Ликовите на Селена Гомез и Тејлор Свифт искористени во онлајн измама

Сложена измама на социјалните мрежи со употреба на deepfake видеа и реклами со Селена Гомез и Тејлор Свифт открива нови хоризонти во светот на интернет измамите. Криминалците привлекуваат жртви со ветување за бесплатни садови за готвење од Le Creuset, што завршува со исцедени банкарски сметки на жртвите.

Клучот за успехот и опасноста од оваа измама лежи во висококвалитетните лажни видеа. Рекламите се вешто изработени, копирајќи го не само изгледот, туку и гласовите на познатите поп-ѕвезди. За да биде потешко да се забележи дека видеата се генерирани, измамниците ги вметнуваат ликовите на ѕвездите во видеата повремено. Жртвите, измамени од привидната автентичност, завршуваат со скапи скриени претплати, наместо со ветените подароци.

Како функционира измамата

Првиот контакт на жртвите со измамата е на друштвените мрежи. Кампањата за промоцијата беше активна на сите платформи: Facebook, Instagram, TikTok, и оди некако вака: Селена Гомез поради проблеми со пакувањето во магацинот има илјадници садови за готвење. Таа нема што да прави со садовите и поради ова ги подарува. Како и во најголемиот број на измами жртвата има ограничено време и мора да реагира набрзина.

Пораката, а и добар дел од видеата се идентични. Тејлор или Селена имаат вишок од 3000 садови кои поради некаков проблем со пакувањето не може да ги продадат. Затоа до крајот на денот ќе ги подаруваат садовите на своите верни обожаватели. За да изгледа полегитимно додадени се различни ограничувања, на пример добитниците мора да бидат од САД и да одговорат на неколку прашања.

Кога жртвата ќе отвори некои од овие линкови не ги префрлаат веднаш на страницата за плаќање. Наместо ова има ќе ги пречекаат лажни страници и вести од копии на популарни медиуми како Fox, NBC или CNN. На овие страници жртвата може да се увери дека Le Creuset навистина има „giveaway“. Слично како и со фишинг измамите и во овој случај страниците се веродостојна копија на оригиналот, имаат соодветно лого и брендирање. Покрај ова, посетителот може да забележи и куп лажни статии со наслови кои известуваат за „подароците“ на Селeна или Тејлор. Во целосно фабрикуваните статии имаше цитати, сведоштва и дополнителни уверувања за веродостојноста на подароците.

Ако ова беше доволно за да ги убеди жртвите, сѐ што требаше да направат за да го добијат сетот за готвење е да платат за испорака. Цената на испораката е 9,95 американски долари. За садови за готвење чија цена е стотици долари, тоа е незначително. Поточно, ќе беше незначително, ако беше точно. Наместо ова, жртвите кои решиле да ги прифатат садовите од Селена и Тејлор се претплаќале на скриена месечна претплата со вредност помеѓу 89,95 до 99,95 американски долари. Оваа сума се повлекува од сметките на жртвите 3 до 5 дена по првата уплата од 9,95 долари, и ќе продолжи да се краде од жртвите се додека не забележат што се случува.

Добро разработена измама

Во овие измами напаѓачите во неколку нивоа ги убедуваат жртвите дека не станува збор за измама. Најпрво со поврзување со популарен бренд и со поп ѕвезди кои ги продаваат и промовираат производите. Потоа, тука се популарните друштвени мрежи кои веројатно не можат во целост да ги филтрираат овие реклами.

Напаѓачите креирале и веб-страници кои дополнително треба да ги убедат жртвите дека нема никаква измама, дека големи медиумски куќи известуваат за акцијата. Веб-страниците се направени доволно добро што без проверка на адресата можеби и нема да забележите дека не сте на страница на некој од медиумите. Иако, со детален преглед, ќе се забележат и печатни грешки и недостатоци во дизајнот и слично.

Спомнувањето на плаќање прилично доцна во целиот процес дополнително влева доверба кај жртвата.

Сепак, измамата не завршува тука. Кога корисникот ќе забележи дека од неговата сметка е повлечена поголема сума има број на грижа за корисници (секако лажна) кој може да го побараат. Тука ќе добијат „објаснување“ дека тоа се пари за некоја понуда која не ја искористиле на страниците кои ги посетиле. Дел од жртвите добиле и закани дека ќе бидат тужени бидејќи не исполниле некои од условите, или едноставно, биле оставани да чекаат додека не се прекине линијата.

Што ако сте жртва на ваква измама

За жал и во иднина ќе бидеме сведоци на слични измами, и тоа колку повеќе ќе напредува технологијата ќе биде уште потешко да се препознаат. Дополнително, ако сега се потребни некои вештини, веројатно наскоро ќе биде многу полесно да се генерира секаква содржина.

Дури и на друштвените мрежи во Македонија има вакви објави за „целосна распродажба“ или продажба на поштенски пратки. Еве неколку совети од Malwaretips  кои може да би помогнат ако сте жртва на онлајн измама.

Штом забележите дека сте жртва на измама контактирајте ја банката. Побарајте да ја прекинат претплатата и ако може да ја сторнираат исплатата на средства. Распрашајте се дали може дел од парите да ви бидат вратени.

Избришете ги сите профили. Одете на страниците на кои сте ги направиле профилите и ако можете избришете ги. Ова ќе ги избрише податоците за плаќање и ќе спречи понатамошно активирање. За жал можеби измамниците имаат бекапи.

Ако немате добра пракса и користите исти лозинки на различни локации, веднаш сменете ги лозинките кои се исти со лозинката која сте ја употребиле.

Внимателно следете ја состојбата на платежната картичка. Ако забележите сомнителни трансакции пријавете ги кај банката.

Пријавете ја измамата во Министерството за внатрешни работи – Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика и во CIRT.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments