Ериксхолм е фиктивен нордиски град инспириран од елеганцијата и суровоста на Скандинавија од раните 1900-ти. Се надеваме дека сте спремни да навлезете во една ваква изометриска, наративно-водена игра каде прикрадувањето игра голема улога. Eriksholm: The Stolen Dream е игра која ветува многу, особено кога ќе земете во предвид дека е развиена од River End Games, студио кое вклучува ветерани од индустријата кои работеле на наслови како Battlefield, Little Nightmares и Mirror’s Edge. Објавена од Nordcurrent Labs, оваа игра ветува напнато искуство исполнето со интриги и стратешко надмудрување.

Во сенките на Ериксхолм
Во центарот на приказната е Хана, млада жена чиј живот добива драматичен пресврт кога нејзиниот брат, Херман, мистериозно исчезнува. Хана не сака да си ја препушти судбината во рацете на полицијата, но желбата да побегне од нив предизвикува синџир на катастрофални настани кои засекогаш ќе ги променат не само нивните животи, туку и судбината на целиот град.
Приказната се одликува со извонредна слоевитост која го задржува вниманието на играчот од почетокот до крајот. Секој наративен елемент е прецизно осмислен, придонесувајќи кон изградбата на комплексна и ангажирачка наративна структура. Дијалозите се формулирани со големо внимание кон деталите, рефлектирајќи ја длабочината на ликовите и контекстот на ситуациите со висока доза на автентичност. Ова е дополнително потенцирано преку маестралната актерска изведба и впечатливи анимации.

Централниот заплет е моќен и динамичен, честопати изобилувајќи со непредвидливи пресврти и неочекувани разврски кои ја одржуваат тензијата и го стимулираат вашиот интерес. Во комбинација со извонредната актерска игра која суптилно ги пренесува најсложените емоции, вие се наоѓате и во визуелно привлечен и високо реалистичен свет. Ликовите се конструирани со извонредна комплексност и повеќедимензионалност, отстапувајќи од поедноставени архетипови. Ликот на Хана особено се издвојува со својата длабочина и сложеност; нејзините постапки се мотивирани од широк спектар на честопати контрадикторни фактори, што ги прави нејзините интеракции предмет на длабока анализа и интерес. Светот, како што спомнавме, е детално разработен, визуелно импресивен и автентично претставен преку мноштво предмети, обичаи и културни елементи кои прецизно го рефлектираат временскиот период, правејќи го прикрадувањето низ него еден вид тензичен празник за сетилата.

Прикрадување, стратегија и уникатни ликови
Eriksholm: The Stolen Dream се игра од изометриска перспектива, овозможувајќи ви слободно да ја движите камерата за да ја истражувате околината и да ги планирате вашите потези. Клучна механика е можноста за префрлање помеѓу три уникатни ликови: Хана, и нејзините сојузници Алва и Себастијан. Секој од нив поседува различни способности, алатки и оружја, кои ќе бидат неопходни за пристап до нови области, надминување на различни предизвици и загатки, како и за надмудрување на непријателите. На пример, Хана може да ползи низ вентилациони отвори, Алва може да се качува по одводни цевки, а Себастијан може да плива. Оваа динамика овозможува креативни решенија за проблемите и повеќеслоен пристап кон секоја ситуација.

Играта става силен акцент на стелт и стратегија. Поради тоа, ќе мора внимателно да го набљудувате однесувањето на стражарите, да ги користитее елементите од околината во своја полза, да извлечете максимум од прислушување на разговорите на стражарите и да наоѓате паметни решенија за да ги надминете пречките. Истражувањето на околината, прикрадувањето и користењето тактики за одвлекување внимание се клучни за понатамошно напредување. Доколку некој од ликовите биде забележан, играта се рестартира непосредно пред тој момент, поттикнувајќи внимателен и тактички пристап. Нивоата можат да се истражуваат повеќепати, нудејќи различни патеки и методи за секој лик, како и колекционерски предмети за откривање. значаен акцент е ставен на стратешкото претходно истражување на околината.

Ова првенствено се реализира преку можноста за дискретно набљудување на просторот, како на пример преку ѕиркање низ прозорци или други отвори. Оваа фаза на извидување е од клучно значење за добивање увид во распоредот на непријателските сили, потенцијалните патролни рути и идентификација на критични точки или опасности пред директна инфилтрација. Дополнително, мора внимателно да избирате каде стапнувате, бидејќи одредени површини или предмети во околината се дизајнирани да генерираат звуци со повисок интензитет. Овие звучни емисии имаат директно влијание врз играта, бидејќи предизвикуваат алармирање на непријателските ентитети кои се наоѓаат во непосредна близина. Овие механики заедно ја зголемуваат тактичката длабочина на искуството, барајќи од вас да комбинирате набљудување, планирање и прецизно извршување.

Развиена со помош на Unreal Engine 5, Eriksholm: The Stolen Dream нуди висококвалитетна визуелна презентација, со импресивни кинематографски секвенци кои користат технологија за снимање на движења (motion capture) и MetaHuman технологијата на UE5 за реалистични анимации на лицето. И покрај тоа што е развиена од релативно мал тим од околу 15-19 луѓе, играта се одликува со продукциски вредности кои можат да се споредат со ААА наслови. Атмосферата на раниот 20-ти век во Скандинавија, со своите контрасти на елеганција и суровост, убавина и тешкотии, е во срцето на визуелниот и наративниот идентитет на играта. Градот Ериксхолм се одликува со различни области кои на уникатен начин ја прикажуваат поделната на луѓето, нудејќи значајни перспективи за жителите и нивните сопствени борби.

Eriksholm: The Stolen Dream не е само игра, туку длабоко искуство кое ве вовлекува во својот комплексен свет и приказна. Со маестрално изградени ликови, особено извонредната Хана, интригантна наративна структура полна со пресврти, и визуелна естетика која автентично ја доловува ерата, играта поставува нови стандарди за изометрискиот стелт жанр. Комбинацијата од стратешко планирање, вешто користење на уникатните способности на ликовите и потребата за внимателно движење низ детално изработените нивоа, нуди постојан предизвик и огромно задоволство. И покрај тоа што е дело на помал тим, продукциските вредности се неверојатно високи, испорачувајќи искуство кое лесно може да се спореди со ААА насловите. За љубителите на стелт игри кои ценат силна приказна, комплексни ликови и богата атмосфера, Eriksholm: The Stolen Dream претставува несомнено значаен и задолжителен додаток на нивната колекција.

Повеќе детали за играта
- Произведува: River End Games
- Издава: Nordcurrent Labs
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: мај 2025







