Неодамна, добро-познатото студио Saber Interactive (World War Z, SnowRunner) исфрли уште една веродостојна симулација со возење најразлични возила на предизвикувачки терени. Со само 53% позитивни рецензии на Steam, мислењата на гејмерите можеби се чинат поделени, но нашето е далеку од тоа; доаѓа веднаш по трејлерот!
Во пресрет на нескротливите земји!
Expeditions: A MudRunner Game е одлична игра, но само за многу мала специфична група на гејмери. По стапките на поголемите браќа, Snowrunner и Mudrunner, и најновото чедо на Saber Interactive ви дозволува да се тркате, но не против други возачи туку или против времето или против ограничените намирници со кои располагате, како гориво.

Наместо натпревар за кој да биде на прво место, Expeditions: A MudRunner Game е натпревар за вашите нерви. Од една страна, играта ве поставува во релаксирачки и преубави предели, но предели полни со предизвици. Ве става пред волан на најразлични возила. Со оглед на тоа дека нема патишта, туку само предизвикувачки терен, константно се бара од вас да внимавате на начинот на кој возите, на теренот кој го поминувате и на каргото кое го пренесувате.

За разлика од претходникот, Expeditions: A MudRunner Game е значително пообемна, а, со тоа, и покомплексна игра. На располагање имате најразлични мисии кои, како што е достојно за серијалот, навистина не се лесни за извршување. Да, мисите често се да се возите до одредена точка, да земете карго и да го однесете истото на друга локација. Но, како што напоменавме, теренот знае значително да го отежне целокупното искуство на секогаш непредвидливи начини.

Мора да избегнувате или да внимавате со камења, калниви, водени или лизгави места, да знаете како да ги менувате брзините, да (оне)возможувате одредени возни режими кои се критични за теренот под кој се наоѓате, па дури и да го прилагодувате притисокот на гумите. Со вас е и потребно да носите заменски делови и истите да ги замените доколку се слични непосакуван дефект. Во случај да не понесете соодветен резервен дел, алатка или пак да немате доволно гориво, па, предизвикот ќе скокне за неколку нивоа (или десет).

Како резултат, Expeditions: A MudRunner Game е крајно забавна игра која константно ги тестира вашите рефлекси и имагинација. Секое успешно завршување на мисија ве наградува со пари и потенцијал за отклучување ново возило. Голем акцент се става и на градење и проширување на ваша лична база, нешто што не беше случајот со претходните две игри од овој серијал. Па така, за да можете да возите подолго, ќе можете да изградите станица за гориво.

Играта навистина сјае само доколку сте спремни на макотрпно планирање на вашиот пат, опрема и стратегија за движење. Во спротивно, лесно ќе ги изгубите нервите и ќе побарате малку подинамична алтернатива. Оние кои уживаат во вакви симулации, ќе наидат на апсолутно преубави мапи кои преколкуваат да бидат истражени и скротени.

Сега за сега, во Expeditions: A MudRunner Game може да уживате соло. Онлајн ко-оп можностите ќе бидат воведени подоцна, паралелно со плановите за имплементирање дополнителни додатоци, кои се дел и од сезонската пропусница.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Saber Interactive
- Издава: Focus Entertainment
- Жанр: симулација, транспорт
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 5 март 2024







