Претставниците на Европскиот совет и Европскиот парламент постигнаа договор за начинот на кој компаниите, но и јавниот сектор во Европа ќе може да ги користат податоците од уредите на корисниците. Законот ќе овозможи користење на податоците за обезбедување подобра услуга. Истовремено ќе ги заштити корисниците од незаконско споделување на нивните податоци.
„Законот за податоци (Data Act) има за цел да ја зајакне економијата на податоци на ЕУ преку отклучување на индустриските податоци, оптимизирање на нивната пристапност и употреба и поттикнување на конкурентен и сигурен европски пазар во облак. Целта е да обезбедиме придобивките од дигиталната револуција да бидат споделени со сите“, се вели во соопштенито.
Предлогот е прифатен доцна вечерта на 27-ми јуни, по седумчасовни разговори. Законот треба да обезбеди фер распределба на податоците, и се однесува единствено на податоците собрани во Европа.
Денешниот договор ќе ја забрза дигиталната трансформација на Унијата. Штом Законот за податоци стапи во сила, ќе го отклучи економскиот и општествениот потенцијал на податоците и технологијата, и ќе придонесе за внатрешниот пазар на податоци. Ќе го подобри единствениот пазар, овозможувајќи им на податоците да течат слободно низ различните сектори во ЕУ, во корист на нашите граѓани и бизниси.
Што ќе донесе новиот закон
Вообичаено кога зборуваме за Европа и податоци, прво на памет ни паѓаат личните податоци на корисниците. Сепак во овој случај не станува збор за овие податоци, туку за различни сетови кои не ги идентификуваат корисниците.
Податоци од паметни возила, домашни апарати, паметни машини, индустриски апарати, и куп други уреди се извор на непроценливи податоци. За жал во општ случај „монопол“ врз овие информации имаат големите компании производители. Пристапот до овие информации е клучен за иновациите, па Европската Унија сака да обезбеди дека сите имаат подеднаков пристап до нив. Законот ќе го уреди начинот со кој ќе се споделуваат податоците кои не се лични. Со ова компаниите и јавниот сектор ќе може да понудат подобри услуги или производи.
Актот ќе им овозможи на корисниците на уредите да се здобијат со пристап до податоците кои ги генерираат нивните уреди. Понатаму самите корисници ќе можат да ги споделуваат овие податоци со трети страни.
Вклучени се и мерки кои ќе спречат еднострани наметнати неправедни услови на договори. Ова треба да овозможи дури и малите компании во Европа да имаат пристап до овие податоци.
Опфатени се механизми кои ќе му овозможат на јавниот сектор пристап и користење на податоци во случај на вонредни состојби, на пример поплава, пожар и слично.
Новите правила ќе им овозможат на клиентите слобода да се префрлат помеѓу различни даватели на услуги за обработка на податоци во облак. Тоа ќе ја промовира конкуренцијата и изборот во пазарот, истовремено спречувајќи го заклучувањето за обработка кај производителот. Законот за податоци вклучува и заштитни мерки против незаконски пренос на податоци, обезбедувајќи посигурна и побезбедна средина за обработка на податоци.
Конечно неопходно е креирање на интероперабилни стандарди за споделување и обработка на податоци.
Следни чекори
По договорот на Европскиот парламент и Советот, сега и формално двете организации треба да го изгласаат законот. Законот стапува на сила 20 дена по објавувањето во службен весник, а ќе започне да се спроведува 20 месеци по стапувањето на сила.