Овој текст е дел од серијалот „ФИТР грантови” во кои што ги контактиравме фирмите кои имаат ИТ решенија на последнитe повици за грантови на ФИТР. Идејата зад серијалот е јавноста подобро да се запознае со компанијата, продуктот и очекувањата поврзани со грантовите.
ИТ.МК се обиде да стапи во контакт со сите компании од ИТ секторот и нивните одговори ќе ги објавиме како што пристигнуваат.
компанија | име на проектот | ФИТР ко-финансирање (ЕУР) | сопствено ко-финансирање (ЕУР) | вкупен буџет (ЕУР) |
---|---|---|---|---|
АИДЕА ЛАБ | ПЛАТФОРМА ЗА ХОЛИСТИЧКО И МОБИЛНО МОНИТОРИРАЊЕ НА ЗДРАВЈЕ И ОДНЕСУВАЊЕ СО ПОМОШ НА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛЕГЕНЦИЈА mAIhealth | 27.900,00 | 4.950,00 | 32.850,00 |
Споделете со нас неколку информации за вашата компанија… Кога е основана, примарна дејност, тековни клиенти или сл… или ако е ново основана, која е структурата и од кого е основана?
AIDEA е компанија која работи со вештачка интелигенција и машинско учење. Тимот зад AIDEA се состои од искусни доктори на науки, истражувачи и експерти од овие области, како и софтверски инженери и консултанти од академската заедница во земјата и странство. Горди сме што во тимот на AIDEA имаме светски докажани експерти, победници на пет меѓународни натпревари за развој на алгоритми од вештачката интелигенција за анализа на човечко однесување и здравје.
Долгорочната цел на AIDEA е да прерасне во глобално препознатлив, почитуван, македонски бренд за вештачка интелигенција и машинско учење. AIDEA нуди различни типови на услуги од овие области, и тоа: консултантски услуги и експертиза, изработка на комплетни алгоритамски и софтверски решенија прилагодени за нашите клиенти, како и изработка на наши продукти за вештачка интелигенција кои што ќе ги продаваме или изнајмуваме.
Нашето долгогодишно искуство во развивањето на алгоритми од областа на мобилното и електронско здравје, ни дава единствена прилика да придонесеме во тие области. Всушност, за тоа и добивме финансии од ФИТР. Во првата година ќе се фокусираме на изработка на алгоритми за мониторирање на здравје и однесување на корисниците со помош на сензорски податоци од паметни телефони, паметни алки, паметни очила и др. Ова е област во која што нашиот тим има огромно апликативно и научно-истражувачко искуство, како и огромен број на референци, научни трудови и успешно изработени проекти.

Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот за кој добивте финансии од ФИТР? За каков точно проект станува збор?
Проектот за кој добивме финансии од ФИТР е развој на ефикасна, модуларна софтверска платформа наречена mAIhealth (анг. mobile AI health and behaviour monitoring). mAIhealth ќе овозможи развој на нови алгоритми од областа на вештачката интелигенција и машинското учење со кои може да се трансформираат сензорски податоци од носливи уреди – wearables, паметни телефони, паметни очила, паметни часовници за да се добијат вредни информации за здравјето и однесувањето на луѓето, и нивната физичка и физиолошка состојба.
Платформата ќе биде модуларна и лесна за употреба, па ќе може да се прилагоди на различни задачи. Ние ја замислуваме секоја задача како сложувалка, за чие решавање ќе се користат различни алгоритми, техники и текови на податоци. Конечното решение ќе биде оптимизирано за конкретна задача. Алгоритмите развиени со оваа платформа ќе создадат додадена вредност за компании кои произведуваат и продаваат паметни и носливи уреди како Samsung, Apple, Huawei, FitBit; компании кои нудат решенија за мониторирање на пациенти на далечина и мониторирање на домот, канцеларијата, работната околина; компании кои нудат решенија за вештачка интелигенција и мониторирање на возачите и патниците, афектни состојби, внимание при возење, стрес, поспаност и сл…
Во рамките на проектот е планирана соработка со Факултетот за eлектротехника и информациски технологии, поточно со Центарот за иновации – ИНОФЕИТ. Соработката ќе биде остварена во делот на размена на експертиза од областа на Вештачката Интелигенција, како и логистичка преку изнајмување на работен простор и хардверски ресурси во ИНОФЕИТ.

