Evil Diary е исклучително кратка игра. И тоа е добра работа. Чедото на 9Ratones и Angelo Gamedev никако не сака да ви здосади. Поради тоа, играта ви нуди добра акција, забавни механики и одлична музика во времетраење од еден-до-два часа. Но, за тие два часа ќе посетите бројни ретро инспирирани локали, ќе се соочите со разнолики непријатели и ќе се наслушате heavy metal музика која би можела да стои раме-до-раме со великаните, како композиторот на играта Doom.
Evil Diary се заснова на кратки, но динамични пресметки со бројни непријатели. Откако ќе започнете стаза, потребно е или да убиете одреден број непријатели (пример, од 30 до 60) или пак да преживеете додека не се спушти лифтот (пример, 20-30 секунди).
Мапите се многу мали и имате ограничен простор на движење, но ова не ни пречеше премногу бидејќи крајот на секоја мапа беше за минута-две, некогаш и помалку од тоа. Она што ни пречеше беше тоа што имате само едно огнено и едно ладно оружје.
Огненото оружје е функционално, но некако сакавме играта да понуди барем неколку за користење. Дополнително, ладното оружје не е доволно моќно и бројни непријатели не можат инстантно да се убијат. Поради тоа, често не го користевме туку се трудевме од далеку да ги елиминираме непријателите.
Секоја од мапите успеваше да понуди одредена доза на разноликост. Па така, почнувате на улици, па одите во подземни станици или пак на возови кои се во движење. За зголемен предизвик, на мапите има и одредени пречки, како голи жици под напон.
Има и непријатели кои се високо над вас или ниско под вас и, бидејќи нив не можете да ги убиете, морате да шетате лево-десно и да ги избегнувате нивните напади. Некои непријатели испуштаат power-up кои ви даваат одредени способности.
За дел од ваквите способности не можевме да знаеме какви привремени предности се отклучуваат (недостасуваше визуелен контекст, а немаше ни текстуална сигнализација). Со исклучок на бомбата која уништува сѐ околу вас, и моќта која ви дозволува побрзо да пукате, не можевме да заклучиме кој ефектот на останатите моќи.
За подобра имерзивност, помеѓу секоја мапа ќе читате извадоци од дневник (од тука и името: Evil Diary). Преку кратките извадоци детално се информирате за бројните случки и предизвици на вашиот лик, кој се наоѓа во алтернативна 1997 година каде градот Њу Јорк е целосно срушен од легијата свирепи суштества.
Evil Diary e составена од 32 стази, бројни чудовишта кои имаат различни напади и брзини на движење, како и два дополнилни изгледи кои можете да ги отклучите за главниот лик (преку собирање златни парички). Од време на време, ќе ви биде сервирана и мини игра каде треба да пукате што е можно побрзо. Ништо посебно, но, ете, го има и тоа.
Кога ќе се земе сѐ во предвид, Evil Diary е кратка игра со ограничени, но, со оглед на должината, целосно функционални механики. Дали споменавме и дека има неколку одлични heavy metal нумери? Музичката подлога значително влијае на факторот на забава, особено доколку користите слушалки, а извадоците од дневникот дополнително нѐ мотивираа да ја завршиме играта. Се надеваме и вас, доколку решите да ја проверите!
Повеќе детали за играта
- Произведува: 9Ratones, Angelo Gamedev
- Издава: Ratalaika Games S.L.
- Жанр: ретро шутер
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 24 ноември 2023