Размазени од бројните лего игри, некако претпоставувавме дека Funko Fusion би можела да ја понуди истата препознатливата забава, но во малко поразлично опружување, заменувајќи ги лего коцките со симпатичните фанко фигури. Играта излезе во септември, но бројните проблематични багови ги разочараа раните купувачи. Од технички аспект, сега ситуацијата е поразлична и Funko Fusion нуди постабилно искуство. Но, дали е тоа доволно за да се ужива во клучните гејмплеј механики?
Седум мини приказни во една голема
Како што објаснува и самиот опис на официјалната страна, Funko Fusion е акциона игра во која играте со вашите омилени ликови од различни серии, филмови, игри, или стрипови. Истражувајќи најразлични светови кои како да се „искорнати“ од самите оригиналните дела, ќе можете да се соочите со најразлични непријатели и да користите уникатни способности.
Неколку работи во Funko Fusion потсетуваат на лего игрите, дозволувајќи ви да собирате валута која е слична на стадс преку кршење предмети, како и да користите најразлични ликови за да напредувате низ светот и приказната. Но, тука некаде завршуваат сите сличности.
Приказната ни се чини недоволно добро разработена и нема никакво силно наративно лепило кое би можело да ги држи седумте засебни мини кампањи. Имено, од почетокот до самиот крај ќе имате за задача да му помогнете на Фреди да го уништи Еди. Тоа е. Главните ликови ниту зборуваат, ниту се поставуваат во некакви драматични ситуации. Би можеле да помислите дека едноставната приказна и шареноликиот дизајн е таков-каков-што-е за да излезе во пресрет на помладата публика.
Недостаток на солиден систем за водење низ мисиите константно ве принудува да лутате лево-десно и често да се навраќате кон едни исти места, трудејќи се да пронајдете прифатливо решение. Згора на тоа, битките знаат да бидат крајно еднолични, неинспиративни и, со самото тоа, здодевни. Секој од ликовите користи различни оружја. Ова е забавно на почетокот, но изведбата бргу здосадува, оставајќи ви впечаток дека ако сте виделе едно оружје – сте ги виделе и сите други.
Секоја мисија завршува со соочување со бос, но изведбата е прилично едностава и, како и сите претходни мисии, така и тука работите се сведуваат на уништување непријатели, собирање од розевата материја, полнење на канистарот за да се појави супер голем сојузник и гледање на мини битката. Ништо посебно, за жал.
Најсветли точки во Funko Fusion се дизајнот на светот и музиката. Во случај да сте фанови на Jurassic World, Back to the Future, JAWS, The Thing, Chucky, Battlestar Galactica, Hot Fuzz, The Umbrella Academy и така натаму, ќе најдете интересни и преубаво дизајнирани места (и звуци) кои ќе пробудат носталгични чувства во вас.
Но, она што изгледа убаво не секогаш значи и дека е интересно за истражување, особено кога низ многу места нема да можете да преминете поради невидливи ѕидови. Често морате и да создавате одредени помошни средства кои ќе ви помогнат да преминете одредена пречка. Некои од овие работи може да се активираат само со одредена уникатна способност на ликовите. Звучу забавно, но не и кога често морате да се навраќате накај машините и да ги правите само за да видите дека не функционираат баш онака како што имате замислено.
Иако многу работи не разочараа во Funko Fusion, сепак сме благодарани на можноста да навлеземе во некои сцени од култни интерактивни проекти. Штета што повеќе време, знаење и внимание не е вложено во овој проект. Како големи фанови на Fanko фигурите, играта има одлична основа за воведување бројни додатоци. Само уште кога и гејмплеј механиките би биле забавни.
Повеќе детали за играта
- Произведува: 1010 Games
- Издава: 1010 Games
- Жанр: акција
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 13 септември 2024