DOOM: The Dark Ages го претставува најновото поглавје во епската DOOM франшиза. Овој дел, како финале на модерната трилогија, успешно ја продолжува и надградува авантурата која започна со DOOM (2016) и DOOM Eternal. За сите фанови на претходните изданија, играта ја задржува препознатливата брза и динамична забава, но сега со проширени и еволуирани гејмплеј механики кои органски се интегрирани во еден визуелно волшебен свет, населен со многубројни и предизвикувачки непријатели.

DOOM: The Dark Ages е развиена од id Software и објавена од Bethesda Softworks
Техно-средновековна војна
За разлика од своите претходници, DOOM: The Dark Ages ве втурнува во брутална, досега невидена средновековна војна против пеколот. Овде акцентот е ставен на поприземен борбен стил, со впечатлива приказна и висцерална акција од епски размери. Наместо директно продолжение, настаните во DOOM: The Dark Ages се случуваат пред оние во претходните две игри. Ова е интересна стратегија на id Software да го прошират лорот во малку поинаков правец, нудејќи свежа наративна перспектива без да бидат ограничени од веќе постоечката временска рамка.

Во DOOM: The Dark Ages, светот совршено ги спојува античките елементи со футуристичка технологија. Ќе истражувате универзум полн со урнати замоци, темни шуми, епски бојни полиња и древни пеколни предели. За време на вашата долга авантура, ќе откриете и домени инспирирани од Лавкрафт, со збунувачки загатки и визуелно неверојатни локации. Ова обезбедува секое ново место да биде различно од претходното, давајќи ви многу можности да истражувате и да уживате во суровата убавина на играта. Благодарение на ова, секое ново место делува поразлично од претходното, нудејќи прекрасни можности за детално истражување и впивање на сирови убавини.

Згора на ова, приказната е преполна со акција и импресивни филмски моменти. Ниедна претходна DOOM игра не била толку посветена на креирање драматични моменти со харизматични ликови поголеми од животот. Овој силен спој мајсторски пополнува бројни празнини во DOOM универзумот, истражувајќи ја историјата на конфликтот меѓу човештвото, божествените Maykrs, ноќните стражари на Argent D’Nur и демонските сили предводени од принцот Азрак. Нема никакво сомневање дека ова е најдобрата DOOM приказна досега. Додека претходните игри беа фокусирани првенствено на гејмплејот, со DOOM: The Dark Ages ситуацијата е значително поразлична – фокусот на приказната е силен исто како и тој на гејмплејот. Како резултат, добиваме силно искуство кое нема никого од фановите да остави рамнодушен.

Несопирлив тенк
Борбата во DOOM: The Dark Ages претставува намерно отстапување од претходните две игри. Јасно е дека студиото се одлучило за поприземно искуство каде Слеерот е како несопирлив железен тенк. Благодарение на ова, битките добиваат уште поголема и пофлуидна димензија со задоволувачки систем за Glory Kills, како и нова механика за парирање на непријателските напади.
На располагање имате импресивен арсенал од оружја и, искрено, не знаеме кое од кое повеќе ни се допаѓа. Секое оружје е впечатливо на свој начин, отворајќи различни и крајно исполнувачки можности за експериментирање. Како ново оружје кое игра централна улога за време на битките е Shield Saw. Ова оружје функционира како одбранбена алатка за блокирање и парирање, офанзивно оружје за уништување помали демони, па дури и алатка за истражување за движење низ околината и откривање тајни.
Нема да бидете разочарани ни од новиот робустен систем за борба одблизу, со оружја како смртоносен флеил, шилест боздоган и електрифицирана ракавица. Користењето на овие алатки има и стратешка дополнителна вредност, дозволувајќи ви да ја обновувате муницијата со нивното користење.Едвај чекаме на наидете на оружјето кое дроби черепи за да рецка се што ви се испречува. Уф-уф, кефови!

Добро познатите класични непријатели се редизајнирани тематски за совршено да се вклопат во средновековната поставка. Нови варијанти како повисокиот Imp Stalker и речиси невидливиот Nightmare Imp Stalker се тука за да ви разбудат носталгични чувства, но и да го зголемат предизвикот. А, за брзо време ќе наидете и на целосно нови демонски непријатели, нудејќи епски можности за колосални пресметки. Честопати бојното поле е преплавено со бројни непријатели, создавајќи подраматични моменти полни со интензитет.
Змеј!
DOOM: The Dark Ages воведува сосема нова димензија во светот, овозможувајќи ви да управувате со масивни возила. Ова значително ја проширува димензијата на битките, одлично вклопувајќи се во целиот концепт на бојно поле преполно со непријатели. Кога сме кај новите моменти за истражување на мапите и соочување со непријателите, особено забавен момент е да летате на грбот на новиот змеј наречен Серат. Овој змеј го користите за воздушни напади, фрлајќи оган и сеејќи деструктивен хаос од небото. Воведувањето на вакви змејови претставува значајна еволуција на основната примеса препознатлива за DOOM серијалот и нуди прекрасни можности за освежително истражување на универзумот.

Мапите се прекрасни и забележително поголеми од оние во претходните два наслови, навестувајќи помалку линеарен пристап. Сега имате поголема слобода да изберете кои области да ги истражите и кои цели да ги завршите. Иако не станува збор за отворен свет, ова е најобемниот простор што сме го виделе во DOOM игра досега. Најимпресивно е што дизајнот на овие мапи е извонредно паметен и креативен, нудејќи изобилство можности за забавно истражување и откривање тајни. Честопати, наместо да се бориме, истражуваме или бараме тајни, едноставно застанувавме за да уживаме во прекрасниот надреален визуелен дизајн.

DOOM: The Dark Ages е напојувана од најновата итерација на енџинот на id Software, idTech 8. Овој енџин е понов од idTech 7 (енцинот што беше искористен за потребите на Indiana Jones).
Легендата продолжува
DOOM: The Dark Ages успешно го издвојува својот идентитет во ултрапопуларната DOOM франшиза. Со прифаќање на темна фантастична, техно-средновековна поставка и поприземна борбена филозофија, id Software испорача амбициозно и висцерално искуство што го продлабочува лорот, истовремено нудејќи свежи механики на игра. Интеграцијата на големи борби со возила, разноврсен нов арсенал и пространи, помалку линеарни нивоа придонесува за навистина епски обем.
DOOM: The Dark Ages не само што служи како одлична влезна точка за оние што никогаш не ги играле претходните игри, туку и го збогатува постоечкиот универзум за долгогодишните фанови, обезбедувајќи клучни сознанија за минатото на Слеерот и поширокиот конфликт со пеколот. Сигурни сме дека за многумина целокупниот пакет испорачува моќна и привлечна авантура која долго ќе се памети по завршувањето на кампањата.
DOOM: The Dark Ages по трет пат ја покажува подготвеноста на id Software да експериментира со DOOM формулата. И покрај промените во стилот на борба и наративниот фокус, сепак се зајакнува трајната привлечност и култниот статус на серијалот. За љубителите на интензивна акција од прво лице, богат лор и големи битки, DOOM: The Dark Ages е суштински додаток кој вреди да биде дел од вашата колекција со игри.




Повеќе детали за играта
- Произведува: id Software
- Издава: Bethesda Softworks
- Жанр: FPS
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 15 мај 2025