Колку време и до кој степен е во развој? Кога најрано би можеле да очекуваме MVP (minimum viable product) од продуктот достапен за јавноста?
Најголем дел од алгоритмите за вештачка интелигенција за процесирање на податоци кои ги нуди AIEDEA, се веќе развиени како концепти и прототипи. Со средствата од ФИТР, различните алгоритми ќе ги инкорпорираме и обединиме во единствена платформа за мобилно мониторирање на здравје со помош на вештачка интелигенција. Во текот на проектот е планиран развој на еден до два прототипи, кои ќе се користат за придобивање на клиенти, како и за демо презентација на технолошки и стартап настани. Планот е следното лето веќе да имаме прототип кој што ќе претставиме на јавноста и ќе може се тестира. Тоа ќе биде мобилна апликација која што ќе користи паметна алка, и во реално време ќе препознава физички и физиолошки промени на корисникот со помош на модели развиени со вештачка интелигенција и машинско учење.
Колку ќе ви помогнат дополнителните финансии од страна на ФИТР? Во кои делови од проектот поточно ќе ви помогнат финансиите од Фондот?
Поддршката од ФИТР е од огромно значење за нашата компанија. Со средствата од ФИТР ќе се обезбеди доволно време и средства за развој на платформата, за воспоставување на тим, за развој на бизнис модел, за презентирање на нашите услуги и барање на клиенти.
AIDEA ќе биде пионер во Македонија и во регионот во оваа специфична област – вештачка интелигенција и машинско учење за анализа на здравје и однесување. Дополнително, AIDEA е една од ретките старт-ап компании од областа на вештачка интелигенција и машинско учење во нашата земја и ќе помогнеме да се развива оваа нова заедница во пораст.
Дали производот/услугата што го планирате да го развиете е за домашен или интернационален пазар? Која е вашата примарна целна група?
Платформата што ја развиваме може да се користи за креирање на алгоритми и решенија за домашен и меѓународен пазар. Со оглед на тоа дека кај нас нема многу компании што произведуваат паметни уреди, најверојатно најголем дел од клиентите ќе бидат од странство. Планираме и да соработуваме со македонски компании со цел да покажеме што можеме, а можеби и ќе направиме и целосно наш продукт – кој што ќе вклучува хардвер, сензори и софтвер, односно, паметен уред произведен тука во Македонија, кој што ќе се користи за електронско и мобилно здравје.
Веќе имаме разговори со компанија од Велика Британија, коjа што произведува паметни уреди опремени со сензори. Компанијата се интересира за изработка на паметни алгоритми кои што ќе ги анализираат сензорските податоци и ќе нудат интелигентни услуги за нивните корисници. Ова е една мала потврда и доказ дека нашиот продукт е интересен и баран на меѓународниот пазар, што е од големо значење за АИДЕА и огромна иницијална мотивација.

Нешто дополнително што би сакале да додадете? :)
Луѓето често го земаат здравјето здраво за готово, но кога еднаш ќе им се загрози, сфаќаат дека е една од најважните работи во животот. За среќа, новите технологии имаат потенцијал да го подобрат животниот стил на корисниците, овозможувајќи услови за подобро здравје. Со значајните хардверски, сензорски технологии од една страна и вештачката интелигенција и машинското учење од друга страна, живееме во ера во која растот на уреди и апликации за мониторирање на здравјето е во пораст. Како интересен пример би сакале да го издвоиме паметниот прстен Oura, кој што е клучен за продолжување на НБА сезоната и покрај пандемијата со корона-вирусот. Прстенот го користат играчите со цел мониторирање на нивните физиолошки параметри и соодветно сигнализирање доколку дојде до поголеми промени на истите.

Основна компонента кај сите овие уреди и апликации се алгоритми од Вештачката Интелигенција и Машинското Учење кои ги анализираат сензорските податоци, извлекуваат корисно знаење и му даваат повратна информација на корисникот. Тие обично препознаваат активности, пресметуваат калории, препознаваат стрес, емоции и слично. Пазарот поврзан со вештачка интелигенција за мониторирање на здравје и однесување е прилично нов и незаситен, што ни дава уникатна прилика да придонесеме во оваа област преку изработка на паметни алгоритми и производи.