Штотуку излезената Fountains е прекрасна, но предизвикувачка игра изработена од само еден девелопер. Подгответе се да навлезете во лавиринт од предизвикувачки непријатели и да откриете мистериозни тајни поврзани со изворот на младоста.
Првите две работи кои ќе ги забележите во Fountains е впечатливата, преубава музика и ретро инспирираната графика. Невозможно е да се остане рамнодушен на внимателно осмислените музички нумери кои ве вовлекуваат во една мистична и непредвидлива околина која е макотрпно пополнета со најразлични детали. Низ мапите, дел од местата се првично недостапни, барајќи од вас да им се навратите подоцна, а, дел од нив, се заклучени зад инвентивно осмислени загатки, принудувајќи ве да експериментирате со одредени механики за да дојдете до соодветното решение. Целиот свет е замислен како да е еден вид огромна зандана – лавиринт од замки и непријатели преку кои треба да се движите за да пробате да избегате.
Fountains е интересен хибрид помеѓу soulslike и metroidvania. Тоа значи дека на секоја битка треба да и пристапувате со внимание и да имате истенчени рефлекси и за напаѓање и за избегнување напади. На почетокот почнувате скромно, само со едно ладно оружје. Покрај стандардни напади, ќе можете и да се тркалате за да избегнувате удари. Секој ваш удар, меѓутоа, извлекува вода од непријателите. Водата во Fountains има исклучително лековите форма и можете да ја користите за регенерација на вашето здравје.
Другите играчи може да оставаат пораки, предупредувајќи ве на добри работи (како скриени тајни и ковчези), или пак лоши (како замки или предизвекувачки непријатели). Непријатели се внимателно осмислени. Секој од нив се одликува со различни напади, принудувајќи ве често да се прилагодувате на нивните движења и ударци. Како напредувате низ играта, така ќе отклучувате дополнителни способности кои ќе ви помогнат ем при премини од едно кон друго место ем со (супериорните) противници. Но, што и да отклучите, треба одредени рефлекси и трпеливост со непријателите. Во спротивно, нема да стигнете далеку.
Во случај да сте фанови на предизвикувачки игри, како во поглед на непријатели, така и во поглед на откривање тајни и решавање загатки, Fountains е симпатична мала игра која не би требало да ве разочара.