска безбедност.
Google Tensor SoC
Најголемата и најинтересна промена сепак е новиот SoC кој Google го најави. Досега телефоните од Google доаѓаа со Qualcomm Snapdragon процесори. Сепак ограничувањата кои доаѓаа со хардверот го спречуваа Google во изведбата на некои од решенијата кои ги имаа замислено. Она што ќе го овозможи новиот процесор е сите процеси поврзани со вештачка интелигенција да се извршуваат на телефонот. Дизајнирањето на сопствен чип на Google ќе му овозможи многу поголема интеграција на вештачката интелигенција и машинско учење.
Новиот чип ќе овозможи и искористување на поголем сензор за камерата, па по користењето на ист сензор за камерата на повеќе Pixel уреди, Google сега ќе направи промена со повеќе мегапиксели.
Tensor ги прави сите манипулации директно на телефонот и овозможува јасни фотографии дури и кога има движење. При фотографирањето се користат два сензори. Од главниот сензор се земаат точните бои, а од широко-објективниот сензор со кратка експозиција се „зема“ острината на сликата. Потоа Tensor го коригира движењето од објектот на сликата, но и од потенцијалното тресење на камерата. Истовремено се детектира лицето на сликата, за да се приоретизира фокусот.
„Ова го правиме со серија на различни софистицирани модели на машинско учење кои работат паралелно во реално време, спојуваат слики од повеќе различни сензори истовремено. Ова е тоа што сакавме да го постигнеме со Tensor, и е овозможено од Tensor“, вели Рик Остелох, шефот на хардвер дивизијата во Google.
Токму новиот процесор овозможува дел од функционалностите кои компанијата ги најави. Камератa на Pixel телефоните и досега беше една од најдобрите, иако според хардверот тоа не беше случаj. Google успеваше со помош на вештачка интелигенција да ги обработи сликите и да конкурира, па и да биде подобар од далеку подобри сензори. Сепак поради хардверското ограничување, оваа супериорност од сликите не се префрлаше на видеата. Сега благодарение на Tensor, HDR, стабилизација на слика и намалување на шум се додадени и на видеата.
Втора примена која Google ја покажа е препознавањето на говор и транскрипција во реално време. Благодарение на новиот чип не само што може да се прави транскрипција во реално време, туку како меѓу-чекор може да се направи и превод, што секогаш изгледа импресивно.
Веројатно најинтересно е дека Google најавува дека конечно ќе направи поголем напор за влез на пазарот на паметни телефони. Ова беше навестено пред неколку години со купувањето на дивизијата на HTC која работеше на првите Pixel телефони. Компанијата сега конечно верува дека Pixel e „Google телефон“ и најавуваат значителна маркетинг инвестиција. Ова минатата недела на средба со инвеститорите го најави и финансискиот директор на компанијата Рут Порат, вели Verge.
Со оглед на тоа дека телефоните излегуваат наесен веројатно веќе може и да очекуваме повеќе детали за телефоните како капацитетот на батеријата, дополнителни сензори или резолуцијата на екранот.
[…] за дизајни на чипови. Неколку години подоцна, Google ги претстави Tensor чиповите. Singular смета дека со тој чип се нарушени авторски права […]