Овој текст е дел од серијалот „ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија на последнитe повици за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.
ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.
(Платформата JetMinds е добитник на средства повторно, па овојпат ни објаснија и до каде се со развојот)
Добивте нов грант за платформата Jetminds, како сте задоволни од досегашниот напредок, успеавте ли да го стварите целите кои ги имате зацртано?
Наша визија е го направиме најнапредниот дигитален систем за основно и средно образование во глобални рамки. Се уште сме многу далеку од цел. Во таа насока, секако не би можеле да бидеме задоволни се додека крајната цел не е постигната. Меѓутоа, како тим сме доволно искусни за да знаеме дека таргетирање на глобален пазар е работа која секогаш се случува во повеќе фази или milestones.
Во однос на прогресот од првата фаза на развој, ние сме повеќе од задоволни. Најпрво, го реализиравме техничкиот развој и ја лансиравме платформата JetMinds.org на македонскиот пазар. Понатаму, JetMinds собра повеќе од 20.000 корисници во само еден училишен семестар на пазар од вкупно 280.000 потенцијални корисници, а воедно и го потврдивме бизнис моделот со претплатени корисници. Конечно, со оваа последна инвестиција го осигуравме развојот во следната година. Така што, продолжуваме напред со многу повеќе енергија.
Каде ги инвестиравте средствата од претходниот конкурс?
Досегашните средства главно се инвестираа во две категории: технички развој на продуктот и креирање на едукативни материјали.
Претходната поддршка од ФИТР ја добивме со функционален прототип. Така што, иако не почнувавме од нула, сепак имаше многу развој и различни верзии до она што го лансиравме на пазар.
Слично, едукативните материјали се работеа интерно и бележеа поголем број на преработки (најчесто по 4/5 различни верзии) се додека не се стигнеше до верзија која е доволно квалитетна за продукциската верзија на JetMinds.
Би сакале да нагласиме дека продолживме како компанија со инвестиции во продуктот и по истекот на поддршката од ФИТР во февруари 2020. На пример, во текот на пандемијата директно инвестиравме повеќе од 10.000 евра во дополнителен развој на продуктот.
Со Стартапувај 2 добитници сте на нов грант, во кој дел ќе го насочите развојот сега?
Mала корекција – не се работи за грант, средствата се повратни со исплата на ројалтис.
Со оваа follow-up инвестиција буџетирани се средства пред се за технолошки развој. Поконкретно, нови модули и функционалности во рамки на платформата JetMinds. Главната промена е во тоа што развојот на едукативните материјали, кој претходно го правевме целосно интерно, веќе некое време го правиме во соработка со екстерни инструктори.
Со оваа промена, инструкторите добиваат удел во продажбата од премиум претплатите, но и превземаат ризик доколку материјалите кои ги развиваат не се користат од крајните потрошувачи.
Тоа овозможува побрз раст на обемот на едукативни материјали, директна конкуренција помеѓу професорите во однос на тоа кој ќе ги креира најдобрите материјали, како и многу повеќе достапни средства за инвестирање во технолошки развој.
Пред се, најголемиот бенефит од ова е кај крајниот корисник или учениците. Но, исто така најдобрите професори добиваат пристап до голем број на ученици и можност да го монетизираат сопствениот труд и знаење.
Дали ќе се доразвиваат нови модули за Jetminds и кои ќе бидат тие?
Секако. Како што кажавме и претходно, главниот фокус на овој инвестициски циклус ќе биде развој на нови модули и функционалности.
Не би сакале да откриваме премногу сега… нека остане нешто и за изненадување. Меѓутоа, можеме да кажеме дека работиме на модули кои ќе овозможат многу поинтерактивно учење на Jetminds во иднина.
Ако досегашното учење е генерално пасивно, односно учениците гледаат видео лекции, со новите модули корисниците ќе имаат можност да учат преку правење. Целта е учењето да биде многу позабавно, но исто така и истражувањата покачуваат дека овој активен начин на учење овозможува подлабинско разбирање и подолготрајно сеќавање на материјата.
Со почетокот на пандемијата ja отворивте платформата за сите, какви се впечатоците на новите корисници?
Точно. Кога пандемијата се прошири во Македонија и прекина редовната настава, платформата JetMinds беше единственото системско решение достапно во моментот. Сметавме дека е наша обврска да ја отвориме платформата и на тој начин колку што можеме да придонесеме и ние како компанија.
Иако состојбата во општеството беше тешка, нас како тим ни претставуваше особено задоволство тоа што продуктот на кој работевме долго и напорно помогна на огромен број на ученици и професори.
Сметаме дека фидбекот беше исклучително добар и мотивирачки. JetMinds беше споделен и препорачан од скоро секој медиум во државата. Училиштата и професорите во голем број го користеа JetMinds за директно спроведување на наставата. На пример, се регистрираа на платформата ученици од преку 300 различни училишта во Македонија. Конечно, фактот што корисниците поминуваа по 17 минути дневно во просек на JetMinds беше исто така многу охрабрувачки.
Секако, увидовме и повеќе области каде треба да се подобриме.
Нешто да додадете?
Би додале дека едукативните материјали на JetMinds се веќе доста проширени. Платформата беше лансирана со материја по математика за основно образование. Денес JetMinds ја покрива материјата и од средно образование, како и материјата по повеќе предмети – Физика, Хемија, Биологија и Информатика. Во наредниот период, планираме да ги покриеме и сите останати предмети кои се изучуваат во основно и средно образование.
Паралелно, работиме на проширување на пазарите во Србија и Турција. Се надеваме дека ќе успееме да се прошириме и во многу други држави, како и дека ќе бидеме позитивен пример за останатите претприемачи и стартап компании во Македонија.