Гејминг новости од минатата недела #89

Avatar img-thumbnail img-circle

во гејминг

Kои настани и новости ја одбележаа гејмерската индустрија неделава? Добредојдовте во најновиот извештај за вашето омилено хоби, осумдесет и деветто издание.

Cyberpunk 2077 се наоѓа во состојба која целосно е игрива, од почетокот до крајот, но тоа не значи дека играта е блиску до излегување. Студиото зад феноменалниот The Witcher серијал има уште многу работа за да ја доведе играта во игрива состојба која би била достојна за нивното име. За време на Gamescom се прикажаа нови слики од играта и се вети дека, во поглед на комплексноста и должината, мисиите ќе бидат слични со тие во The Witcher 3.

The Last Remnant ќе биде отстранета веќе од 4.септември. Square Enix објасни дека ја повлекуваат играта и како физичка и како дигитална форма и се заблагодарија за пруженото внимание. Сите оние кои ја имаат играта на Steam и понатаму ќе можат да ја преземаат и играат кога сакаат. Некои фанови претпоставуваат дека одлуката е донесена затоа што Square Enix планира римастер во блиска иднина.

Shenmue 3 ќе излезе за година дена, односно на 27.август, 2019 година. Датумот беше даден набргу по излегувањето на римастерите за Shenmue 1 и 2. Играта успеа да собере над 11 милиони долари, но студиото објаснува дека ќе им треба уште цела година за да ја остварат нивната вистинска замисла. Датумот беше одбележан и со исфрлување на следниот трејлер.

The Settlers серијалот се враќа на големата врата и Ubisoft официјално ја најави изработката на оваа стратешка игра, 25 години по излегување на првата The Settlers. Последната игра од овој серијал излезе во 2010 година, а се вика The Settlers 7: Paths to a Kingdom. На 15.ноември, меѓутоа, Ubisoft планира да исфрли колекција од сите седум игри. Првата игра е веќе излезена и се одликува со модерни функции.

State of Decay 2 Daybreak DLC ќе излезе на 12.септември. Додатокот воведува нов режим на играње, ви дозволува да играте со нов лик, и да се браните од седум бранови од се потешки зомби чудовишта. Новото DLC е игриво на нова мапа, а надградите кои ги добивате тука ќе бидат префрлени во главната игра. Во Daybreak можете да играте сами или со до тројца други пријатели.

Mount & Blade 2: Bannerlord се поднови со трејлер кој прикажува како изгледа кампањата за еден играч. TaleWorlds Entertainment прикажаа неколку градови и села, заедно со објектите кои можете да ги најдете таму, како и дадоа подетален увид за променетиот кориснички интерфејс и надградените гејмплеј механики.

7 Billion Humans е најновата игра од студиото кое ни ја донесе феноменалната World of Goo. Се работи за сатирична игра која крие над 60 предизвикувачки загатки. Играта чини 1000 денари и до пред некое време се испорачуваше заедно со Human Resource Machine.

Call of Cthulhu се пофали со долго-очекуваниот прв трејлер за играта и ни покажа на кој начин функционира истражување, перцепција и лудило во најчиста форма. Играта треба да излезе на 30.октомври, а многумина ги потсети, во една или друга форма, на The Council.

Breach е нова, крајно амбициозна акциона RPG игра на бројни девелопери кои претходно имаат работено за Bioware. Преку првиот трејлер за играта, девелоперите покажаа интересен коктел од комбинирани механики од Diablo, Guild Wars 2, и Monster Hunter. Низ 15 минутни сесии, потребно е да истражувате sci-fi зандани и да комплетирате мисии дополнително искомплицирани од митолошки чудовишта. Додека група од играчи се мачи да го направи тоа, еден играч зазема улога на Dungeon Master и поставува замки, препреки и го контролира движењето на чудовиштата.

А на некое друго место и во некое друго време, добивме интересни трејлери и за Shadow of the Tomb Raider, Life is Strange 2 и Fallout 76. Тука некаде се најави и Desperados 3, а и се дозна дека Ubisoft нема да исфрли нова Assassin’s Creed игра во 2019 година. За сите останати гејминг вести, останете со нас и во наредните денови!

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk