Како фантазиска акциона авантура од трето лице, Blades of Fire вешто интегрира елементи карактеристични за Soulslike и Metroidvania игрите, ветувајќи, притоа, оригинален пристап кон воспоставените формули. Откако ќе ја преземете улогата на Аран де Лира, тргнувате на опасно патување за да се соочите со тиранската кралица Нереа и да ја откриете вистинската смисла на вашата судбина. Притоа, ќе наидете на динамични и интензивни битки низ еден преубав свет полн со опасности. За правилно справување со сите непријатни изненадувања, ќе имате на располагање уникатен систем за ковање оружје, како и тактичкиот пристап кон битките. Во неколку клучни аспекти, MercurySteam се обидува да еволуира или редефинира одредени механики на овие жанрови. Ова, како што ќе прочитате во долните редови, особено се гледа преку истакнувањето на изработката на оружје како примарен механизам за напредок, наместо традиционалното надградување на ликовите, и со промовирање на поодмерен борбен ритам.

Blades of Fire е игра на реномираното студио MercurySteam, тим кој стои зад критички признати акциони авантури како Metroid Dread и серијалот Castlevania: Lords of Shadow.
Железна судбина
Приказната на Blades of Fire се одвива во свет зафатен од угнетувачкото владеење на кралицата Нереа. Таа ослободила разорна магија која предизвикува челикот да се претвори во камен, успешно спротиставувајќи се на сите нејзини надворешни противници. Вам, од друга страна, ова воошто не ви се допаѓа. Како првородени од крајлската гарда, имате способност да користите свет чекан кој ви овозможува да ковате челично оружје, заобиколувајќи го проклетството на кралицата. Вие не сте сами во вашата мисија, туку се придружувани од Адсо де Зелк, млад научник од опатијата Егион. Адсо служи како непроценлив придружник, давајќи тактички совети за борба преку анализирање на непријателите и прецизно документирање на нивните карактеристики. Уште поважно, Адсо го зборува древниот јазик на ковачите, што навестува негова подлабока поврзаност со приказната на играта. Неговата улога вклучува и откривање скриени знаења, решавање загатки и дешифрирање древни текстови и магии.

Наративот на Blades of Fire е тесно поврзан со основни гејмплеј механики. Магијата на кралицата Нереа што го претвора челикот во камен не е само заплет; тоа е директно наративно оправдување за централната механика поврзана со ковање. Бидејќи конвенционалниот челик е бескорисен, Аран мора да кова сопствено оружје користејќи го својот уникатен чекан, создавајќи силна тематска врска помеѓу приказната и гејмплејот. Имено, само со правилно изработено оружје може да се надминат слугите на кралицата.

Песната на ковачницата
За разлика од многу RPG игри кои се потпираат на традиционални надградби, Blades of Fire го центрира напредокот околу квалитетот и приспособувањето на оружјето. Силата на Аран е директно поврзана со челикот што го користи. Поради тоа, мора да барате наковални низ светот за да пристапат до ковачницата на боговите. Само тука може да се создаде ново оружје. Процесот на ковање започнува со собирање суровини како железо и јаглен. Железото може да се рафинира во четири варијации на челик – примордијален, благороден, таинствен и епски. Повисоките нивоа на челик бараат повеќе јаглен и даваат помоќно оружје. Избрааниот тим на оружје и материјалите директно влијаат на критичните карактеристики како што се тежина, должина, издржливост, пенетрација и квалитет на острицата. Оружјето се состои од различни делови како сечила, глави, дршки и рачки, овозможувајќи детално приспособување.

Изработката на оружје вклучува уникатна мини-игра каде вие физички го обработувате челикот. Ова бара прилагодување на силата, аголот и положбата на ударот за да се совпадне со белата контура што ја претставува идеалната форма на оружјето. Успехот во оваа мини-игра доделува одредена бројка на ѕвезди кои, пак, го одредуваат бројот на бесплатни поправки што оружјето може да ги добие пред да бара нови материјали. Исто така можете повторно да го загреат оружјето за време на ковањето за да го преобликувате челикот, потенцијално добивајќи повеќе ѕвезди. Целта е да се постигнат 4 или 5 ѕвезди за оптимални перформанси и долговечност на оружјето.

Како што сигурно заклучивте од горниот параграф, оружјето во Blades of Fire не е трајно; тоа се троши и може да се скрши во борба, особено ако се користи против посилни метали. Додека каменот за острење може привремено да ги подобри перформансите, тој ја намалува издржливоста. Ова налага стратешко управување, охрабрувајќи ги играчите да користат послабо оружје за помали непријатели и да ги чуваат своите моќни оружја со многу ѕвезди за посилни противници.
Blades of Fire, долго време развивана под кодното име Project Iron, беше официјално претставена во февруари 2025 година, а своето деби го имаше на 22 мај 2025 година. Играта е достапна за PlayStation 5, Xbox Series X/S и PC преку Epic Games Store.
Играта располага со седум различни типови на оружје: копја, мечеви, сабји, големи мечеви, близначки сечила, ками и стапови. Низ вашата авантура, можете да откриете над 30 таканаречени свитоци на ковачницата. Овие свитоци, во комбинација со изборот на материјали и приспособливите делови, овозможуваат речиси бесконечни комбинации на оружје, како и разновидни стилови на борба. Одредени оружја и нивните варијанти се отклучуваат со поразување на одреден број типови непријатели. Интеракцијата со статуите на Сенешал исто така може да додели нови надградби и опции за опременото оружје.

