Extinction Rifts е игра која храбро се навраќа кон корените на FPS жанрот, црпејќи инспирација од златната ера на првиот PlayStation. Резултатот е експлозивен коктел од ретро естетика и иновативни механики кој нуди уникатно и адреналинско искуство. Приказната нè фрла во мрачна иднина каде опстанокот на човештвото е доведен во прашање. Мистериозни монолити се појавуваат низ планетата, а терористичка организација позната како новиот свет ја користи нивната моќ за да предизвика селективно истребување. Во улога на последната надеж на човештвото, вие ја преземате контролата над легендарната Adreno-Gauntlet, артефакт што го претвора чистиот адреналин во незамислива деструктивна моќ.

Extinction Rifts со уникатна гејмплеј механика поврзана со уникатниот комбо систем. Наместо само да се потпира на прецизно нишанење, играта ве наградува за агресивност и континуирана борба. Секое успешно елиминирање на непријател, без разлика дали е со огнено оружје или со брутални удари од ракавицата, го зголемува вашиот комбо бројач. Колку е поголемо комбото, толку помоќни и поразурнувачки стануваат вашите напади.
Системот создава динамичен циклус на ризик и награда, принудувајќи ве постојано да се движите, да барате нови цели и да ја одржувате борбената френетичност. Врвот на овој систем е специјалниот потегExtinction Punch – разорна експлозија на енергија која се акумулира со адреналин и е способна да ја исчисти целата просторија од непријатели, па дури и да уништи цел монолит со еден удар. Со арсенал од осум различни оружја и пет уникатни способности, играта нуди и значителна стратешка длабочина, дозволувајќи ви максимално прилагодување на вашиот стил на борба.

Наместо да се стреми кон реализам, Extinction Rifts свесно прифаќа естетика инспирирана од првата PlayStation конзола. На располагање имате модели со низок број на полигони, карактеристично „треперење“ на текстурите и филтер кој го емулира изгледот на старите CRT телевизори. Оваа одлука не е само носталгичен трик, туку функционален дел од целокупното искуство.
Ретро графиката овозможува исклучително брзо темпо на игра без да ги оптоварува перформансите, додека истовремено создава уникатна атмосфера која совршено се вклопува со аркадниот стил. Звучниот дизајн дополнително го засилува ова чувство. Оружјата звучат моќно и имаат задоволувачки ударен ефект, додека електронската музичка подлога со индустриски призвук постојано го одржува високото ниво на адреналин.

Extinction Rifts не е игра за секого, и токму во тоа лежи нејзината убавина. Доколку барате длабока наративна приказна или најсовремена графика, оваа игра веројатно нема да ги исполни вашите очекувања. Меѓутоа, ако сте љубител на класичните boomer shooter наслови како Doom, Quake или Unreal Tournament и копнеете по времињата кога гејмплејот беше на прво место, тогаш Extinction Rifts навистина не е лоша занимација.
Играта успешно го модернизира класичниот концепт со својот иновативен комбо систем, нудејќи високо ниво на реиграбилност преку скриени тајни, повеќекратни завршетоци и глобални ранг-листи. Иако нејзиниот ретро изглед можеби ќе одбие дел од помладата публика, за оние кои знаат да го ценат, тој е составен дел од шармот. Поради тоа, доколку сте подготвени за чиста, нефилтрирана и адреналинска акција која ги тестира вашите рефлекси, Extinction Rifts е наслов што дефинитивно треба да го додадете во вашата колекција.








