Гејминг новости од минатата недела #4

во гејминг

Добредојдовте на дестинацијата каде нема ништо поубаво од сервирање огромни гејминг настани во исклучително мали, но неодоливо слатки дози. Ова е вашиот најнов извештај од светот на игрите!

Сите претплатници на EA Access можат да ја преземат и играат Battlefield 1. За време на пробниот период од десет часа, играчите ќе можат да поминат низ две мисии од кампањата за еден играч, како и да навлезат во мрежното препукување низ пет мапи: St. Quentin Scar, Amiens, Sinai Desert, Fao Fortress и Suez. За мапите, ви стојат на располагање следниве режими на играње: Conquest, Rush, Operations and Domination. Ваквата пробна верзија ќе трае до дваесетти октомври и сето ваше напредување и бонуси ќе се префрлат во финалната верзија, под услов, секако, да ја купите играта, која излегува на 21 октомври за PC, PS4 and Xbox One.

А кога сме на иста EA бранова должина, да споменеме и дека Origin Access набргу ќе ја прошири библиотеката со Mirror’s Edge Catalyst, Star Wars Battlefront и EA Sports UFC 2. Моментно, за 250 денари месечно можете да играте 30 исклучително добри игри, но пријатно изненадува желбата на ЕА да воведат и релативно нови игри во нивната програма.

Последната епизода за Hitman излегува на 31 октомври. Ова, како што потенцираа авторите, нема да биде крај на играта, туку крај на првата од трите планирани сезони. Episode 6: Hokkaido се одвива во јапонска приватна болница и додека другите спасуваат животи, вие ќе работите на спротивното.

Доколку се надевавте дека ќе поминеме низ неделниот извештај без да споменеме било што за Titanfall 2, ве очекува мало разочарување. Уште поголемо доколку погледнете за што е следниов трејлер. J

Фановите на Duke Nukem 3D  ја имаат на располагање „најновата едиција“ кое го слави дваесет годишното постоење на играта со нова петта епизода, како и бројни други бонуси. Со оглед на мрзеливоста и невниманието кое е посветено на играта, како и високата цена од 20 евра, искрено се сомневаме дека Duke Nukem 3D има доволно шарм за да ги заинтригира носталгичните фанови.

Во случај да сметате дека вестите не се доволно кратки, спремете се за следниот бран: Overwatch има над 20 милиони играчи, Raw Data е бесплатна викендов, Turok 2, полека, но сигурно доаѓа, Red Dead Revolver е реиздадена за PS4, Mass Effect: Andromeda  излегува на 21 март, Slime Ranger е одлична игра за релаксирање, Sunless Sea има ново DLC, Infinite Warfare и  Modern Warfare Remastered ќе тежат 130 GB,  No Man’s Sky стана една од најниско оценети игри на Steam, а излезе и Shadow Warrior 2!

Оние кои сакаат да ги носат игрите во џеб дефинитивно треба да ја разгледаат најновата понуда од Humble Bundle, a оние кои се по бесплатна и исклучително квалитетна игра, нека го зграпчат најновиот подарок од UbisoftBeyond Good & Evil.

Metal Gear Solid 5: The Definitive Experience e колекција од Metal Gear Solid 5: The Phantom Pain како и Ground Zeroes. Во колекцијата се вклучени и сите додатоци за The Phantom Pain со што добивате целосно и крајно исполнително искуство од сите можни аспекти. Ground Zeroes не е ништо повеќе од прославено демо, но The Phantom Pain е уметничко дело за кое долго ќе се зборува како една од најдобрите акциони, но и прикрадувачки игри.

За само три дена од кампањата, целосно се собраа средства за финансирање на изработката на Wasteland 3. Со оглед на тоа дека до крајот на кампањата останаа уште 27 дена, авторите најавија додатна работа доколку соберат уште средства. Па така, со собирање 2,85 милиони долари ќе добиеме додатни можности за уредување на ренџерите. 3 милиони долари ќе осигурат придружник во форма на автомобил кој зборува, а 3.1 милион долари ќе ни дозволат да направиме обележје за нашиот тим од ренџери кое ќе се прикажува низ базата и останатите делови од играта.

Со оглед на тоа дека се ближи ноќта на вештерките, Halloween, ММО игрите полека почнаа да се подготвуваат за тематските настани. Првиот празничен настан за Tamriel Unlimited стапи на сила со специјализирани активности кои ќе вродат награди и достигнувања соодветни за празникот. За да за почнете со морбидните активности потребно е да земете Crow Caller од интерната продавница за круни. Од друга страна, и Guild Wars 2 најави дека од 18 октомври започнуваат со нивниот добро познат Shadow of the Mad King настан. Најновите надополнувања во Guild Wars 2 се во вистински правец, а наградите кои ќе ги освоите за време на настанот се од огромна естетска, финансиска и продуктивна вредност. Black Desert, пак, се поднови со Awakening на класата ренџер, а сите играчи конечно ќе можат да ги истражуваат подводните околини кои се воведоа за да се поплочи доаѓањето на експанзијата Margoria.

За крај, мало потсетување дека се најави новата експанзија за Star Wars: The Old Republic, а, играта во која се борите против зомби, 7 Days to Die, доби нова стабилна верзија! Од игрите кои ги најавивме за месец октомври, веќе излегоа Mafia III, Gears of War 4 и Shadow Warrior 2!

Која вест највеќе ви се допадна? Која пропуштивме? Кажете ни во коментарите, на друштвените мрежи или во гејминг секцијата на ИТ форум!

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk