Германското развојно студио Keen Games првенствено се прослави со симпатичната игра Portal Knights. Девелоперите решија да го искористат она што го научија од таа игра, да позајмат механика-две од The Legend of Zelda: Breath of the Wild и Valheim и да произлезат со малку поразлична Survival игра во која битките ќе потсетуваат на Dark Souls, но нема да бидат до тој степен предизвикувачки.
Ова се покажа како рецепт за успех, нешто што првин беше очигледно од популарноста на осум-часовното демо, а потоа и со излегувањето на играта во раниот пристап. Имено, за само четири дена, Enshrouded се продаде во над 1 милион примероци и го зацементира своето место во гејмерската индустрија како игра со интригантен свет, длабоки механики и комплексни survival системи.
Старо нешто во ново руво
Како survival акциона игра, Enshrouded ве сместува вас и уште 15 други играчи во огромниот свет Embervale и ви дозволува слободно да го истражувате, да собирате ресурси, да градите бази, како и да крафтате најразлична опрема и оружја. Тука и таму, ќе наидете на најразлични NPC ликови кои или ќе ви продаваат рецепти или пак ќе бараат да решавате различни квестови.
Звучи веќе-познато, нели? Да, но Enshrouded се одликува и со значајни механики кои ги нема во другите survival игри. Една од таквите механики е густата, угнетувачка магла која се вика the Shroud. Поради големата концентрација на токсичност, нема да можете долго време да истражувате додека сте во Shroud. Згора на ова, областа е полна со попредизвикувачки суштества кои користат паметни тактики за опколување и непредвидливо напаѓање.
Од друга страна, навлегување во маглата пружа можности за пронаоѓање корисен плен, така да често ќе се запрашувате дали ризикот ги оправдува средствата. Со оглед на тоа дека играта не го премногу казнува ваквото нешто, ние често навлегувавме во маглата и тука и ги паметиме најзабавните моменти. Во оние ситуации кога бевме убиени, ја задржувавме нашата цела опрема, но ги губевме собраните непроцесирани ресурси.
Како што напоменавме, борбата потсетува на Dark Souls игрите. Анимациите делуваат тешки, одмерени и внимателни, особено при избегнување удари или пак при бранење во последен момент. Но, правење грешки не го казнуваат играчот на ист начин и лесно може да бидат простени слабите рефлекси или hack-and-slash еднолично удирање.
Дополнително, жедта и гладта имаат интересен ефект на битките. Имено, доколку сте жедни, нема да имате премногу висока кондиција, а доколку сте гладни нема да имате голема издржливост. На овој начин, се бара од играчот да ги задоволи основните потреби доколку сака да е најефикасен за време на битките. Независно од ова, како напредувате, така играта добива поинтересна димензија, особено кога ќе стапи на сила отклучување најразлични таленти и зголемување на борбените способности. Можете да специјализирате во една од три класи, а, за поефикасно истражување на светот, пријатно ќе се изненадите откако ќе го отклучите глајдерот и куката.
Игра со огромен потенцијал!
Во моментната состојба, Enshrouded алудира на огромен потенцијал и ветува феноменално искуство за сите љубители на акциони survival игри. Кeen Games планираат да работат на играта скоро цела година. За тоа време, ќе воведат нови области за истражување, нови непријатели и нови ресурси и рецепти, како и зголемен број на оружја и опрема. Доколку сакате да гледате како ќе се развива и проширува играта, нема да погрешите доколку и пружите шанса уште денес!
Повеќе детали за играта
- Произведува: Keen Games GmbH
- Издава: Keen Games GmbH
- Жанр: акција, RPG
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 24 јануари 2024