Fusion Paradox е најновата игра на рускиот програмер Николај Усанчев. Николај може да се пофали со неколку интересни игри кои екпериментираат со механики од неколку жанрови.
Во 2017 година, Николај ја објави шареноликата souls-like Crass Cutter, а, две години подоцна проба да ги заинтригира гејмерите со Nice Jumber – бесплатен, но крајно едноставен платформер.
Охрабрен од релативно позитивните рецензии за првите две игри, Николај продолжи со минималистичкиот дизајн и релаксирачки механики во игрите Active Neurons 1 и 2.
Неговата најнова игра се вика Fusion Paradox и запливува во водите на bullet hell хаосот и предизвикувачки action roguelike механики. PC верзијата на играта е излезена на 10 април, но за конзолите излезе пред неполн месец. Ние ја тестиравме играта на PS5. Немаме поголеми забелешки за гејмплејот, но имаше моменти кога посакувавме подобра респонзивност на контролите, како и повисоки фрејмови при играњето.
Fusion Paradox е игра заснована на едноставни механики. Но, едноставно не значи и лесно. Поради тоа, подгответе се често да умирате, особено доколку ја играте Fusion Paradox на повисока тежина.

Играта ја започнувате со специјален агент кој се буди во тајна лабораторија и има за задача да се пробие низ бранови од непријателите користејќи најразлични оружја, магии и способности. Како што напоменавме, Fusion Paradox се одликува со комбинација од елементи кои се препознатливи за шутери, roguelike, и bullet hell. Тоа значи дека константно ќе бидете опкружени од непријатели и од бура од куршуми.

Како една интересна механика во Fusion Paradox е скокот помеѓу две енергетски состојби, визуелно прикажани со сина и жолта боја. Одредени непријатели можат да бидат уништени само додека сте во сина боја, а други непријатели само доколку сте во жолта боја (механика која нѐ потсети на експанзијата за најновата Far Cry игра).

Ова дефинитивно допринесува до поголем предизвик, особено кога ќе земете во предвид дека некои непријатели се невидливи сѐ додека не ја активирате соодветната енергетска состојба. Слично на ова, некои оружја можат да се користат само додека сте во една од боите.
Од време на време, Fusion Paradox нуди и можности за решавање загатки. И во овие ситуации, ни се допадна начинот на кој двете енергетски состојби допринесуваат за решавање на загатките (пример, премини или врати се покажуваат само доколку сте во соодветна боја).

Ако сте како нас и ја играте Fusion Paradox на најниска тежина, тогаш до крајот на играта ќе дојдете за релативно брзо време. Но, во случај да барате предизвик, како во поглед на акција така и во поглед на загатки, тогаш Fusion Protocol не би требало да ве разочара!




Повеќе детали за играта
- Произведува: Nikolai Usachev
- Издава: USANIK STD
- Жанр: bullet hell, roguelike
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 1 ноември 2023 (конзоли), 10 април 2023 (PC)







