Deadlink е предизвикувачка пукачка игра во прво лице со roguelike механики. Во случај да сакате малку поразлично и модернизирана реализација на бумер шутерите каде се имплементирани едни од најпопуларните roguelike механики, тогаш би требало да го проверите чедото на Gruby Entertainment.
Киберпанк лудило
Deadlink нуди брза и динамична акција која потсетува на boomer шутери. Но, наместо ретро-инспирирано визуелно опкружување, тимот зад игратa се има одлученo за исклучително модерен урнек, како во поглед на приказната, така и во поглед на графиката.
На почетокот почнувате со две едноставни, но крајно ефикасни оружја. Паралелно со користењето на сачмарката и ракетофрлачот, ќе можете и да употребувате кука и да активирате групно зашеметување. Куката ви дозволува за брзо време да ја покриете далечината помеѓу вас и непријателите, зашеметувајќи ги притоа во процесот. Групното зашеметување знае да биде корисно кога ќе начекате неколку непријатели и ќе пробате да ги привремено онеспособите.
И двете моќи се на тајмер, но можат да се користат доволно често за да нудат динамични и свежи битки додека (двојно) скокате, пролетувате низ околината, фрлате гранати и мајсторски ликвидирате непријатели.
Низ играта ќе можете да добивате најразлични импланти кои ви даваат посебни способности за време на битките. Чисто за пример, taser rounds ви дозволуваат да ги вршите електрично оштетување на непријателите, додека ufeed ем дава повеќе муниција ем ја прави сачмарката да е поопасна. Имплантите се бројни и со најразлични способности, значително влијаејќи на вашите способности. Голем дел од имплантите се активираат само доколку направите одредена акција, како менување на оружјето, употреба на куката или зашеметувањето, и слично. Меѓутоа, голем дел од имплантите даваат и пасивни способности, покрај активните.
Времето помеѓу мисиите го поминувате во вашиот центар, или хаб. Тука, ќе можете да вршите најразлични надградби, да читате бројна документација, односно лор за универзумот во кој се наоѓате, како и да започнувате мисии со една од четири различни единици (три од нив се заклучени). Оружјата и способностите од почетокот на текстот се однесуваа на првата единица – на војникот. Останатите единици се одликуваат со други оружја и со други способности, но нема да можете така лесно да ги отклучите (потребно е првин да се докажете со војникот).
Што се однесува до самото напредување низ мисиите. Започнувате во еден мал тродимензионален простор и имате за задача да уништите се. Штом го тоа направите, потребно е да одберете еден од два понудени импланти (или три понудени оружја) и потоа да се префрлите во друг мал простор каде имате за задача да убиете се. И така натаму. Звучи лесно нели?
Спротивно од она што би можеле да помислите, Deadlink никако не е здодевна игра. Мапите се одлично дизајнирани, а непријателите, иако обично простички и неснаодливи, сепак знаат да понудат предизвик со нивната бројност. Некои ретки непријатели ќе знаат како да ве измачат и да бараат од вас да применувате одредени тактики за да ги направите ранливи (како непријателот што има штит од предната страна и бара од бас првин да го зашеметите, па потоа да го заобиколите).
Единиците со кои играте се убиствени и навидум несопирливи машини, а нивната брзина и способности прават секое преигрување да е забавно. Имплантите, од друга страна, прават секое преигрување да е поразлично од претходното.
Од динамичната техно музика, преку светкавите визуелни ефекти, па се до тактичкото успорување на времето, се во Deadlink е замислено да понуди ултра кул искуство. За само еден час играње, станавме огромни фанови на играта. Топла препорака за сите они што сакаат да навлезат во преубав киберпанк свет полн со забавни механики!