Тактичка борба и предизвици на бојното поле
Blades of Fir“ се одликува со уникатен и предизвикувачки борбен систем, често споредуван со Soulslike насловите, но со свој карактеристичен идентитет, барајќи од вас промислена стратегија и пресметани потези.
Уште на самиот почеток можете прецизно да напаѓате одредени делови од телото на непријателите, вклучувајќи ја главата, торзото, левата или десната страна, користејќи различни контроли. Нападите може да се извршат со побрзо или посилно, овозможувајќи разорни комбинации. Оружјето нанесува сечење, прободување или тапо оштетување. Изборот на соодветен тип на оштетување е клучен за надминување на оклопот и слабостите на непријателот. Некои оружја дури ви овозможуваат да се префрлите помеѓу различни ставови за да ги промените вашите типови на оштетување, додавајќи уште еден слој на тактичка длабочина.

Особено ни се допаѓа и системот со анализирање на непријателот, при што се добива инстантна визуелна повратна информација: таргетирањето на непријателот прикажува обоена контура. Зелената боја означува максимална ефективност на тековното оружје, жолтата значи умерено оштетување, а црвената означува дека тековното оружје е неефикасно, што поттикнува промена на оружјето. Важно е да се забележи дека некои непријатели може да имаат специфични ранливи делови од телото кои може да бидат зелени дури и ако остатокот од нивното тело е црвен, што бара прецизно таргетирање.

Притоа, може да се браните преку избегнување, тркалање, блокирање и парирање. Ефективноста на овие методи варира во зависност од ситуацијата; на пример, избегнувањето или тркалањето се најдобри против поголеми непријатели. Успешното парирање привремено доделува неограничена издржливост, овозможувајќи ефикасни елиминации на повеќе непријатели. Играта располага со над 50 различни типови непријатели, вклучувајќи ги чуварите на кралицата, разни суштества и немртви чудовишта. Секој непријател поседува уникатни стилови на напад, оружје и конфигурации на оклоп, барајќи приспособливи стратегии од вас.
Издржливоста е критичен ресурс и нејзиното управување е постојано. Бавната природна регенерација и потребата да се држи копчето за блокирање за да се зголеми регенерацијата на издржливоста или да се потпира на совршени парирања за неограничена издржливост значи дека постојано сте ангажирани во борба со вашите нивоа на енергија. Ова не е само мала механика; тоа е примарен начин на кој играта го контролира темпото на борба и тежината, спречувајќи притискање на копчињата и поттикнувајќи пресметани потези.

Светот на Blades of Fire е дизајниран да биде меѓусебно поврзан, со алтернативни патеки и скриени локации кои чекаат да бидат откриени. Играта ве води низ епски поставки, вклучувајќи огромни замоци и сложени, лавиринтски палати. Истражувањето е наградувачко, со опционални патеки кои често нудат корисни надградби. Притоа, можете да наоѓате скапоцени камења кои го зголемуваат здравјето и издржливоста, криптекси кои ги зголемуваат лековитите колби и статуи кои доделуваат нови материјали за надградба за специфични оружја.
Blades of Fire е амбициозен наслов од MercurySteam кој се обидува да спои елементи од Soulslike и Metroidvania жанровите со свој уникатен идентитет. Неговите клучни силни страни лежат во иновативниот и инвентивен систем за борба и ковање оружје. Борбата е предизвикувачка и ангажирачка, барајќи стратешко размислување и приспособување на оружјето кон слабостите на непријателот. Истражувањето на меѓусебно поврзаниот свет, во стилот на Metroidvania, исто така придонесува за длабочината на искуството. Сепак, Blades of Fire не е без свои слабости. Една од главните критики е предолга кампања, што често води до едни исти, повтрливи и, со само тоа, здодевни механики. Дизајнот на нивоата, иако амбициозен, често остава впечаток како збунувачки или нејасен, со недостаток на јасни обележја.

Во суштина, Blades of Fire е игра со значителна амбиција и неколку уникатни идеи, но е игра чијо специфично искуство е таргетирано само за одредена група на гејмери и дефинитивно нема да одговара на сите. Доколку барате предизвикувачка RPG игра која храбро скока помеѓу два забавни жанрови на игра, тогаш топло препорачуваме да ја проверите најновата игра на овој развоен тим.







