Овој текст е дел од серијалот “ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија на последнитe повици за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.
ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.
Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… Кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или сл… или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?
Сајтех е основана во 2017 како друштво за компјутерско програмирање, информатичка технологија и консултантски услуги. Основана е од Александар Велков, кој после 9 години работа во Управата за финансиско разузнавање прави чекор напред во својата кариера и оди во приватниот сектор. Во првите 2 години приход се остварува преку консултанстки услуги во доменот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, анализа на трансакции и проценка на ризик на американскиот пазар.
Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР?
Доколку сте банка, штедилници, финансиско друштво, осигурителна компанија, брокерска куќа, друштва за управување со фондови, даватели на финансиски лизинг, агенции за недвижности, друштва за ревизија, сметководство, адвокати, нотари, заложувалници, менувачници, брз трансфер на пари, казино, обложувалница, автомат клуб, централен депозитар за хартии од вредност, според Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам меѓу другото, Вие имате и обврска да правите верификација на Вашиот клиент, да процените колку тој е ризичен да испере пари преку Вас, да го проверите на санкциони листи или ембарго страни, да го проверите неговиот политички статус и на крајот да направите писмен извештај од целата анализа. Голем број од субјектите имаат проблем во исполнување на оваа обврска.
Со проектот од ФИТР ние го решаваме проблемот на субјектите за усогласување со Законот. Ние ја развивме клауд платформата Metricity – Запознај го својот клиент, преку која субјектите ќе назначат одговорно лице и преку платформата обврските ќе бидат исполнети.
За каков точно проект станува збор?
Се што треба да направите е да се регистрирате онлајн на платформата и да ги внесете Вашите клиенти рачно или преку ексел фајл. Платформата автоматски проверува на санкциони листи, на листи за PEP (politically exposed person), Law Enforcement и Adverse Media, и на крајот автоматски го пресметува ризикот на вашиот клиент. Системот дава предупредување за секој исход и навремено сте информирано што се случува со вашите клиенти. Извештајот од проверката и од проценката на ризикот ви е достапен во секое време за да го симнете на вашиот компјутер.
На субјектите им нудиме и иновација во процесот, односно тие нема повеќе да ја копираат или скенираат личната карта преку скенер, туку тоа ќе го прават самите клиенти преку нивните телефони директно и податоците од личната карта заедно со сликата ќе бидат автоматски обработени во системот. Исто така, нема повеќе да користат Ексел табели за пресметка на ризик и рачно да ги подесуваат за секој различен клиент, туку тоа ќе го прави системот за нив со веќе дефинирани параметри и индикатори.
Она што е многу битно е да се истакне е тоа што во секое време субјектите ќе можат самите да менуваат и додаваат ризични параметри и индикатори без да имаат познавање од програмирање.
Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?
Продуктот се развива од 2018 и веќе има демо верзија од платформата и секој може да се регистрира на metricity.mk. Според планот во 2020 година почнуваме со продукција, и веќе од јануари почнуваме да ги опслужуваме нашите клиенти.
Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?
Со средствата од ФИТР ќе ја развиеме платформата и субјектите ќе можат да ја користат. Ќе овозможиме клиентите во платформата да се внесат и преку т.н адаптери за интеграција, односно ќе обезбедиме спецификација на “API” со што Metricity ќе разменува податоци и со системите на самите клиенти.
Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?
Платформата е развиена за интернационалниот пазар, со тоа што 2020 година е планирана да го освоиме македонскиот пазар. Во моментов имаме 4 клиенти, кои ја користат нашата платформа и тие доаѓаат од сегментите друштва за управување со фондови, финансиски друштва и друштва за ревизија.
Како целна група, ние ги таргетираме не-банкарските институции и во овој момент отвораме демо пристап и за: адвокатски друштва, друштва за сметководство и обложувалници.
Ние бевме дел од Бизнис Акцелератор УКИМ програмата за 2019 година, а во 2020 почнуваме менторство под UpScale програмата од Macedonia2025. Преку ова сакаме да се претставиме глобално на интернационалниот пазар.
Нешто дополнително што би сакале да додадете? :)
Со оваа платформа ние сакаме концептот на “Софтвер како сервис услуга“ (SaaS) да го поттикнеме во нашата земја и луѓето од бизнисот да го прифатат во своето работење. Истовремено, Metricity платформата освен што ве прави усогласени со законот, ја штити вашата репутација и вашето име во бизнисот, и имате додадена вредност на вашата компанија со тоа што сте целосно усогласени.