Хелсиншкиот ProtoGeo Oy, креатор на популарната фитнес апликација Moves која ви го следи буквално секој чекор и ве известува за изодената километража и потрошените калории; сега е дел од Facebook. Според Facebook, апликацијата која автоматски препознава дали одите, трчате или возите велосипед и ви прикажува минималистички извештаи, е „одлична алатка за милиони луѓе кои сакаат да си ги разберат дневните фитнес активности“.
Мoves беше прогласена од Apple како „изненадувачки хит“ по стартувањето пред една година, сега има над еден милион корисници, и е симната над четири милиони пати од App Store и Google Play. Но, иако Moves е навистина корисна и информативна апликација која следи дури 60 активности, сепак има еден сериозен проблем, а тоа е што работи постојано во позадина и значително брзо ја троши батеријата.
Не е објавена цената за која Facebook ја купува Moves, поточно ProtoGeo Oy, но Wall Street Journal вели дека е далеку пониска од претходните аквизиции во 2014-та година – како плаќање на рекордните 19 милијарди за апликацијата за пораки, WhatsApp; и 2 милијарди за уредот за виртуелна реалност, Оculus VR. Toa што е најавено е дека Moves ќе продолжи да биде самостојна апликација, но тимот зад апликацијата ќе биде преселен во канцелариите на Facebook во Лондон и Калифорнија, и најверојатно ќе биде ставен на идни проекти кои ќе бидат поврзани со фитнес. Facebook веќе има неколку популарни самостојни апликации, пример Whats Аpp, Instagram и Paper, преку кои ќе може да го зајакне своето мобилно присуство, и на кои ќе може да пласира реклами преку својата нова платформа.