Германија ќе ја отстрани опремата на Huawei до 2029 година

Avatar img-thumbnail img-circle

во Вести

По примерот на останатите западни партнери и Германија ќе ја отстрани опремата на Huawei од  5G инфраструктурата. За разлика од голем дел од западните држави Германија не се одлучи да го забрани користењето на опремата на Huawei наеднаш и направен е компромис. Германските власти одлучија постепено да ги отстранат деловите од опремата.

Оригиналниот план беше телекомите во Германија да ја отстранат критичната опрема од 5G мрежите до крајот на 2026 година. Новиот предлог е на компаниите да им се остави подолг период и да се продолжи крајниот рок за отстранување на опрема произведенa од Huawei и ZTE.  До сега нема соопштение од Huawei, кој вели дека ќе почека официјални вести пред да коментира.

Компаниите ќе треба до крајот на 2029 година да ја отстранат опремата произведена од Huawei и од ZTE, тврдат извори за Bloomberg. Овие две компании се големи производители на телекомуникациска опрема, но се проблематични поради блиските врски со кинеските власти и армијата.

Германија е најновата држава која воведува ограничување во употребата на мрежна опрема од кинески производители. Досега ова го направија Австралија, Виетнам, Јапонија, Канада, Костарика, Нов Зеланд, Обединетото Кралство, САД и дел од членките на Европската Унија.

Краток историјат на забраните

Во 2018 година Huawei и ZTE беа исклучени од тендерите за јавни набавки во Јапонија, САД и Европската Унија.

Уште во 2019 година, за време на претседателскиот мандат на Доналд Трамп, САД ја забранија опремата на Huawei за користење во американските телеком оператори. Неколку години подоцна, во мандатот на актуелниот претседател Џо Бајден, беше донесен закон со кој компании како ZTE и Huawei не можеа да добијат лиценци од Федералната комисија за комуникација. Двете компании и формално беа означени како опасност за безбедноста поради врските со владејачката Комунистичка партија на Кина.

Huawei е обвинет и дека намерно остава безбедносни пропусти во својата технологија кои потоа може да се злоупотребат од државните хакери. Барем досега не сме виделе цврст доказ за ова, а дури и кога бил пронајден пропуст Huawei работел на негово надминување. Нешто поголем проблем е нарушувањето на интелектуалната сопственост. Двата кинески производители Huawei и ZTE често се цел на обвинувања за нарушување на интелектуална сопственост.

Покрај овие обвинувања за кршење на патентите и за шпионирање, западните лидери имаат проблем и со дел од кинеските закони. Кинескиот закон за разузнавање им налага на кинеските компании и граѓани да соработуваат со државата. Најголемите критичари велат дека дури и Huawei да не сака да соработува со властите, Кина има законска основа да ја примора компанијата да асистира во шпионирањето.

Прекинот на употреба на опремата од Huawei има финансиско влијание врз компанијата. Производителот јави дека значително се намалени нивните приходи.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments