Откако Megaupload беше исклучен на почетокот на година, секојдневно беше поставувано прашањето што ќе се случи со податоците кои беа поставени на серверите на Megaupload. Во изминатиот период имаше многу дискусии што да се прави со податоците, а дури еден од предлозите од страна на FBI беше да корисниците си платат за да си ги повлечат своите податоци. Денес, Високиот суд на Нов Зеланд им нареди на FBI да направат копија од 150-те терабајти податоци од серверите на Megaupload и да ги достават на Ким Дотком за негова одбрана.
Сепак, тоа не се истите податоци кои се прикачени на Megaupload од корисниците, туку податоците кои се пронајдени во домот на Ким Дотком. Податоците тешки 150 терабајти распоредени низ 130 компјутери и уреди за складирање, меѓу кои се наоѓаат 10 милиони мејл адреси и голем број на финансиски документи, е наредено да бидат ископирани и доставени за 21 ден.
Од FBI баш и не се среќни за оваа одлука и според изјавата на FBI агентот Мајкл Постин, копирањето на само 29 терабајти ќе им одземе 10 денови, а за сите податоци ќе им е потребно околу два и пол месеци. Сепак, на крај нема да бидат ископирани сите податоци, бидејќи некои од нив се енкриптирани, додава Мајкл Постин.
Тие аргументи беа одбиени од судијата Хелен Винкелмен и им порача да започнат со копирање на информациите, бидејќи имаат полни раце со работа. Доколку Дотком беше екстрадиран во САД, копирањето на податоците немаше да биде трошење на времето, додаде Винкелмен.