Гејминг забава со The Eternal Life of Goldman, NTE: Neverness to Everness и Lofi Haven

во гејминг

Она што следува се три игри кои би требало да се во вашиот радар, особено доколку сте фанови на платформски авантури, амбициозни RPG игри за сите платформи или пак за зен, канцелариско опуштање.

The Eternal Life of Goldman: Ремек-дело на рачната анимација

The Eternal Life of Goldman е игра која се развива од Weappy Studio, а се издава од THQ Nordic. Се работи за визуелно импресивна платформска авантура која се одликува и со впечатливи и уникатни механики. Сместена во огромен, рачно нацртан свет, играта користи класична анимација која потсетува на старите цртани филмови и, на таков начин, нуди поавтентичен изглед. Доколку го проверите штотуку-излезеното демо, ќе навлезете во свет полн со живописни бои и мрачни теми, свет кој е директно инспириран од древни басни.

Вашата клучна мисија во демото, а подоцна и низ целата игра е да го уништите мистериозното Божество. За да успеете во целта, користите еден стап кој има и се користи ем како оружје ем како алатка за движење. Во случај да сте фанови на DuckTales, ќе ви се допаднат бројните скокови и акробации. Со дредени дополнителни делови за стапот, а и ново-научени вештини ќе истражувате скриени агли и ќе се соочите со противници кои се предизвикувачки онолку колку што се уникатно дизајнирани, а верувајте, одлично се дизајнирани. Згора на ова, ќе бидете придружувани од епска музика компонирана од познати имиња како Кевин Пенкин (Made in Abyss) и Јасунори Нишики (Octopath Traveler).

The Eternal Life of Goldman успешно буди чувства на носталгија од ерата на 16-битните конзоли, но никако не заборава и да ги модернизира правилата на играње. Но, наместо карактеристична Metroidvania овде се елиминирани фрустрирачките елементи како што се константното враќање назад по секое отклучување нова моќ. Она што ќе најдете во финалната верзија е линеарно, но длабоко истражувачко искуство каде се бара импровизацијата и снаодливоста.

Доколку ви се допадна она што го прочитавте во горните редови и копнеете по емотивна авантура која буди бројни носталгични чувства преку воведување модерне механики, тогаш дефинитивно би требало да го проверите демото на Steam. Целата игра ќе биде достапна за PC, PlayStation 5, Xbox Series X/S и Nintendo Switch. Од она што го видовме, The Eternal Life of Goldman е игра која ќе се потруди да ве освои, да ви го запре здивот, но и да ви го допре срцето.

Клучни информации:

  • Жанр: Акциона платформска авантура
  • Развивач: Weappy Studio
  • Издавач: THQ Nordic
  • Платформи: PC, PS5, Xbox Series X/S, Nintendo Switch

NTE (Neverness to Everness): Амбициозен спој на урбана симулација и натприродeн RPG

NTE e амбициозен обид на Hotta Studio и Perfect World Games да го редефинираат жанрот на онлајн RPG игрите така што се трудат да вметнат комплексна урбана симулација во отворен свет. Кога играта ќе излезе, ќе ви овозможи да контролирате различни ликови и да истражуваат натприродни аномалии. А, во моментот кога ќе решите да одморите од авантурите, ќе можете да купувате недвижнини, да дизајнирате ваши домови и да водите сопствени бизниси.

Економска стратегија и RPG механики

Ако нешто сака NTE тоа е да уживате при движењето, односно транспортот. Играта користи напреден физички модел за возилата (од суперавтомобили до мотори) и вклучува оштетувања, дупнати гуми и експлозии. Возењето е надополнето со опции за детална модификација и можност за играње од прво лице, доколку, се разбира, повеќе ви одговара во тоа лице. Механикиве се директно поврзани со новиот систем на криминал, како незаконските активности го зголемуваат wanted левелот и активираат полициски потери. Апсењето, меѓутоа, не е крај на играта, туку едноставно завршувате во притвор каде што морате или да работите за да го отплатите долгот или пак (да, погодувате), да планирате и извршувате бегство од затворот.

NTE не е само акција туку се одлукува и со бројни таканаречени slice-of-life активности кои го збогатуваат целокупното искуството. Па така, можете да се впуштите во кариера како таксисти, да работите во кафулиња, да ловите риба или да учествувате во мини-игри (како Маџонг или некој ритмички предизвик). Pink Paws Heist е, како што кажува името, подинамичен начин на прибирање ресурси (читај: грабежи).

Покрај убава графика, задоволителен борбен систем и квалитетни механики за економски успеси, лесно би можеле да бидете изненадени и до наративот кој е структуриран епизодно, фокусирајќи се на соживотот меѓу луѓето и натприродните појави со добра смеса од комедија и драма.

NTE делува како ветувачки хибрид кој, како и други игри од овој калибар, максимално се труди да балансира традиционални RPG елементи во урбаните sandbox свет. Интересно е тоа што насловот се развива паралелно за PC, конзоли и мобилни уреди и останува да видиме како сите овие комплексни системи ќе бидат соодветно оптимизирани, без да се жртвува квалитетот на искуството. Од она што ние го видовме во PC верзијата, играта е на добар пат и има потенцијал да понуди уникатно искуство кое ќе ги привлече и љубителите на акција и оние кои уживаат во life симулации.

Десктоп релаксација со Lofi Haven

Lofi Haven е еднa ретка, но интересна хибридна форма која е ем алатка за продуктивност ем  симулатор за декорирање на дигитални простори. Доколку барате да се изгубите во релаксирачко, виртуелно засолниште кое ќе ве придружува за време на работни задачи или, пак, учење тогаш дефинитивно би можеле да го проверите насловот.

Lofi Haven се одликува со два интерактивни слоеви. Првиот е креативниот аспект, каде добивате пристап до најразличен мебел и декоративни предмети. Саиот системот ви дозволува подетално да ги менувате материјалите и боите, овозможувајќи детално уредување на собата баш според вашиот вкус. Вториот слој е од функционална природа и ви дозволува да користите вградени алатки како тајмер и to-do листи директно во интерфејсот на самата игра. На овој начин вие можете да си работите се што сакате, а притоа, од време на време, да си се играте со виртуелни миленичиња или пак да се губите во преубаво осмислениот дигитален простор. 

Како што кажува и самото име, додека работите вакви работи, можете да уживате во одбрани lofi мелодии или пак бел шум – целта е да навлезете што е можно побрзо во состојба на длабока концентрација. Притоа, имате на располагање и динамичен систем на временски услови како и можност за активирање на „wallpaper mode“. Режимот ви дозволува креираната соба да премине во позадина на екранот, со што самата игра станува вашата работна површина.

Lofi Haven е наслов наменет за специфична група од корисници кои бараат дигитален мир преку успешното спојување на естетската креативност со практичните алатки за работа. Поради тоа, земете ја во предвид играта доколку имате потреба од ефикасен и релаксирачки метод за организирање на времето.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments